Јапонското празнување на Новата година е специфично и многу оригинално. Исполнето е со голема мистика и симболизам, најмногу под влијание на верувањата во склоп на религијата Шинто. На пример, прават големо чистење во домовите неколку денови пред да истече годината, бидејќи веруваат дека во новата година треба да се влезе „на чисто“. Спротивно од вревата за новогодишните празници во западниот свет, Јапонците во новата година влегуваат тивко, без огномети. Ги сакаат и „првите нешта во годината“, па така стануваат рано за да го видат првото изгрејсонце во годината (хацухиноде), а посебен настан е и првата посета на Шинто светилиште во новата година. А ова се дел од специфичните украси и јадења, без кои не може да се замисли една јапонска Нова година.
Шимеказари е венец изработен од светото сламено јаже – шименава, ритуални ленти од хартија што се дел од религијата Шинто – шиде, горчливи портокали и лисја од папрат. Луѓето ги закачуваат овие украси на вратите за да ги одвратат злите духови и да го поканат новогодишното божество Тошигами. Светото плетено јаже од слама има длабоко значење за Јапонците. Кога е обесено над влезот од домот, тоа ја означува границата на чистиот простор каде што можат да се спуштат боговите.
Осечи Рјори има централно значење на јапонската новогодишна трпеза. Овој збир од јадења сервиран во прекрасни одделни и слоевити лакирани кутии што значат множење на среќата и просперитетот е најважниот оброк во годината – секое јадење има симбол на желба за следната година. Инаку, готвењето е забрането за време на јапонската Нова година. Така, сите јадења во Осечи Рјори се направени во пресрет на празничните денови и можат да се сочуваат неколку денови за да можат сите да се одморат. Дел од јадењата што можат да се најдат во кутиите Осечи се слаткиот ролован омлет – датемаки, кандираниот костен и слаткиот компир – кури кинтон, кандираните сардини – тазукури, слатката црна соја – куромаме, салатата од даикон и морков – намасу, киселата репка од хризантема – кика кабу, киселиот лотосов корен – су ренков, рибните колачи камабоко итн.
Кадомацу или „борова порта“ се два украси што Јапонците ги поставуваат од двете страни на влезот во домот или во дуќанот за да го поканат богот на жетвата и другите богови на предците. Кадомацу обично се прави од бамбусово дрво, бор и уме – јапонска слива. Дрвјата од бамбус означуваат долговечност, боровите претставуваат просперитет, а умето претставува непоколебливост. Тие се ставаат во парови, од двете страни на влезот, како симбол на машкиот и на женскиот род. Според Шинто верувањата, новогодишните богови им носат долговечност и просперитет на луѓето. Боговите ќе дојдат да ги предадат своите дарови само доколку бидат поканети, а токму затоа служат украсите кадомацу.
Кагами-мочи или „огледалните оризови колачи“ се всушност два кружни колачи со ориз (помалиот поставен врз поголемиот) и горчлив портокал (даидаи). Инаку, горчливиот портокал (даидаи) останува на дрвото со години ако никој не го обере и затоа се смета како симбол за долговечност. Традицијата со кагами-мочи датира дури од 17 век. Тие се изложуваат во домовите за да ги повикаат боговите да ја заштитат куќата од пожар во наредната година.
Тошикоши соба е едноставно јадење, кое се прави од нудли од хелда и се јаде како последен оброк во годината. Долгите нишки на јуфки ја симболизираат желбата за долг живот, додека цврстината и леснотијата на сечењето на хелдата се поврзани со намерата „лесно да се раскрсти со старата година“. Ова е причината зошто тошикоши соба мора да биде последниот оброк во годината и никогаш не смее да се јаде на полноќ, бидејќи се верува дека носи лоша среќа кога одделувањето од старата година ќе се пренесе во новата.
Друго јадење што се служи на првиот ден од новата година е озони. Тоа е супа со парчиња оризови колачи и други локални производи. Начинот на подготовка на оваа супа има многубројни регионални варијации во Јапонија, кои обично се делат на два вида – стил Канто (област Токио) и стил Кансаи (област Кјото). Јадењето е поврзано и со идејата „годината да се започне на чисто“, па затоа и се подготвува во само едно, единствено тенџере.