Разговарајќи со пријатели и познајници преку facetime или whatsapp, oд домот во Берлин, Лилика ги заробила моментите на изолација, стравот, неизвесноста, обидите за опуштање и надежта за надминување, така што, по некое време сигурно ќе речеме дека реалноста добила повеќе слоеви, дека токму изолацијата е изолирана на овие фотографии, и засекогаш останува таму. Како сведок или предупредувачки знак дека она што мислевме дека е невозможно да се случи – глобалното застанување и успорување на светот, навистина се случи. На портретите ќе ја видите и авторката, а токму таа двостраност на нив, нè потсетува на потребата од комуникација, од поздрав и отпоздрав, прашање и одговор во сета оваа дистопија. Едноставно, се потсетуваме на она што мислевме дека никогаш нема да ни биде ускратено и многупати го земавме здраво за готово – хуманата димензија на разговорот, набљудувањето на нашиот и говорот на телото на соговорникот. Фотографиите на Лилика говорат за потребата од размена на емоции и суштинскиот нагон за поврзување, за она што го прави човекот да биде човек.
Јосип Коцев