На гледачите отстрана им останува задачата да одгатнат која е мистеријата зад погледот на една жена. Во оваа серија на портрети прикажувам млади и талентирани жени кои и покрај сите ограничувачки фактори што може да ги има во една вака мала средина, не престанале да се трудат, да творат и на патот кон својот успех да се обидуваат да остават свој печат врз македонското културно миље. Тоа се актерки, уметници, режисерки, писателки, мејкап артистки, дизајнерки и со еден збор – креативци кои својот најмоќен израз го даруваат на една или друга уметност.
Ентузијазмот е големата сила која им дава енергија и за мене токму тоа ја претставуваше магијата која сакав да ја овековечам во нивните погледи, кога весели, кога заводливи, кога тајновити… но, секогаш борбени и храбри.
Затоа и сакам оваа моја изложба да им ја посветам ним и на овој начин да им оддадам скромно признание за нивните досегашни успеси, со надеж дека во мојава земја ќе започне процес на вистинска валоризација на сите видови на културни дејци. Оваа изложба ја поставувам со надеж и дека некоја млада жена ќе се пронајде во погледите на овие жени и ќе продолжи да чекори по својот пат.
Изложбата ќе биде отворена на 09.03.2020 (понеделник) во 19ч. Во просториите на Europe House. Изложбата е организирана во рамки на серијата Културни приказни на делегацијата на ЕУ во Скопје. Изложбата ќе остане отворена за посетители до 27.03.2020.