PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Смирна Куленовиќ: Босанските жени повеќе не треба да се жртви

popup by popup
јануари 10, 2020
in Уметност
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Се занимава со концептуална уметност, перформанс, звучна уметност, филм и текст. Bosnian Girl 2, делото по кое е меѓународно позната, е дел од нејзиниот ангажман во герила-активизмот и директните интервенции во јавниот простор. Ја затекнавме во Галеријата на МКЦ заедно со млади луѓе од различни земји, во изведбата на интересен перформанс што таа го нарекува „AРХИ-ПОРНОГРАФИЈА: Скопје 3014“, симбол на желбата да се замисли поинаква иднина.
Смирна, сега кога сме овде, илјада години напред во иднината, каква е целта на твојата работилница „Скопје 3014“? 😊
Целта на мојата работилница беше да ги извадам активистите од класичниот NGO-формат и да размислуваат повеќе уметнички за сите теми, меѓу кои и за човечките права. Конкретно, работевме на една имагинарна идеја наречена „Скопје 3014“ и учесниците имаа задача да ги осмислат скулптурите што би сакале да ги постават во Скопје за илјада години, т.е. да замислат еден футуристички град во кој денешниве скулптури кои повеќе реферираат на античкото минато, би биле заменети со нови вредности. Учевме како да ги изразуваме своите идеи преку телесните движења и на крајот излезе многу убаво.

Каква е сега твојата позиција во однос на националниот, па и секаквите форми на идентитет, во време кога постојано се бара од нас да се врамиме, вклопиме, да се идентификуваме како нешто?
Имам тетоважа на која пишува НИШТО. Бев во ситуација кога од мене бараа да се изјаснам како Бошњачка, Хрватка или Србинка или останати. Јас сакав да ја избегнам ситуацијата некој да ме обележува според тоа на која нација ѝ припаѓам, па посакав да бидам ништо. Во нашиот систем тоа не е возможно, па поминав осум месеци без пасош бидејќи не сакав да се изјаснам. На крај морав да се впишам во „останати“, иако и понатаму се чувствувам како ништо.

Те видовме на моќната фотографија Bosnian Girl 2, со кренати средни прсти пред зградата на ЕУ делегацијата во Сараево, референца на Bosnian Gril од Шејла Камериќ во 2003 година. Може ли да се зборува за постепена промена на положбата на босанската жена во општеството кое иако е толку истрауматизирано од војна, сепак продолжува да запаѓа во вителот на национализмот и шовинизмот?
Bosnian Girl 2 за мене е едно дело што го означува почетокот на новата ера за босанските жени. Време е да се промени начинот на кој нè гледаат – како жртви. Со ова директно и брутално дело, сакав да покажам дека ни е доста од таквиот вид идентитет што ни го наметнуваат, посебно ЕУ и луѓето надвор од Балканот. Верувам дека токму сега почнува времето во кое ние, младите жени од Босна и Херцеговина, го менуваме својот идентитет и сме доволно храбри да го покажеме тоа.

Како се одвива таа виктимизација?
Најлошото се состои во тоа што луѓето ја прифаќаат виктимизацијата како нешто во што самите веруваат. Во Bosnian Girl 1 гледаме како луѓето однадвор нè гледаат како жртви на силување, на војната воопшто, како кутрите жени од Босна кои се сиромашни, немаат пасоши или склучуваат бракови заради пасоши… За жал, тоа чувство на инфериорност жените го прифаќаат и прифаќаат дека е полесно да се биде жртва отколку некој што ќе се бори за своите права. Тој процес на виктимизација почнува од мали нозе, од начинот на кој нè воспитуваат во училиштата, дека жената е секогаш онаа инфериорната, која нема исти права како мажот.

Сега работиш на проект што, на некој начин, е дигресија од општествено ангажираните дела и перформанси и се занимава со проучување звуци… Каде им ја наоѓаш заедничката нишка на различниве проекти, ако воопшто ја имаат?
Сега се обидувам да се пронајдам на некое духовно ниво. Мислам дека причината за сите политички проблеми и ситуации треба да се бара во тоа што човекот веќе не е поврзан самиот со себе, никој не се занимава со прашањата за својот идентитет, со философијата и со подлабоките нешта. Во еден период имав проблеми со полицијата и властите, и почнав да го работам мојот мастер во чии рамки се занимавам со технологијата на уметноста и звукот. Овој проект го опфаќа звукот што го произведуваат клетките на човечкиот организам кога се среќаваат едни со други. Тој звук на микрониво се мери со одредени програми и нè потсетува на некој вид самоорганизација што се случува во нашите организми, во кои различните делови комуницираат едни со други и ни овозможуваат да постоиме. Тоа за мене претставува некој вид иднина за Босна и Херцеговина, бидејќи мораме да научиме како да комуницираме.

