Со Лисабон, родниот град на чувството saudade, се запознав една јунска ноќ. Ме пречека со ветар, дожд, расплакана вработена во метрото и гласно меренге пред зградата во Мурарија во која бевме сместени. Живата атмосфера беше предвесник за големата фешта што следуваше неколку денови подоцна по повод празникот на свети Антонио. Пристигнувањето од аеродромот до станот беше молскавично, а уморот од целодневното патување брзо си го направи своето. Утредента добив појасна слика дека престојуваме во симпатично станче со поглед на една од неверојатно живописните улички во боемската Мурарија – родниот кварт на многу познати фадо пејачи. Домаќините го имаа преплавено со полици за книги, на кои можеа да се најдат внимателно одбрани наслови од светската литература преведени на португалски и на англиски. Првата книга што ми падна в рака беше „Речникот на измислени места“ (The dictionary of imaginary places), регистар на фантастични земји, нестварни острови, митолошки градови и континенти…
Можеби не случајно, а сигурно и делумно поради сопствената фантазија (од која во секое време мора да имате прстофат за да ја „забиберите“ блуткавата реалност), посакав во него да додадам уште едно место, таму некаде под буквата Л, бидејќи се посомневав дека овој град постои само кога ќе стигнете во него. Стрмни и тесни улички, раскошна архитектура спротивставена со сиромаштијата на зафрлените квартови, фадо локали со бучни гости, редици туристи кои со часови чекаат ред да се качат на трамвајот со број 28… Кога не сте таму, ми се чини дека тој се гаси и живее само за оние што во моментот го пронашле 😊. Еве неколку магични точки и моменти што ги издвоив пред монологов да ви стане досаден и да го завршите со клик на X 😊.
Кога веќе решивме да ги посетиме монументалните лисабонски локации – кулата Белем и манастирот Јеронимо (а за најпрепознатливите места на градот во овој текст нема да прочитате ништо, бидејќи на интернет има милиони исти), попат застанавме во Village Underground. Станува збор за креативен инкубатор, coworking заедница и дом на разни креативни настани. Местото е пандан на лондонскиот Village Underground и се состои од уметнички приспособени транспортни контејнери и двокатни автобуси. Тука има канцеларии, уметнички центар, кафе-ресторан и простор за дружба. Независно дали за ручек, кафе или пијалак, мој совет е да не пропуштите да се дружите со локалците што ќе ги затекнете на ова фантастично урбано местенце во Алкантара. Верувајте, има што да слушнете 😊.
Сосема непланирано се затекнав во Лисабон за време на најголемата градска фешта – прославата на патронот на градот, свети Антонио (13 јуни). Таа вечер реки од луѓе, туристи и домашни, ги преплавуваат улиците на градот. Цела Алфама е накитена, ечи музика и гласна смеа од сите тесни и врвулести улички на стариот дел на градот, се пијат џинџиња (локалната ракија), вино од Порто и сангрија, се јаде бакалар, сардини, pasteis de nata, се случуваат паради во централниот дел на градот и се игра како да нема утре.
Данско кафе во Лисабон? Се запрепастив од податокот дека најдоброто кафе во градот го прават Данци 😊. Меѓутоа бев пријатно изненаден. Со самото влегување во Copenhagen Coffee Lab во сопственост на Ида, Хеле и Сузан, добивате неодолива желба да ги пробате сите видови кафе што ги нудат. Придружните деликатеси само ја дополнуваат сликата. Атмосферата е прекрасна, еден куп убави и опуштени луѓе на исто место 😊.
Mузејот за модерна и современа уметност „Берардо“ навистина го нуди најдоброто од најзначајните уметнички движења од минатиот век па сè до денеска. Си дозволивме четири часа нуркање во уметноста на Пикасо, Дишан, Мондријан, Миро, Ернст, Ворхол, поставени по хронолошки редослед. Патувањето низ епохите на уметноста ќе ве остави без здив и во случајов, со болка во половините и нозете 😊.
Last but not least, никако не смеам да го пропуштам источниот дел на Лисабон. Parque das Nações (Паркот на нациите) ја доловува модерната страна на Лисабон која некако недостасува во неговиот централен дел. Овој реон порано бил индустриска депонија, но по повод Expo ’98 овде изникнала урбана населба која со текот на времето прераснала во корпоративен центар на Португалија. Таму е сместен и Океанариумот, најголемиот од таков вид во Европа, а во близина има жичница со која се стигнува до грандиозниот мост Васко де Гама.
…
Ова е само мал дел од мноштвото реални места и реални доживувања во градот кој може да влезе во „Речникот на измислени места“ под буквата Л 🙂
Јосип Коцев