Непосреден повод за неговото гостување е и македонскиот превод на првата книга од трилогијата „Малтерего“ насловена како „Рубиков стол“, која воедно беше и промовирана пред читателската публика во Скопје. Интересно беше да се стои на делтата на која се разгрануваат хипхоп или ако сакате, fusion тенденциите на музиката на Марчело и неговиот писателски профил, сето тоа протресено и измешано со специфичниот контекст на нашата балканска живеачка, нашите политички тормозења и културолошки феномени.
Марчело, во контекст на општествените околности во кои твориш, постјугословенски, ги сече ли политичките патишта на Скопје и Белград иста историска трансверзала? Се сеќавам дека, кога ја здогледав фонтаната што пее на Славија во Белград, си помислив: „Првпат во историјата се случува Белград да го имитира Скопје со нешто. За жал, баш со ова.“ 🙂
Кога се случуваа протестите во Скопје, српскиот претседател секој ден излегуваше во медиумите и зборуваше дека нема да дозволи македонско сценарио. Им пушташе слики од протестите по улиците на неупатените граѓани и граѓанки што гледаат само „Пинк“, „Хепи“ и РТС и веројатно тоа ним им изгледаше страшно, како да е некој хаос, а не борба. Во тоа се наоѓа и главниот проблем со овој режим – тој заменува тези и сè превртува наопаку. Комплетно орвеловски, црното е бело, белото е црно, војната е мир, незнаењето е моќ. Од она што го гледам и го слушам престојувајќи во Македонија, можеби во меѓувреме суштината не се променила, но има слобода на говор. Кај нас дури и тоа изгледа како недостижен сон во моментов бидејќи владеат медиумски мрак и цензура. Приближно тоа изгледа вака: Ти имаш слобода на говор, но не е сигурно дали ќе имаш слобода по говорот.
Не верувам дека ниту ние овде го пронајдовме лекот. Па, како да се излечи, како да се деконтаминира толку затруениот социјален организам?
Тоа ќе биде многу долг процес, кој нема да се состои само од симнување на режимот. Треба сериозна работа врз менталитетот бидејќи овој режим го извлекува она најстрашното од луѓето. Ги тера луѓето да го поддржат градскиот функционер обвинет за сексуално вознемирување на жена, ги тера луѓето да излезат и да го поддржат директорот на една фабрика за оружје во рамките на чиј мандат загинаа дваесетина вработени, а никој нема преземено одговорност. Во вториов случај, еден татко чиј син загина се побуни и го тужеше тој директор, а режимот како одговор на тоа ги организираше вработените во цела фабрика да дојдат пред судот и да го поддржат директорот за време на судењето. Мора да постои некоја црвена линија и во стравот, и во сиромаштијата, за која луѓето би требало да кажат дека преку неа не се преминува, па макар и умреле. Во смисла, ако ја преминам таа линија, веќе не сум човек. Да скратам, има различни режими во многу земји, но не секаде има режим што ги тера луѓето да ја преминат последната црвена линија – човечкото достоинство.
Да не го заборавам и феноменот на реалните шоуа, кои доживуваат невидена експанзија во твојата земја (во едно од нив дури има и хуманоиден робот). Зошто Србија е толку погодна почва за ваквиот вид телевизиски формати?
Главниот контрааргумент е дека тоа го има секаде во светот, тоа не сме го измислиле ние, и тоа е точно. Но воедно и не е. Точен е фактот, но употребната вредност на реалните шоуа кај нас и на друго место не е иста. На друго место тоа е евтина, приглупа забава, која нема врска со мајндсетот на цела нација. Во Србија, реалните шоуа го диктираат мајндсетот на цела нација бидејќи тоа е главна програма во ударните термини на националните фреквенции без какво било санкционирање на содржините што се гледаат во нив. Реалните шоуа кај нас ја воспитуваат нацијата, односно работат на тоа да ја одвоспитаат нацијата, да го тргнат она воспитување што го имаме. Таа природна естетика е природен екосистем на сегашниот претседател бидејќи неговиот природен екосистем се 90-тите, а знаеме какви беа тие години. Тој сака сè што мириса на 90-тите и е антиматерија на сè што сакам и во што верувам, тој е целосна спротивност на сето тоа. Неговата идеологија е национализмот од 90-тите поврзан со културолошкиот кич, крадењето, демагогијата. Се разбира дека тој не е извор на целото зло, но е негова инспирација, тој го забрзува и го одобрува. Не гледам зошто би се избирале зборови за таква личност, освен она што ни го налага базичната пристојност. Тој често вели дека неговите противници имаат нешто лично против него. Дали постои личен анимозитет кон него – апсолутно да! Пред 10 години, сега и сè додека постои на политичката сцена.