Зборувавме за виктимизацијата, но директни притоки на голем дел од нашата балканска уметност се токму тегобното минато, страдањата и неправдите што сме си ги нанесувале едни на други…
Се согласувам. Токму сега тие западни кустоси сфаќаат колку е специфична нашата уметност, баш поради тоа што постојано сме биле во некакви војни, сме страдале и сме го немале тој луксуз да создаваме уметност само заради уметност, без никаква смисла, чиста апстракција. Кај нас уметноста е испровоцирана од вистински случки, така што нашата поствоена генерација од босанската уметност е најинтересна во целата историја на уметноста. Тоа се искрени луѓе и тоа ми недостасува во Австрија, каде што студирам. Не можам да кажам дека ми се допаѓа некое дело од колегите со кои студирам, бидејќи ја гледам таа празнотија, неискреност, буржоаска приказна… Сега најмногу се плашам да не поминам поголем дел од времето таму за да не ја изгубам поврзаноста со Босна, но секогаш се враќам…

Некој вид свесно посакување болка со цел да се создава? 
Истото тоа ми го кажа и мајка ми (ха-ха) 😊 Не знам што да кажам. Кога гледам дека ништо искрено не може да излезе од мене, престанувам да работам и запаѓам во апатија. Испровоцирана сум од вакви теми што ме опкружувале уште од мали нозе во поствоен контекст. Сега се занимавам со куќата на Хитлер која е претворена во полициска станица, а притоа луѓето во Австрија не гледаат критички на тој факт, па ми велат: Ти си дошла од Босна да ни кажуваш нам… (ха-ха) Имам сентименталитет за тешки теми. Тоа е.

Политичката ситуација во твојата земја е веројатно најкомплицирана на Балканот со политичко уредување кое е единствено од таков вид во целиот свет. Среде сите тие ентитети, кантони и закрвени политичари, ти, преку перформансот „Чиста крв“ симболично чистеше улица со крв во главниот град на Република Српска, Бања Лука. Раскажи ни нешто повеќе за тоа…
Тоа ми беше најтешкиот перформанс, и физички и психички. Станува збор за улица во должина од 2 километра што ја чистев на колена од бојата, користејќи само четка. За мене тоа беше конечен коментар на сè што се случува во Босна и Херцеговина, бидејќи еден од тројцата претседатели е Милорад Додик, кој ги глорифицира воените злосторства, отворено зборува како треба да се убиваат муслиманите… Мојата врска со ова е лична бидејќи изгубив дел од моето семејство во геноцидот во Сребреница, па кога слушам такви работи, не можам да не реагирам. Затоа отидов во Бања Лука, која е центар на ширењето на таквата пропаганда. Отидов во индустриската зона Инцел, која пред војната беше најпросперитетен дел од Босна, а сега е целосно разурната и поминав два километра на колена. На крајот, не знаев дали плачам или се смеам, добив многу заканувачки пораки, дури една фашистичка група од Бања Лука се упати физички да се пресметува со мене… но, не се случи ништо. Добрата работа е што овој перформанс испровоцира многу луѓе да размислуваат покритички за ситуацијата што ни тропа на врата и се заканува да се повтори.

Како младите во регионов можат да ги надминат разорните ефекти на војните и остатоците од национализмот?
Младите не можат да го надминат ако не го прифатат минатото. Ако не сме свесни што се случило, ќе ја направиме истата грешка. Тоа е и грешката на образованието во Босна. Таму има два образовни система, од кои едниот учи дека војна воопшто немало. Младите луѓе прво треба да се едуцираат што се случило порано за да не се повторат истите грешки и треба да создаваат свои, нови вредности.

Previous Post

8. Роденден за отворање на сезоната во МКЦ

Next Post

„Медена земја“ номиниран за две награди Оскар

Next Post

„Медена земја“ номиниран за две награди Оскар

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum