1. A Prayer Before Dawn (Молитва во мугра)
Најблизок пример во последниве години до мојата перцепција за чист филм. Драмата за англискиот боксер кој завршува во валкан и суров тајландски затвор е раскажана преку слики, емоции и пеколен ритам кој трае до последниот филмски квадрат.
2. The Rider (Јавачот)
Емотивен, искрен и брутален, филмот зборува за заедница на родео јавачи во САД кои се соочуваат со лимитот на нивните повредени тела и неможноста да најдат друга дефиниција за сопствениот живот, особено во средина во која е почесно маж да умре на јавање отколку да живее спокојно, далеку од ризиците и возбудата кои ги носи родеото.
3. Parasite (Паразит)
Сиромашните се паразити, богатите работливи и продуховени, скоро наивни. Познатиот капиталистички наратив се распаѓа како кула од карти кога при еден пороен дожд сликовито ќе се судрат двата нееднакви света во екстремен контраст: преубавата модернистичка куќа со стаклени ѕидови во која дождот е заводлив и романтичен и подрумот каде што живеат нивните модерни слуги преплавен до плафон во измет, уништен заедно со нивните животи. Зачудувачки јасно станува насилството што следи.
4. Joker (Џокер)
Филмот тврдоглаво одбива да се поклони на новите таканаречени „woke“ етички стандарди кои очекуваат уметноста да ја свитка кичмата пред политички коректните идеали, додека нивните приврзаници ја третираат публиката како лице со посебни потреби, неспособна да сфати што е филм, а што реалност. Бранувајќи го човечкиот дух, „Џокер“ зборува за системските проблеми на комплициран и емотивен начин, меѓутоа „PC“ критичарите се шокирани што емпатизираме со психопат. Се прашувам дали е возможно да се направат денес филмови како „Kids“, „Romper Stomper“ и „Scarface“? Ќе дојде ли време кога и антијунакот ќе биде забранет?
5. Вестерн (Western)
Во оваа современа драма, германски градежни работници живеат и работат на границата помеѓу Бугарија и Романија. Нивниот суров машки свет се судрува со оној на луѓето од околните села. Проблемот настанува кога еден од нив, чувствувајќи ја топлината и човечката блискост на селаните, сè повеќе почнува да се идентификува со нивниот свет отколу со својот.
фотографија: Театар за сите