По триумфот на најпознатиот светски фестивал за документарен филм „Санденс“, во февруари минатата година, сагата за последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се закити со низа престижни филмски награди меѓу кои и наградата за најдобар документарен филм на DocsBarcelona 2019, на DocAviv Film Festival 2019, на Montclair Film Festival 2019, а се најде и на листите на најдобрите годинешни остварувања на „Њујорк Тајмс“, „Ролинг Стоун“, „Варајети”, „Венити феир“. Неодамна, снимателите на македонскиот документарец „Медена земја“, Фејми Даут и Самир Љума, ја добија наградата „Cinema Eye Honors“ за исклучително достигнување во кинематографијата, а филмот ја освои и наградата за најдобар документарен филм која ја доделува Меѓународното здружение на филмски критичари (NSFC). Нашата рецензија за „Медена земја“ можете да ја прочитате овде.
Во категоријата најдобар интернационален филм „Медена земја“ е во конкуренција на францускиот „Клетници“ (Les Misérables), полскиот „Corpus Christi“, јужнокорејскиот „Паразит“ (Parasite) и шпанскиот „Болка и слава“ (Pain and Glory) на Алмодовар.
Во категоријата најдобар документарен филм „Медена земја“ е номиниран заедно со: „Американска фабрика“ (American Factory), „Пештера“ (The Cave), „Работ на демократијата“ (The Edge of Democracy) и „За Сама“ (For Sama).
Сега Македонија има вкупно 4 номинации за наградите Оскар. Претходно номинирани беа „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и кусиот документарец „ДАЕ“ на Столе Попов во 1980 во категоријата најдобар кусометражен документарец.
92-та Оскаровска ноќ во организација на Академијата за филмска уметност и наука на САД, ќе се одржи на 10 февруари 2020, во Dolby Theater, во Лос Анџелес. Периодов, „Медена земја“ се прикажува во кино „Милениум“ (до 15 јануари од 20 часот) и во Кинотека (до 18 јануари, со проекции од 18 и 20 часот).