Иако неговиот филмски израз беше чуден и шокантен, филмските критичари се согласуваат со едно – филмовите на Ким Ки-дук имаа хипнотизирачка моќ. Во кариерата што траеше повеќе од две децении, Ким Ки-дук сними триесетина филмови. Официјалната причина за неговата смрт е ковид-19. Претходно режисерот се соочуваше со обвинувања за сексуален напад од анонимна актерка за време на снимање во 2013 година. Случајот беше затворен минатата година поради недостиг на докази. За неговата работа, културниот критичар Чанг Дал-хае ќе рече: „Ким е синеастички неконформист, кој храбро ги портретира емоцијата, копнежот и основните инстинкти на социјално угнетените индивидуи на еден суров и незапирлив начин.“ Ова се неколку од најзначајните филмови што прославениот корејски режисер ги остави како наследство на светската кинематографија.
„Пролет, лето, есен, зима… и пролет“
Ова ремек-дело е филмска будистичка драма низ звуци и слики. Дејството се одвива во мал храм, кој лебди на сплав во мало езеро и во тие рамки го содржи циклусот на целото постоење и опсегот на речиси сите возможни човечки емоции, преку животот на младиот свештеник и неговиот повозрасен закрилник. Она што многумина критичари особено го истакнуваат кога зборуваат за овој филм како за едно од најголемите остварувања во новиот век, е дека дијалогот не е толку важен колку што се пејзажите – нешто што сè поретко се гледа во модерниот филм. Секоја сцена има композиција што ѝ прилега на уметничка слика, а филмот во целост ни ја пренесува трансцендентната убавина на подвижните слики, издигајќи нè духовно со својата елеганција и вонвременска естетика, од невиност, низ љубов и зло, до просветлување и прераѓање.
„3-Iron“
„3-Iron“ е романтична драма за врската меѓу еден млад отпадник и жена што е злоупотребувана од нејзиниот сопруг. Филмот ја истражува суштината на социјалниот статус и прашањата за маргиналноста, безгласноста и невидливоста во Јужна Кореја. Критичарите ги опишуваат главните ликови на филмот Сун-хва и Тае-сук како маргинализирани, получовечки протагонисти. „3-Iron“ е опишан и како необична оригинална приказна, со корен во будистичката парабола за набљудување на животот како да е сон, обземачки и речиси надземен филм што фасцинира. „3-Iron“ беше номиниран за Златен лав, но му го донесе Сребрениот лав за најдобра режија на Ким Ки-дук. Се закити со наградата FIPRESCI Grand Prix на филмскиот фестивал во Сан Себастијан.
„Pieta“
„Pieta“ e приказна за таинствената врска меѓу брутален човек што работи за лихвари и средовечна жена што тврди дека му е мајка, низ низа насилни и сексуални сцени, кои предизвикаа силни реакции и дебати меѓу критичарите. Филмот доби Златен лав на 69. Филмски фестивал во Венеција. „Pieta“ e воедно и првиот корејски филм што ги има добиено сите три највисоки награди на најпознатите меѓународни филмски фестивали – Венеција, Кан и Берлин. И за овој филм критиката сметаше дека го карактеризира препознатливото користење брутално насилство, силување, убиства на животни, што му стана заштитен знак на Ким Ки-дук. Оливер Лителтон од IndieWire ја пофали хемијата што на екранот постои меѓу главните ликови – мајката и синот. Тој вели дека постои вистинска нежност во нивните изведби, посебно во улогата на синот, кој од силеџиството преминува кон детството што никогаш го немал, низ вознемирувачка и воедно фасцинантна едиповска врска.
„Самарјанската девојка“
„Самарјанската девојка“ е приказна за две тинејџерки што сакаат да соберат пари за патување низ Европа. За таа цел, едната од нив работи како проститутка, а другата како нејзин макро. Нештата одат според планот, сè додека едната од нив не го загуби животот. Оваа драма од три дела не излегува од калапот на филмовите на Ким Ки-дук. Тоа значи дека станува збор за зрел филм со сурови и мрачни моменти, како и со голема доза невербална комуникација. Актерската изведба е врвна, а приказната потполно интригира. Иако не е еден од визуелно најимпресивните филмови на режисерот, сепак може да се каже дека плени со длабочината во која навлегува истражувајќи го проблемот на моралот во модерното општество.
„Arirang“
Станува збор за документарен филм што ја опфаќа личната криза на Ким, која произлегла како резултат на инцидент што се случил за време на снимањето на еден негов претходен филм. Имено, за време на снимањето на „Сон“, една од главните актерки речиси ќе го изгубела животот, а тогаш тој изгубил и неколку свои блиски колеги. За овој филм, режисерот ќе рече: „Преку Ариранг ги разбирам човечките суштества, ѝ се заблагодарувам на природата и го прифаќам својот живот таков каков што е во моментов.“ Филмот ја доби наградата Prix un certain regard на Канскиот филмски фестивал во 2011 година.
Драган А.