PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Марија Митева: Дамката сос од „Највисокото дно“ е она што нѐ демне

popup by popup
декември 16, 2020
in Интервјуа
0
406
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Посакуваната оддишка ја добив во текот на едно долго попладне токму со расказите од оваа книга. Необичниот пристап во раскажувањето, интересната оска наречена „дамка темен сос“ околу која се вртат одделните приказни, живите игри со персонификација на незамисливи и неочекувани ликови – сè тоа ќе ве искачи или залепи за „Највисокото дно“ на Марија Митева, издание на „Полица“.
Марија, бидејќи целиот амбиент во збирката раскази упатува на едно затворено и дистанцирано место во кое „вријат и претекуваат“ приказни од лонецот на фикцијата, како се чувствува авторката на „Највисокото дно“ во сегашниот наш реален затворен и дистанциран свет полн со скршени и прекинати приказни поради новата ситуација?
Лонецот на фикцијата постојано се полнеше со „продуктите“ на секојдневието и многу слично како и приказните во книгата, така и на приказните што циркулираат во нашето секојдневие им беше потребно време да зовријат и да прекипат. Впрочем, мислам дека во оваа крајно непријатна и непосакувана ситуација се најдовме по долго клокотење на општествените случувања. Зачмаеноста е нешто што долго се чувствуваше длабоко во сите нас, но со скратување на слободите што ги земавме здраво за готово, сфаќаме и одново учиме некои стари вредности што беа подзаборавени. Сакам идеалистички да верувам дека ќе научиме нешто повеќе од оваа чудна ситуација. Или, пак, сепак, секое чудо за три дена?

Според тебе, која е „дамката темен сос“ околу која орбитираат приказните во нашево модерно живеење и општествување?
Дамката сос е индивидуална и колективна. Дамката е временскиот јазол во кој сме заглавени кога горделиво велиме дека не се каеме за пропуштените шанси, сите наши маани и лоши навики со кои немаме сила да се соочиме, постојаното премолчување на она што не смее да се премолчи. Дамката сос е она што нѐ демне пред да заспиеме и откако ќе заспиеме, дамката сос е во подрумот на нашето јас. Дамката е и Електрин и Едипов комплекс, и дволичност и апсурдност, и измама и неодлучност, и најстрашно од сѐ – времето што го губи нашата генерација во дремеж. Од ненадминати индивидуални проблеми, произлегуваат и сите аномалии во системот. Но, тука функционираме според системот „Од шумата не ги видов дрвјата“.

Во една од рецензиите на збирката пишува дека расказите се насочени кон создавање „очудувачки ефект“. Како течеше процесот на конструирање, дали прво беше замислен тој очудувачки ефект со кој ги врзуваш и ги финализираш расказите, па потоа произлегоа поединечните ликови, приказни или…?
Имав за цел да создадам текст што ќе биде разнолик, од избор на предлошки песни за расказите, преку тон на лик, па сѐ до раскажувачки техники. Поради тоа, сите постапки, вклучувајќи ги и оние со „очудувачки ефект“, беа дел од концептот уште пред да почнам со пишување. Потоа, конкретните примери се раѓаа и се надополнуваа во текот на креативниот процес. Некаде предлошката песна ми помогна да го пронајдам мојот очудувачки лик или начин на раскажување. Во други ситуации ликот или заплетот „бараа“ отскокнување од континуумот. Секако, се обидов во ниту еден момент да не го канибализирам текстот со експерименталните техники, туку да ги доведам во служба на раскажувањето.

Препознав силни поетски нишки во твојата проза. Во делови од расказите буквално почувствував дека на прозниот текст му е претесно во својата кожа, па сраснува со поетскиот израз, прекрасно се хибридизира со него. Може ли прозата без поезија?
Јас сум човек што сака да експериментира, тоа не ме плаши – ми претставува предизвик. Токму поради тоа и желбата за книжевно експериментирање, па во „Највисокото дно“, 10 од 12 раскази имаат предлошка поезија. Ги сакам сите форми и правци, но кога јас сум на позиција на автор, го сакам константното губење низ правилата, формите и правците, без кое нема пронаоѓање. Моја замисла за уметноста е постојано преплетување на каналите, влевање на една во друга притока на креирањето во темпорална цикличност, и тогаш сметам дека уметноста ја достигнува својата суштина. Оттаму, зошто воопшто би ѝ ја одземале поезијата на прозата?

Ти донесе ли специфичнава ситуација некој нов творечки порив? Работиш ли на нешто ново со што повторно ќе ни ги размрдаш читателските сетила? 
Започнав да работам на една покомплексна идеја, во која сакам да ги вклучам повеќето сетила, но уште сум во почетна фаза. Специфичната ситуација ми го отежни и одолжи истражувачкиот дел, затоа што долго време библиотеките беа затворени. Се надевам дека првичниот концепт ќе се надополни во текот на креативниот процес и дека идејата ќе успее да прерасне во книга на која ќе бидат потпишани различни видови артисти.

Јосип Коцев
фото: Гоце Лалковски

Previous Post

Петте најдобри филмови на Ким Ки-дук

Next Post

Како Јапонците ќе ја избркаат баксузната 2020 година

Next Post

Како Јапонците ќе ја избркаат баксузната 2020 година

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum