Македонскиот документарен филм „Медена земја“ (Honeyland), по триумфот на „Санденс“, го продолжува својот успешен пат на филмските фестивали во светот. Изминатиот период освои награди на фестивали во Полска, Шпанија, Грузија и во Њујорк. Најново во низата фестивалски успеси е наградата за најдобар интернационален филм на 21. издание на „ДокАвив“ (DocAviv), кој се одржува оваа недела во кинотеката на Тел Авив, Израел. Филмот во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска минатата недела освои и четири награди на фестивалот „Докс агенст гравити“ (Docs Against Gravity) во Полска. Меѓу другото, документарецот доби Гран-при и парична награда на фестивалот. Минатиот викенд тимот на „Медена земја“ ја прими главната награда на фестивалот за документарни филмови „Докс Барселона“ (Docs Barcelona) во Шпанија.
Во почетокот на овој месец филмот го отвори фестивалот „Сине док“ (Cine Doc) во Тбилиси, Грузија, каде што доби и специјална награда од жирито. На 7 мај ја освои наградата за најдобар документерен филм на „Монтклер“ (Montclair FF) во Њујорк. Признанието што го доби „Медена земја“ го носи името на американскиот филмски режисер на документарци, Брус Синофски. Покрај веќе споменатиот „Сине док“ во Тбилиси, „Медена земја“ отвори уште неколку фестивали како: ФИСМЕК (FICMEC) на Тенерифе (Канарските острови) и „ИсРеал“ (IsReal) на Сардинија.
Деновиве се прикажува и на интернационалниот филмски фестивал во Краков, Полска (KIFF) и на „ДокАвив“ во Израел. Почнувајќи од викендов и во текот на јуни филмот ќе биде дел од програмата на: Интернационалниот фестивал на Беркшир во Масачусетс, САД (1 јуни) и на „Шефилд док/фест“ (Sheffield doc/fest) во Шефилд, Велика Британија (6 јуни). Следуваат проекции во Нов Зеланд: на 2 и 4 јуни ќе се прикажува на фестивалот „Док еџ“ (Doc Edge) во Окленд, а на 16 и 18 јуни ќе го гледа публиката во Велингтон. На 10 и 15 јуни ќе биде емитуван во рамките на интернационалниот филмски фестивал во Сиднеј, Австралија.
Филмот досега беше прикажан на дваесетина други фестивали во Азија, Европа и САД. До крајот на летото се очекува да биде претставен на уште 20 други светски филмски фестивали. Кон крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови кај нас – „Македокс“. Од септември го очекуваат и проекции во киносалите во нашата земја и во САД.
„Медена земја“ ќе има и кинодистрибуции низ сите поголеми земји во светот: САД, Канада, Англија, Германија, Австрија, Полска, Белгија, во скандинавските земји, Шпанија, Турција, Кина, Јужна Кореја, па сѐ до Австралија. Во преговори се сите останати поголеми кино-пазари.
На официјалната страница на филмот, honeyland.earth се наведени сите претстојни проекции и гостувања. На неа сѐ уште е актуелна кампањата за донација на протагонистите во „Медена земја“.
Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцент и монтажер е Атанас Георгиев, а сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. Зад музиката на „Медена земја“ стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а постпродукциски е поддржан и од Агенцијата за филм на Северна Република Македонија.
По светската премиера на 28 јануари на филмскиот фестивал „Санденс“, следуваа азиската премиера – во март во Хонгконг и официјална европска премиера – во Нион, Швајцарија, што се одржа минатиот месец.