Но кога на сето тоа ќе го додадете фактот дека веќе осум години прави најразлични машини (значи, почнал на 8), меѓу кои е и ротирачкиот 3Д-печатач, а освен тоа е и актер, тогаш веќе е сигурно дека мора да има свое место на PopUp 🙂 Фасцинирани од хуманите побуди при изработката на бионичката рака, го поканивме Орхан на еден опуштен разговор, со цел да го запознаеме и од малку поинаков агол.
Во изминатиов период си актуелен со изработката на бионичката рака што е производ на тимска работа со уште неколку соученици од „Јахја Кемал“. До каде сте со процесот и која е крајната цел на овој проект?
Додека го правев мојот претходен проект – роботска рака, забележав дека цените на бионичките раце се превисоки и би можеле да се намалат ако ѝ се пристапи на технологијата на друг начин. Бионичката рака ја направивме со тимот на работилниците „Generation Unlimited“ – предизвик за дигитално решение за лица со попреченост, од УНИЦЕФ. Ги поминавме првите два круга, сега се подготвуваме за следниот и имаме 3 месеци да ја направиме првичната верзија на прототипот.
Велиш дека сакате да постигнете бионичката рака да стане финансиски достапна за младите со ампутирана подлактица, односно 50 пати поевтина отколку сега, за да може да им се вгради и на младите во развој, а не само на оние над 18 години. Веруваш ли во иднина во која технологијата попрактично ќе му служи на човекот? Како таа да му биде попристапна?
Па, тоа е и должноста на технологијата, на луѓето што ја создаваат. Практичноста и пристапноста треба да се пред профитот. Светот не е само Америка и Западна Европа, иако и таму луѓето се справуваат со разни неможности. Денешните гигантски компании се фокусираат на овој проблем, но забораваат некои аспекти како што е, на пример, проблемот што ние се трудиме да го решиме, да има бионички раце за секого и секаде во светот. Главно е младите да имаат цврсто зацртана добронамерна идеја и визија за нејзина реализација. Тука не е помалку важна и политиката во државата, чија должност е иста.
Меѓу сите тие 3Д-печатачи, роботи и електромотори, ти си и актер. Од каде произлезе љубовта кон театарската сцена и кои ти се најдраги улоги досега?
Пред десетина години брат ми стана член на драмското студио во Тетово – ,,Летечка театарска трупа“, па и јас со него за да му правам друштво. Не очекував дека толку ќе ме привлече актерството, театарот и тимската работа. Досега сум играл во 20 претстави и секоја улога е различна и интересна на свој начин, но најмногу ја паметам Ѓоре од претставата ,,Живкова слава“ – преработка на ,,Ивкова слава“. Со неа добив и награда на ДААФ.
Твојот брат Ханис е режисер. Како си помагате меѓусебно?
Секогаш си помагаме со Ханис. Како помали заедно глумевме во театарот. Сега не се гледаме толку често, затоа што студира во странство. Постојано разговараме за разни теми од уметност и наука, и помагаме кога некој од нас работи на нешто – тој на филм, јас на дизајнирање машина, или ми дава совети за улогите во театар итн.
Едно fun-прашање. Каква музика имаш на твојата плеј-листа периодов и на кој актер му се воодушевуваш?
Сакам рок – и класичен и алтернативен. „The Doors“, „Sonic Youth“, „EKV“ итн. Се воодушевувам на Роберто Бенини.
На светско ниво, твојата генерација Gen Z e во отворен судир со генерацијата на бејби-бумерите поради состојбата во која го наследуваат/ме светов од нив. Еве, на пример, Грета и Трамп. Што мислиш, во кој правец сега, во овој збркан свет, треба да размислуваат и да делуваат младите родени околу 2000-тата?
Младите треба да се будни, свесни и во тек со случувањата во светот. Но, треба и подлабоко знаење и размислување – за да бидат дејствата поефективни. Мора да сме повнимателни во поглед на животната средина.
Кога зборуваме за генерациите, јас како милениумец паметам свет без Интернет и смарт-технологија, додека твојата генерација е со нив уште од првиот ден. Како би изгледал еден твој ден без модерната технологија, можеш ли да замислиш и да ни го опишеш?
Ако работам, би бил помалку продуктивен ден, но од друга страна – може да биде и креативен. Ако сум слободен, ќе биде или досаден или интересен ден, зависи каде сум и со кого. Кога сум меѓу луѓе што ми значат, се трудам да не скролам на Инстаграм, туку да уживам во моментот со нив.
Претпоставувам дека веќе размислуваш каде и во која насока сакаш да го продолжиш образованието. Што ќе биде хоби, а што професија – инженерството или актерството?
Дефинитивно инженерството за професија. Глумата е одмор од сето тоа.
За крај, кој е твојот најголем иноваторски сон, нешто што би сакал да се оствари 10 години по овој наш разговор…
Проектот на кој сега работам – хуманоидниот робот, е доволно голем предизвик за да не ми дава многу да сонувам туку повеќе да работам. Би сакал да сум меѓу посветени и професионални луѓе.