Викендов кога ја поставуваше изложбата, поминав да го видам Масин во акција. Отсекогаш ми било енигма како изгледа кога е сериозен, зашто никогаш со него не сум водела сериозен муабет. Секогаш тоа биле доскочици, зезање и смеење.
На влегување во Изложбениот салон, симнувајќи се по скалите од службените простории, ми рече: кога минуваш улица, фати ме под рака. Животот се случува додека правиме планови за иднината, рекол Џон Ленон. Јасно ми беше дека со Миро не можеме да се уозбилиме и затоа ова не е класично интервју туку некаква мешавина од Прустов прашалник и мои закачки.
Како бегаш од политика?
Се бранам со молчење. Кај мене дома има знак, над каминот, на постаментче пишува: политика и фудбал – НЕ и најстрого е забрането разговор за политика.
Не кога се дружиш со пријатели, туку кога си сам, како ти успева? Читаш вести, имаш телевизор, гледаш, следиш?
Отприлика знам, се дружам со политичари ама ни со нив не зборам за политика.
Кој ни ја сече гранката на која седиме?
Самите си ја сечат гранката на која седат. Која било птица да долета, јас ѝ кажувам на која гранка да слета. Јас сум координатор за политика. Мислите кај птиците нема политика? Има, поголемите ги јадат помалите.
Си се заглавил ли во лифт и со кого би сакал да се заглавиш?
Никој не ме прашал досега, а не сум се заглавил. Сакам да се заглавам со Брижит Бардо, кога беше во најубавите години.
На што се восхитуваш кај пријателите?
(долго мислеше) На нивната добрина.
Зошто те сакаат луѓето?
И јас ги сакам. Велат, ме сакала публиката. Има интеракција, затоа.
Јас не сум чула некој да зборува лошо за тебе…
Ехее. Има, има. Глумат, ако е така. Има пациенти што сакаат да цицаат енергија.
Многу е просто. За љубов се потребни двајца. Ако едниот сака, а другиот не, тогаш тоа е конфликт.
Твојата идеја за среќа?
Да биде сѐ опуштено.
Што мразиш најмногу?
Исфрустрирани луѓе.
Како би сакал да умреш?
Не сакам да умрам. Кој сака да умре?!
Се плашиш од нешто?
Ако кажам дека не се плашам, значи лажам. Општопознато е дека живеам хедонистички и користам разноразни помагала за да заборавам на смртта.
Моментална состојба на умот?
Во фрка пред изложба.
Што презираш кај себе?
Кај себе?! (Се смее)
Сѐ или ништо.
Што те депримира?
Ништо. Никогаш не сум бил во депресија. Од што да се депримирам, од пациенти и кретени?! – Не.
Си бил тажен?
Да, кога со баба ми Здравка и мајка ми гледав „Гратчето Пејтон“, они плачеа и јас со нив. (смеење)
Забрането уживање?
Не сум во позиција ниту некому да забранам ниту, пак, дозволувам некој мене нешто да ми забрани.
Дали должиш некому нешто?
На Зоки рамкар 20 евра и Драги мене 20, така што ќе пребиеме.
Најголема љубов во животот?
Многу. Ако мислиш на жени, секоја следна е поголема.
Што би променил во твоето минато?
Векот во кој живеам. Би сакал да живеев во времето на принцези, во замок, да сум принц и да уживкам.
Откриј ни тајна…
Специјално за тебе? Потивко, ќе ти ја кажам за да не ја објавиш.
Колку пати си кажал „те сакам“ и дали си излажал?
Многупати сум кажал и многупати сум излажал.
Кога лажеш?
Само кога морам, оние „бели лаги“.
Најважна лекција во животот?
Да лажеш бело ама да не крадеш.
Совет за среќа?
Летај народе мој, летањето е прекрасна работа!
Колку леташ со умот?
Си летам секој ден барем 23-4 саати во денот. Убаво е, летањето нема граници. Јас и мртва природа кога цртам, си летам. И мајмуните летаат на некои мои слики. Сега ќе нацртам еден мајмун со крилја.
Имаш крилја?
Да. Па се трудам да ми пораснат. Јосип Ости вели (парафразирам): и мене, како сите птици, ме жуљаат крилјата кога спијам на грб.
Ти како спиеш, на стомак или на грб?
На страна.
Ги разбираш птиците?
Кога го прашале Пикасо што му значат некои слики, тој ги прашал дали се разбираат птиците кога пеат? – Не. А убаво пеат.
Се разголи пред објективот на фотографот Вацлав Лукиќ-Вац. Колку твоите дела те откриваат?
Тоа беше една прекрасна фотосесија. Родени сме голи, ни се плашам ни се срамам од моето тело. Не ми е јасно зошто не може да се каже кур, а може пенис. Секс, од тоа сме настанати. Треба да ги разбиваме тие табуа.
Правиш компромиси за да се допаднеш?
Тоа е нормално, потсвесно. Иако во последно време не.
Некаде прочитав дека нема твои слики во колекциите на музеите?
Можеби има, ама не купиле од мене. Сѐ тоа е врзано со политика.
Каков предизвик е да изложуваш во МАНУ?
Ми се допадна просторот и постановката е специјално правена за тука.
Уште каде не си изложувал, Музеј на современа?
За таму треба големи формати. Ако го спуштат плафонот, имам слики и можам и догодина да направам.
Ќе одмориш ли по изложбата, како се одмораш?
Не. И јас сум од тие што се залажуваат со „од понеделник“. Каде и да одам, ќе си најдам пријателче за пијачка. Лани бев во Грција и мислев дека одам на место каде што нема да сретнам познати. Уште првиот ден чув: Маестро? Бев соба до соба со познајник. Не може да се побегне и да се одмора.
„Не си машко ако не забремениш“ беше насловот на твојата збирка поезија во деведесeттите. Дали се каеш за нешто што не си направил во животот?
Ако морам да одговорам, жал ми што немам ќерка која сега би имала 30 години, но мислам дека имам уште време да направам некои работи за кои ќе се каам.
(Текстот не е лекториран за да се зачува неговата автентичност)
Илинка Делчева