Мултифункционалност на домот
Според архитектите, постои голема веројатност луѓето да се свртат кон предградијата и помалите градови, кои им нудат поголем простор, нешто што беше запоставувано долго време. Оние што ќе останат во урбаниот простор, ќе тргнат во потрага по соларни соби или простори за урбано фармерство за да го надоместат недостигот од ограниченото поминување време надвор.
Поминувањето време во домот ќе значи барање начин да се штеди енергија преку убаво промислен дизајн и употреба на соодветна технологија, какви што се соларните панели, станиците за полнење батерии и системите за филтрација. Исто така, ќе се размислува и за простор за складирање во домот, па затоа ќе се промовира продуктивност во организацијата на просторот. Едноставно, луѓето ќе ги ценат своите домови многу повеќе отколку претходно, трудејќи се да ги направат пофункционални и соодветни на променетите околности. Од тој аспект, луѓето ќе прифатат поедноставен стил на живеење, дома а и воопшто насекаде, како одговор на тоа што светот стана многу комплексен.
Изградбата на домовите ќе се фокусира на отворен дизајн, кој се карактеризира со простор што дише и се отвора кон надворешноста, и истовремено ќе има пофлексибилна функција, за разлика од претходно кога функционираше само како собиралиште и простор за живеење. Сега живеењето во домот подразбира и други функции. Тој одеднаш се претвори во канцеларија, училница, конференциска соба и теретана со повеќе корисници истовремено. Како резултат на искуството со ковид-19, политиката на широко прифаќање на работата од дома ги тера архитектите да размислуваат како просторот во кој живееме, јадеме и се забавуваме, може да се искористи за функционално и одвоено работење.
Како помалиот простор може да извршува повеќе задачи, но и понатаму да остане зачувана одвоеноста меѓу работното место и домашниот живот? Ова ќе бидат прашањата што ќе доминираат кога станува збор за градењето на идните домови.
Автоматизација во јавниот простор
Што се однесува до јавниот простор, се чини дека постои консензус дека неговата изградба ќе се движи кон автоматизација за да се спречи заразата со сите видови технологија без допир – автоматски врати, лифтови што се активираат со помош на глас, влез во хотелските соби со помош на контрола од мобилен телефон, хендс-фри прекинувачи за струја и контролори на температура како и софистициран чек-ин на аеродромите.
Архитектот Ден Мејс, кој го дизајнирал Staples Center во Лос Анџелес, очекува стадионите да понудат широк спектар можности за миење раце и санитизација, па предлага како дополнување на металните детектори, да има и скрининг на температура или некоја форма на УВ-дезинфекција за секој гледач. Тоалетите со врати исто така ќе станат минато.
Некои конструкциски елементи што се веќе стандардни во здравството, можат да најдат примена во други јавни простори, како што е намалување на бројот на рамни површини на кои можат да се задржуваат бактерии и инсталација на вентилациски системи што ќе го отстрануваат потенцијално загадениот воздух од која било површина.
Иако социјалното растојание како привремена мерка е неопходно, загриженоста од појава на идни вируси може да ги охрабри архитектите да дизајнираат отворени простори што ќе овозможат луѓето да се шират. Архитектот Мејс не верува дека ќе стигнеме до точка во која комплетно ќе избегнуваме јавни собирања, но искуството со ковид-19 докажа дека живееме во навистина мал свет, во кој сме сите поврзани.
Драган А.