Што е тоа што го прави британскиот хумор посебен? Дали во неговата срцевина лежи генијалната способност да се забавуваш среде сопствената мизерија? Отсекогаш сум тврдел дека е полесно да расплачеш човек отколку да го насмееш. Добриот хумор мора да допре до мал милион жици и да помести едно чудо варијабли за да ги развлече насмевките по човечките лица и да креира добро расположение. На британскиот телевизиски хумор тоа баш му оди од рака. Во овој контекст сакам да ги поставам на пиедестал британските комичарки/актерки Трејси Улман, Филомена Канк, Миранда Харт, Кетрин Тејт и жената што го испровоцира овој текст, Фиби Волер Бриџ.
Фиби Волер Бриџ ја познаваме како авторка и извршна продуцентка на серијата „Killing Eve“, но она што ја искачи на врвот на британската телевизија и го плени вниманието на европската телевизиска публика е серијата „Fleabag“, која се емитуваше на „Би-би-си“ во две сезони (првата во 2016 и втората во 2019 година). Критиката ја оцени како „уметничко дело блиско до перфекција“ и „трагикомично ремек-дело што достигна нови врвови во втората сезона“… Серијата „Fleabag“ ќе ве намами во својот вител со лесниот хумор во тмурниот сетинг на Лондон. Ќе забележите дека главниот лик што го толкува Фиби Волер Бриџ е неословуван од другите ликови, безимен е, па затоа се нарекува „Fleabag“. Буквално би си го превеле „торба со болви“, но, според речникот на Кембриџ, „Fleabag“ означува валкана, непријатна личност или животно, па се чини дека со овој термин Бриџ сакала веднаш да му нанесе одбивен карактерен слој на својот лик. Таа е изгубена, крајно збунета, сексуално ненаситна млада жена, сопственичка на кафуле декорирано со портрети од миленичето гвинејско прасе. Оптоварена со вината за смртта на нејзината најдобра пријателка и бизнис партнерка, животот на Fleabag тече по инерција меѓу долгата нестабилна врска со Хари (Хју Скинер), студениот однос со сестра ѝ Клер (Сијан Клифорд) и амбивалентниот третман што го добива од татко ѝ (Бил Патерсон), кој по смртта на мајка ѝ започнува врска со нивната кума. А кумата? 😊 Неа ја толкува генијалната тазе оскаровка Оливија Колман, лик креиран по калапот на бесчувствителните маќеи од бајките на Грим.
Како што споменав, серијата ве вовлекува во своето дејство со шокантно смешните реплики и доживувања на главниот лик, кој постојано го урива четвртиот ѕид (breaking the fourth wall) и комуницира со гледачите. Ве убедува дека во следните епизоди ве чека уште покреативен емоционален хаос и поурнебесен сплет на настани. Тоа и се случува, меѓутоа бидете подготвени во истата чинија да ви сервира горчина, oчај и преиспитување. Таа сложена и широка амплитуда на емоции ја прави оваа серија успешна. Низ стереотипизирањето на една условно кажано збунета и неуспешна млада жена, јасно ги согледуваме недостатоците на сите други, кои имаат социјален статус на исполнети, среќни и реализирани луѓе. Едноставно кажано, покомотно и поприродно ни е да ја впиваме нејзината искрена несовршеност во совршениот свет опседнат со совршено средени ентериери, пространи канцеларии, блескави Инстаграм-профили лишени од суштина и подлабока смисла. Би било клише ако го потенцирам недостигот на љубов или барањето љубов на невозможни места, но во оваа пригода ќе се послужам со цитат од свештеникот во кого Fleabag безнадежно ќе се заљуби: „Љубовта е ужасна. Болна е. Застрашувачка. Те тера да се сомневаш. Да се осудуваш. Да се оддалечиш од другите. Да станеш себичен. Морничав. Да се опседнеш со фризурата. Те прави суров. Те тера да кажеш и да правиш нешта што никогаш не си мислел дека можеш да ги направиш. Сите ја сакаме, а пеколно ни е кога ќе ја добиеме. Затоа, не е чудно тоа што не сакаме сето тоа да го правиме сами.“
„Fleabag“ е дефиле на исклучителни актери од класата А на британското глумиште. Во серијата се постојано присутни или влетуваат погоре споменатата Оливија Колман, а тука е Кристин Скот Томас, како и Ендрју Скот, кој е познат како еден од најуспешните Хамлети во историјата на британскиот театар. Иако опуштениот хумор ве фаќа за рака и ве внесува во хаотичниот свет на Flеаbag, серијата успешно ги адресира феминизмот и мизогинијата (говорот на Кристин Скот Томас, ааах). Но онa што е централно е емоционалната пустелија што ја остава брзиот живот во мегалополисите на 21 век, во рамките на кој е чудно да бараш љубов или друг вид подлабока поврзаност. Moжеби најсуштинска реплика во серијата има таткото на Fleabag: „Мислам дека ти знаеш да сакаш многу подобро од сите нас. Можеби и затоа сакањето го доживуваш толку болно.“ И уште нешто, серијата успева да долови и кирилска референција на еден многу добро познат балкански израз. 😊 Сè на сè, чуден вид болва. Од оние што ви се закачуваат на срцето.