Главниот јунак на твојата книга „Малтерего“, издадена од „Антолог“, Лео, води еден посебен вид дневник на фрустрации, Осветариум. Тој има мисловен јунак, суперхерој, Малтерего, кој многу сурово и брутално се пресметува со секој што ќе дојде во конфликт со Лео. Доколку воведеш лик од актуелната политичка сцена на Србија во романот, што би му направил Малтерего?
Уф… Чекај да размислам, ха-ха Малтерего е човеколико суштество што наместо глава има вжарен облак чад и око со две зеници, што е омаж на Лео кон бендот „Tool“ и Мејнард (Џејмс Кинан н.з.), бидејќи Лео е фронтмен на еден прогресивен бенд што се вика „Танатос“. Малтерего им се спротивставува на луѓето на начин поврзан со нивните злодела и со она што всушност биле. Мислам дека најстрашна казна за таквите би била беспомошноста. Валканата фантазија на Лео му служи само како вентил. Јас инаку сум против физичко казнување, на таквите луѓе треба да им се одземе власта и да се направат беспомошни. Некои сметаат дека треба да се врати јавното бесење или пак други средновековни методи, но јас сум против тоа. Кога подобро ќе размислам, има една тактика од финалето на петтата сезона на Game of Thrones, казната walk of shame – некој што до вчера бил страв и трепет да биде прошетан низ чаршијата со стража за да не го повредат, но притоа луѓето да можат да му кажат сè в лице, да го исплукаат и да го обележат со вечен срам бидејќи понижувал милиони луѓе и уживал во тоа. Не сум сигурен дека тоа не би им го приредил на некои луѓе.
Приказната за Лео/Малтерего воодушевува со својата повеќеслојност. Со регуларниот фонт ги опишуваш реалните ситуации и искуства на Лео, а италикот го користиш за да го доловиш неговиот мисловен свет, односно сето она што тој не го кажува, сето она што немало своја реализација во реалноста. Додека ја читав книгава, се прашував што би се случило ако го читам само она што е напишано со италик?
Тоа е интересна теза што ја немам слушнато порано. Напишаното во италик е она што Лео го помислува, а не го изговара. Во одредена смисла „Малтерего: Рубиков стол“ е роман за текот на свеста во еден радикален облик. Кога Лео доживува black out, има една цела црна страница бидејќи тој е сам во мракот. Веројатно, читањето на романот на таков начин би било како да се следиш себеси без надворешните влијанија. Така сигурно би дознале повеќе за внатрешниот свет на Лео, но неволјата на внатрешниот свет се состои во тоа што тој е поврзан со законитостите на надворешниот свет. Едно без друго не може.
Бидејќи „PopUp“ е дигитален медиум, имаме можност да го скршиме ѕидот на пишаната форма и да го претвориме читателот во гледач 🙂 Би сакал ли да те видат и слушнат како читаш пасус од романот на македонски? Еве, одбрав еден мој омилен дел 🙂
Имав предмет македонски јазик во прва година на факултет. Се сеќавам дека акцентот е на третиот слог од крајот на зборот, ама не сум читал оттогаш 🙂
Одлично 🙂 Каде е рапот во целава приказна? Имам впечаток дека и во книжевноста се „истураш“ себеси на истиот начин на кој тоа го правиш во музиката…
Потребни беа многу работа и преправки за да изгледа како просто да сум се истурил на хартија. Намерата е да се истури душата на хартија, но самата изведба да се добие таков впечаток бара многу работа. Што се однесува на музиката, јас и мојот бенд имаме многу шарен музички бекграунд. Toj MC дел од мојата приказна е мојот начин на вокално изразување, но не е нужно и цела моја естетика. Мојата естетика отсекогаш била повеќе насочена кон книжевноста. Во суштина, не чувствувам дека сум на два различни фронта освен во смисла на формата и она што самата форма го диктира. Доживувањето не е исто, просторот не е ист, но ти си ист. Му пристапуваш на ист начин, а начинот е следен: Сакам да раскажам приказна. Потоа само гледаш која палета алати ти е на располагање кога го работиш едното, а која кога го работиш другото. Кога станува збор за музиката, без оглед на тоа колку јас мислам на текстот, сето време се мисли и на додатните елементи, како што се бојата на гласот, магијата што ќе ја направат моите музичари од бендот. Тука има повеќе фактори што влијаат кај оној што слуша. Во прозата го нема тоа, таму сте само ти и твојата реченица. Во прозата треба да го постигнеш истиот ефект, служејќи се исклучиво со зборови.
