PopUp Rating: 4.5/5
Време е за нов наслов и интимна прошетка во Бакингемската палата, која ве уверувам дека ќе ја разбранува вашата листа на омилени серии.
Монархот на Обединетото Кралство, Едвард VIII, принудно абдицира и му го отстапува тронот на својот брат во 1936 година. Новиот крал, Џорџ VI, владее во периодот на Втората светска војна, но му се влошува здравствената состојба и свесен дека води загубена битка, почнува да ја подготвува најстарата ќерка за жешкиот престол. Малечката Лилибет ужива во детската игра со помалата сестра Маргарет, но како што расте, таа добива специјален третман и се наѕира оформувањето на новата кралица…
„Круната“ е себританска играна серија во три сезони, а потврдени се уште барем две нови продолженија. Творецот Питер Морган соработува со етаблиран екипаж, кој има докажано искуство со национални историски приказни, а тој беше и номиниран за наградата Оскар како сценарист за играниот филм „Кралицата“. Целиот проект е комплексен предизвик на деликатна тема, исполнета со контроверзии, а мошне храбра идеја е промената на актерите по крајот на втората сезона.
Сценариото хронолошки ги обработува настаните што го одбележаа владеењето на кралицата Елизабета II во минатиот век. Животот на владетелката е сеопфатно прикажан од раното детство, па сè до турбулентниот брак со темпераментниот принц Филип и вајањето во следна штитеничка на светата круна. Таа е епицентарот на дејството, но другите членови на кралското семејство добиваат заслужено внимание, посебно маркантните карактери какви што се харизматичната принцеза Маргарет и престолонаследникот Чарлс.
Круната претставува неприкосновен авторитет со неограничени привилегии, кој носи тежок куфер полн со големи одговорности, но сепак, светиот сјај на трнливиот ореол моќно ги привлекува и ги опседнува сите во негова близина. Пулсирачкиот притисок предизвикан од трпеливата лупа на јавноста иницира емотивни растројства кај личностите во потесниот круг на кралицата, на кои им недостасува внимание, самодоверба и истрајност. Недостигот на слобода и приватен живот иницира фрустрација и ја открива темната страна на величествените титули. Иако, низ титуларите тече благородничка крв, тие се обични луѓе, кои за (не)среќа се родиле во аристократска средина. Фантастичниот етапен развој на ликовите овозможува лесно јакнење на силна, емпатична врска со протагонистите, а тоа создава неизбежен конфликт со сетилата и со моралните судови кај публиката. Невозможно е да не сочувствувате со младата дама која е фрлена во оган да дели улога на кралица, сопруга, сестра и мајка, но нејзиното неискуство носи колатерална штета од илјадници невини животи во неколку наврати.
Таа е сè уште недорасната за врховната функција и носи пристрасни одлуки. Истовремено, Елизабета потфрла во ролјата како сестра, сопруга и мајка да им даде целосна поддршка на најблиските и на моменти го запоставува бракот со војводата Филип, ја потиснува љубовта и ведриот дух на Маргарет и го придушува прогресивниот ум на Чарлс. Верните поданици на монархијата, мудрите советници, се обидуваат да ја потсетат кралицата на почитување на традиционалните принципи и ја насочуваат кон „правилниот“ пат со помош на интригите диригирани од нејзината мајка. Круната останува иста, само носителите се менуваат.
Режијата внимателно ги има проучено најситните детали од Бакингемската палата и сетот е исполнет со уникатни предмети што навистина го красат домот на нејзиното височество. Британското сивило и бледата атмосфера се достоинствено отсликани со најчесто крупни, статични кадри на кинематограферите, а на автентичниот амбиент додава умешноста на костимографите, кои ја разбиваат монотонијата со силните бои на облеката.
Актерската селекција има монструозна обврска, но кастинг-одделот совршено ја има завршено домашната задача. Клер Фој одлично ја доловува младата, мека и невина душа на Елизабета, која е соочена со многубројни тешки дилеми и отровни стрели од владата и од медиумите. Актерката е пријатно изненадување и зрачи со мила ѕвезда, а оваа искористена шанса заслужува да ја вивне во нови значајни улоги во кариерата. Следбеничката, оскаровката Оливија Колман, безболно ја спроведува транзицијата во третата сезона и дополнително го подигнува квалитетот. Маестралната актерска игра е заслуга и на другите глумци како Мет Смит/Тобијас Мензис (Филип) и Ванеса Кирби/Хелена Бонам Картер (Маргарет).
Без трунка сомнеж, „Круната“ е едно од најдобрите остварувања на Нетфликс и одржува лекција како треба да изгледа брилијантна серија. Режијата се обидува колку што може неутрално да ги исфрли на површина сите подеми и падови без да наметне став и ѝ остава простор на публиката за самостојни одлуки. Веродостојната на настаните е прецизна во најголем дел, со минимални измени за драматуршки цели, и тоа се наметнува како ситна замерка за која ќе приговорат историчарите. Успешно извршената промена на актерите е ретко видена и воопшто не се чувствува разлика кај повеќето ликови, а севкупно актерската игра е најсилната страна на серијата.
На прв поглед, сагата за кралското семејство на многумина ќе им звучи снобовски досадно, но „Круната“ ги разбива сите предрасуди и доволни се само неколку епизоди да ве вовлече во вителот за да ја изгледате во еден здив. Крајот на третата сезона интересно ги најавува љубовните маки на младиот Чарлс, а во претстојниот пакет епизоди следува појавата на принцезата Дијана и случувањата што ја одбележуваат втората половина од владеењето на кралицата Елизабета Втора. Не чекајте и впуштете се во моќната драмата, каде што само вие може да одлучите кои се херои, а кои негативци.
Филип Мишов