Уште како дете Вајман имал навика да собира сѐ и сешто и да го документира своето секојдневие преку пишување дневници и книги.
Таа навика продолжила и кога станал член на „Стоунси“ во 1962 година, кога како млад татко сакал да го документира животот во еден блуз-бенд за својот тукушто роден син. За блуз-бендот по име „Ролинг стоунс“ не предвидувал некоја долга иднина, но барем ќе се забавувал. Оттогаш Вајман вредно ги собирал сите предмети, постери, инструменти, меморабили, гардероба поврзана со бендот и низ годините објавува книги поврзани со историјата на бендот, автобиографија, а оваа година ја објави и „Stones From the Inside: Rare and Unseen“, која изобилува со негови ретки и необјавени фотографии од бендот во сите негови фази, сѐ до неговото заминување.
Повеќето од луѓето на фотографиите не се ни свесни за присуството на фотоапаратот ниту дека некој ги фотографира. Најчесто Брајан Џоунс, Мик Џегер, Кит Ричардс, Чарли Вотс и другите, не позираат како што тоа го прават на официјалните ПР-фотографии. Тоа што книгата на Вајман го нуди е пристап без преседан до внатрешниот круг на „Стоунси“ за време на проби, патувања, концерти, соблекувални, одмори, прес-настани. Фотографиите прикажуваат како бендот работи, настапува, се среќава со фанови или со пријатели како Ерик Клептон, Џон Ленон, Дејвид Боуви, Кит Мун, комедијантите Џон Белуши и Ден Екројд и многу други. Самите фотографии прикажуваат поинаква страна на феноменот наречен „Ролинг стоунси“. Некои прикажуваат интимни моменти, а други јавната страна, но го прикажуваат и патот што една глупа блуз-пуристи од 60-тите го чекореле за да станат глорифициран шоубенд и рок-бренд.
Која беше идејата зад книгата „Stones from the Inside“ и какви приказни раскажуваат овие фотографии за групата?
Тоа беше вујко ми Џек, кој ми го подари првиот фотоапарат „Brownie Box“ кога се врати од војска по Втората светска војна. Фотоапаратите беа многу ретки во тоа време и тој беше единствениот што имаше еден. Бев фасциниран од него и фотографирав сѐ околу мене што ќе ми се фатеше за око, како природа и историски зданија. Додека бев со „Стоунси“, фотографирав работи за да ги илустрирам моите дневници и да водам евиденција за син ми. Никогаш претходно не помислив да ги објавам или да ги изложам. Тие работи воопшто не ми паднаа на памет, но се чини дека кажуваат приказни за кои луѓето се заинтересирани.
Дали постоеше некој посебен момент или настан во Вашиот живот, кој Ве натера да помислите дека фотографијата е уште една форма за Вие лично да се изразите?
Почнав да фотографирам многу пред да станам музичар и затоа тоа секогаш беше дел од мене. Дури и сега тоа што ме опкружува го гледам преку леќата од апаратот во потрага по тие интересни моменти што вреди да се фатат.
Покрај музиката, познати сте и како личност со различни интереси и по огромната колекција предмети, меморабили и фотографии што биле собирани со годините. Што беше тоа што го предизвика интересот за собирање на овие предмети за „Стоунси“ и вон нив сите овие години?
Честопати луѓето ме прашуваат зошто собирам работи. Секогаш сум чувствувал дека е важно да се води евиденција за тоа што се случува. Собирањето работи го правам уште кога бев дете во Втората светска војна. Баба ми ме натера да собирам разни интересни работи и почнав да водам евиденција за нив. Со текот на времето моите колекции стануваа сѐ поголеми. Мојата архива ми овозможи да создадам разни типови проекти, кои ги споделувам со светот и ова сѐ уште се случува.
Како музичар што ја разбира моќта што музиката и стиховите ја имаат врз некој слушател, каков е односот помеѓу Вашето уво за музика и око за фотографија?
Мислам дека музичарите се добри ликови за фотографирање бидејќи типично водат живописни животи на и надвор од сцената и носат уникатна гардероба. Секогаш се обидувам да фотографирам луѓе кога не гледаат или не се свесни за присуството на фотоапаратот. Затоа се обидувам да ги доловам тие моменти што се неочекувани за луѓето, а кои ми се најинтересни. Фотографијата и музиката ми се многу слични, математички гледано. Математиката секогаш ми бил омилен предмет во училиште, па затоа ми е интересно да ги правам овие споредби.
Кои се некои од фотографите на кои сте се угледувале со годините?
Бев многу инспириран од раните фотографи на „Стоунси“, а потоа станаа пријатели, луѓе како Дејвид Бејли, Тери О’Нил, Итан Расел и Џеред Марковиц. До ден-денес честопати се навраќам на фотографиите од „Стоунси“ направени од големиот Кен Реган. Исто така, наоѓам инспирација и во модниот фотограф Стив Хајт и американската фотографка Шила Мецлер.
Како музичар, дали некогаш кога ќе видите некоја фотографија од „Стоунси“ или некоја од Вашите во оваа книга, Ви се случило да откриете дека тие во себе имаат звук?
Мислам дека музиката и фотографиите раскажуваат приказни. Додека бев член на „Стоунси“ сликав фотографии како визуелна документација на мојот живот, па затоа секојпат кога ќе ги видам, ме потсетуваат на одреден момент во времето и ги доловуваат сите сеќавања и емоции од тој момент, вклучувајќи и звук.
Меѓу честите фотографии што може да се видат во книгата, се и оние на починатиот Брајан Џоунс. Денес неговата улога и работа со бендот се затскриени зад огромниот успех на бендот и место во историјата. Дали би можеле да зборувате за Вашиот приватен и работен однос со него и какво е Вашето мислење за неговата важност за музиката на „Стоунси“?
Секогаш бевме заедно со Брајан. Мик и Кит споделуваа една соба, Чарли и Ендру Олдхем делеа друга, а јас и Брајан секогаш делевме своја соба. Имавме обичај да излегуваме заедно во сите можни клубови. Мислам дека еден бенд треба да биде како семејство и да остане обединето. Секогаш се чувствував близок со Брајан. Отсекогаш ме фасцинирал начинот на кој тој ќе земеше инструмент и ќе додадеше нешто магично во песните.
Какви се Вашите планови за во иднина што се однесува до работните обврски?
Мојот сегашен живот е еднакво хаотичен како и секогаш што бил. Работам постојано, дури и за викендите и за празниците. Секој ден е ден за мене. Се надевам дека следната книга ќе биде уште една книга со фотографии, можеби уште фотографии за „Стоунси“ или фотографии од природата. Главава ми е секогаш полна со нови идеи за нови проекти.
Ненад Георгиевски
Насловна фотографија: Brian Rasic