Сепак, за нешто малку повеќе од 6 години постоење, 3 албуми, еден куп видеоспотови и бескраен низ концерти, на белградскиот состав „Артан Лили“ му појде од рака она за што сонуваат сите бендови во светот: полни сали, популарност, потврда за вложениот труд и љубов. Издаваат кооперативно за најголемите регионални дискографски куќи „Croatia Records“ (Загреб) и „ПГП-РТС“ (Белград), а штотуку добија награда за „извонредно дело“ од „Задужбината на Милан Младеновиќ“, за нивната композиција Д.Е.П.Р.А.
Токму „Артан Лили“, еден од најпопуларните бендови од регионот и веќе миленик на пребирливата скопска публика, е гостин во Скопје, в сабота на 7 март, во рамките на иницијативата „Овде е добро“. Иницијатива која има намера преку промоција на вистински културни вредности, да предизвика критичко размислување и дискусија, со цел лоцирање на проблемите, нивно отстранување и создавање подобра клима и услови за живот и развој на младите кај нас. Освен „Артан Лили“, на фестивалот ќе настапат и скопските „Pluto’s Doubts“, Muhamed Ibrahimi, „MvrSvr“ и „Blackstate“. Навистина импозантна програма, која веруваме ќе предизвика огромен интерес и полна сала во скопскиот МКЦ. Вратите се отвораат во 20 часот, а настапите започнуваат во 21:00. Во тоа име PopUp направи мало интервју со бендот „Артан Лили“, кое можете да го проследите веднаш по нивниот најголем хит „Ако станемо ту“.
Се чини дека вашата популарност во последно време доживува некој вид кулминација. Се сложувате ли со тоа? Која би била причината за тоа, дали можеби логична последица на вложениот труд?
Кога сериозно ќе му се посветите на она што го работите, успехот не може да изостане. Минаа 6 години откога групата постои и работи, а ние сериозно се изнапатувавме низ целиот регион. Благодарејќи на нашата иницијатива да свириме буквално секаде, публиката многу добро нè запозна и знае дека буквално секогаш го оставаме срцето на „терен“. Тоа е причината за извонредната посетеност на нашите концерти каде и да отидеме, со очигледна тенденција за пораст на публиката.
Во моментов се наоѓате на регионална турнеја. Како изгледаат нештата за вас во овој момент?
Се потрудивме да го кренеме нивото на продукцијата во склад со новиот звук на бендот. Мислам дека публиката тој труд го препознава и го поддржува со воодушевување. Концертите се главно распродадени каде и да одиме. Што би можел човек да посака повеќе?
Вашата музика е комбинација на многу различни влијанија и се чувствува дека вашите погледи се доста широки. Дали себеси се доживувате како продолжеток на златната доба на југословенската (белградска) сцена од 70-тите и 80-тите, или нешто сосем друго?
Има тука сешто. Различни нешта од мошне широк дијапазон влијаеја и сè уште влијаат врз бендот. Што се однесува до креативниот процес, најважно е дека инспирацијата од некаде доаѓа. Ако е тоа добро место, тогаш тоа се песни што се паметат и публиката ги сака. Не е важно дали се хитови или не.
Збор-два за вашето досегашно искуство со Македонија. Што очекувате од концертот в сабота?
Секогаш истакнуваме дека тоа е посебно место за нас. Многу нешта ни се поврзани со Македонија. Првиот продуцент на групата воопшто е Ненад Трифуновски – Трипе од Скопје. Самиот назив на бендот е настанат во Куманово, а имаме и навистина добри пријатели долу. Што повеќе да кажеме? :))) Инаку, знаеме дека интересот за концертот на групата е голем. Доста долго не сме биле во Скопје и очекувам журка за паметење и секако МКЦ да биде исполнет до крај.
Фотографиите се преземени од fb страницата Artan Lili