За новата трака таа вели:
„‘Ayde’ настана уште во 2015 година кога се вратив да живеам од Бугарија во Македонија. Тоа време размислував што да правам со животот, бев невработена, животот ми изгледаше многу тежок, ми требаше промена, се борев со анксиозност и депресија, а музиката ми беше единствен спас. Па така настана почетокот на ‘Ayde’, кој за мене значи светлина, глас, надеж, повик, спокој. Беше долга речиси една минута, имаше само една строфа на македонски јазик, меѓутоа не ми доаѓаше инспирација како да ја продолжам понатаму и што, всушност, сакам да кажам со песната.
По 4 години во ‘фиока’, кога префрлав стари проекти во новиот компјутер, решив пак да ѝ се посветам. Тогаш одлучив да нема никаков текст, никакво пеење, само инструментални звуци. Ги снимив гитарите и пак заглавив инспиративно, меѓутоа не сакав да брзам никаде. По една година пауза откако ги снимив гитарите, го имав концептот во глава, ги снимив вокалите што се само еден збор – ‘ајде’. И еве сме, спремни да ја пуштиме, ајде кликнете и слушнете ја :)“
Неодминлив дел од нашиот разговор е и нејзиниот живот во Амстердам. Ја прашавме дали се пронајде себеси во овој мултикултурен и вибрантен град.
„Амстердам е прекрасен град што инспирира и никогаш не спие. Овде се пронајдов многу лесно, најмногу ми се допаѓа таа мултикултура и соживот меѓу речиси сите религии и нации и е најблиску до општество кое е блиску до идеалното. Уште од дете омилено превозно средство ми е велосипед, така што овде со велосипед се научив да одам од А до Б во речиси сите можни временски услови и сценарија (се смее).
Пред да се преселам во Амстердам, електронската музика не ми беше толку блиска, меѓутоа тука е невозможно да не си опкружен со тој жанр бидејќи е насекаде! Тој елемент целосно ги смени моите погледи кон музиката што сакам да ја правам! Ги отворив вратите на сите свои влијанија и жанрови без никакви ограничувања дека нештото треба да спаѓа во одреден обрач и решив да создавам музика што мене ми се допаѓа, без да се двоумам дали ќе биде прифатена или не.“
Ámika вели дека сака да ја насочи својата музичка кариера во сите правци и не се ограничува со алатките што ги држи в раце.
„Доколку мене ми се допаѓа тоа што го создавам и јас сум среќна со тоа што сакам да го кажам, ќе се пронајде некој во тоа некаде на Земјината топка. Сега е благослов тоа што преку интернет можеме да споделуваме информација и уметност речиси насекаде низ светот. Поздрав до сите читатели и би сакала во оваа пригода да ги повикам оние што сакаат да ме следат на социјалните мрежи да го направат тоа и/или да ме поддржат со тоа што ќе ја споделат мојата музика доколку им се допаѓа.“
Фотографии: Rob Pols