На кој терен си повеќе свој?
И едното и другото ги сакам подеднакво. Едното ме одмора од другото и ми ги полни батериите. Битна разлика е што во музиката работам тимски, а книжевноста е осаменичка работа. И затоа ми е добро кога тие две динамики се надополнуваат наизменично.
Дали Марчело има свој Осветариум во кој ги запишува горчините што му ги приредува светот и планира одмазди?
Пишувањето многу повеќе е пресметка сам со себе отколку со светот. Тука сигурно има исправање и на некои свои криви дрини. Секако во сето тоа мора да ги пуштиш јунаците да бидат свои, да имаат свои судбини и да работат онака како што ги води патот.
Кога веќе сме таму, ти се случило ли да пуштиш некој од јунаците да ти избега од раце, да почне да води свој живот, надвор од твојата првична замисла?
Искрено, јас секогаш прецизно планирам и сакам сè да ми биде по план. Нашата цел е да создадеме што поживи ликови, а тоа значи дека во еден момент тие би имале и сопствени животи. Исто како со дете, ти го воспитуваш до една точка и потоа тоа продолжува да прави што сака, без оглед на тоа дали тебе ти се допаѓа или не. Тоа се случува и со ликовите. Мислам дека од тоа не треба претерано да се бега. Вториот дел од „Малтерего“ е во две книги и тука има многу работи што ги немам предвидено на самиот почеток. Си допуштам и да се премислам во врска со тоа каква им е крајната судбина на ликовите. Овде си некој вид Бог, па се прашувам, ако постои виша сила над нас, дали и таа функционира така. Ако имаш некоја судбина и ако радикално излегуваш од коритото што ти е наменето, дали судбината се менува, дали судбината вели: Па, можеби ова е подобро решение од она што го смислив јас. Којзнае.
Можеби ние токму сега сме ликови од роман на некој писател 🙂
Борхес се занимава со тоа што нè вознемирува во сцената во која Дон Кихот дознава дека постои роман за него, кога делото се појавува во самото дело. Тој вели дека тоа ни изгледа страшно затоа што нè тера да се прашаме дали и ние сме ликови од нечија приказна.
Остана приземјен. Како ја премости популарноста што ја стекна преку музиката, како се стигнува од врескање на публиката во сала до контемплативната тишина на еден читател?
Не ми беше тешко да останам на земја, јас сум висок 1,69, и онака не можам да одам многу над земјата 🙂 Врескањето постои уште од времето на „Битлси“, а потоа го имате и Џеф Бакли, кој ја молел публиката да не го прави тоа бидејќи му било непријатно да свири. Јас и моите музичари отсекогаш сме биле на страната на Бакли бидејќи нè интересира уметноста. Секако дека ти е важно да имаш публика, бидејќи уметноста е обид за комуникација со светот, да најдеш соговорници. Не сме наоѓале никакво задоволство во тоа што соговорникот вреска. Малку ми е чудно, моментално живееме во време кога тоа е поактуелно од кога било порано. Децата денес ја доживуваат популарноста како професија. Тоа е мошне морничава појава. Мислам дека таа информација дека нè има 7 милијарди на светов беше сувопарен податок додека не се појавија социјалните мрежи. Потоа ни се разјасни дека навистина сме толку на број и луѓето почнаа да патат од синдромот на популарноста, сакаат да бидат некој по секоја цена. Поради таа неверојатна свест дека си никој и ништо, луѓето толку многу се опседнуваат со тоа да бидат некој и нешто. Така, замислуваат дека популарноста се состои во тоа да бидеш само име и презиме јасно издвоено од масата. Ужасно смешно е што и последната будала може да влезе во реално шоу и да биде запознаена од целата јавност. Мислам дека Бреговиќ е познат по својата изјава: „Пиши што сакаш, само стави поголема слика од мене.“ Мислам дека одговорот на твоето прашање е тоа – дали ни е важно што пишува за нас или само дали се пишува. Бреговиќ неодамна го поддржа српскиот претседател, така што мене не ме изненадува тоа што е автор на таа реченица. Едно достоинствено човечко суштество треба да се грижи околу тоа што пишува под сликата. Не е сеедно.
До каде си со музиката и со работата на новото продолжение на „Малтерего“?
Нов шести студиски албум плус последната книга од „Малтерего“ со сета таа трема што ја носат последните сезони и книги. Токму од неа зависи како ќе ја запаметат целата книга, според тоа како ќе заврши. Имам позитивна трема. Вистина е тоа што велат дека патувањето е поважно од целта, но и од целта зависи како ќе го запомниме патувањето.