Без напишан текст, нацртана заднина или панели, ликовите на Марион Фајол се уредно распоредени фигури со прецизно изработена текстура, кои преминуваат во некогаш трогателни, смешни, лесни, а понекогаш и во филозофски длабоки нарации без зборови, кои го истражуваат микрокосмосот на човечките односи. Секоја нејзина слика шепоти посебна порака, која патува до нашите умови за да остане заглавена таму некое време.
Овие нежни илустрации честопати завршуваат како приказни со слатко-тажен крај, за кои апсолутно се поврзуваме без да можеме јасно да си објасниме зошто токму ние сме засегнати.
Марион црта откако знае за себе, но нејзините цртежи добиваат нов, поголем облик на значење откако заминува од малото место во југоисточна Франција каде што израснала и се сели во северозападниот дел од својата земја за да студира илустрација во Училиштето за декоративни уметности на Стразбур. До 2011 година, Марион не само што дипломира, туку е и основач на списание за илустрации, чија реализација била направена со поддршка на двајца колеги со кои во текот на студиите соработувала на неколку работилници. Француското познато списание „Nyctalope“ е раскош од илустрации и други ликовни дела на голем број уметници (nyctalopemagazine.fr).
Покрај обврските со „Nyctalope“, таа соработува и со познати модни имиња како Cotelac, со кои создаде разиграни парчиња облека во многу бои, а за продавниците на „Hermes“ креираше фасадни видеопроекции со нејзини илустрации. Ангажманите од страна на „Њујорк тајмс“, „Мари Клер“ и „Ле Монд магазин“ ги издвојува како едни од поуспешните соработки, а исто така е доста активна и на социјалните медиуми каде што редовно објавува свои дела. (instagram.com/fayollemarion)
Досега има издадено шест илустрирани книги, од кои нејзината последна „Les amours suspendues“ изминатата година е наградена на фестивалот Angoulême International Comics во Франција, кој е втор фестивал за стрип и илустрации во Европа по големина по Lucca Comics & Games што се одржува во Италија, а книгата опфаќа љубовно-сентиментални ситуации, во кои би се пронашле голем дел од нас.
„L’Homme en pieces“ е книгата што беше дипломски проект на Марион. Со оваа книга ги постави темелите на нејзиниот визуелен јазик од причина што претходно работела одделни цртежи, а со создавањето на оваа книга се менува нејзиниот концепт – тука се спојуваат цртежите и развиваат покомплексна приказна. Приказните обично започнуваат без да знае однапред каде ќе ја однесат првите повлечени линии на хартија, а ниту како ќе заврши приказната. На пример, женски фустан асоцира на кафез за птици, ете тоа за Марион претставува почеток за развој на една приказна. Приказните немаат секогаш крај, понекогаш се недовршени, а понекогаш им става крај по долго поминато време, затоа што смета дека тогаш приказната добила поинаква смисла.
Очигледно, за Марион еротиката е нераскинлив дел од љубовта, која е најприсутна при создавањето на нејзините дела а доказ за тоа е Les Coquins, мала збирка надреално-порнографски цртежи, кои се толку атрактивни што би задржале сечиј поглед до последната страница. Да речеме дека женскиот полов орган е марула, која ќе биде уништена од човекот зајак, но нема да биде уништена целосно затоа што оваа ситуација ќе биде спасена од ловецот и тука запира приказната, сè додека еден ден не продолжи така што зајакот е убиен, марулата оштетена, но ловецот ѝ подарува нова, свежа, убава марула на девојката, која неизбежно ќе послужи како стапица за повеќе алчни зајаци. Сфаќаме дека жената и ловџијата се соучесници. Овие нејзини приказни се кратки и треба да ги доживееме како поезија во слики, тоа е целта на Марион.
Ретко кој може да ја третира сексуалноста на толку природен и ненаметлив начин како што тоа го прави Марион, со оглед дека еротските илустрации се доста присутни во нејзините збирки. Но таа умее табу субјектите да ги прикаже на посебен начин, еротиката е толку добро визуелно истретирана што консумерот на уметност не би бил вознемирен, ниту би се почувствувал непријатно.
Овие прецизни илустрации главно во тонови со боја на кожа се без многу елементи, а сепак праќаат силни пораки. Секоја илустрација е фасцинантна со причина и ја прават Марион Фајол еден од најдобрите илустратори на денешницата, затоа што таа пишува визуелна поезија за меѓучовечките односи, кои се испреплетуваат како затегнати јажиња на разлетани змејови.
Вули Абази