Инаку, таа има 22 години и е студентка на Факултетот за ликовни уметности. Покрај фотографијата, слика на платна и тетовира, пишува поезија и постојано истражува нови фотографски локации во природата. За себе вели дека секогаш е позитивна кон она што го твори, па дури и тогаш кога се чини дека е невозможно.
Неодамна имавме можност да видиме твоја фотосесија со моќна антирасистичка и антидискриминаторска порака „Сите сме исти кога ќе се изгаснат светлата“. Како настана таа?
Со оглед на ситуацијата, низ периодот со кој се соочуваме, оваа фотосесија ја направив за да ги омекне сите луѓе, да допре до нивните срца, со што ќе им ги отвори очите да нема меѓусебна омраза. Настанувањето на оваа фотосесија се пролонгираше многу време, речиси 8 месеци, бев во потрага по млади ликови што ќе ја реализираат пораката што сакам да ја искажам преку фотографија. Благодарна сум на Ана и на Џаст, кои ми помогнаа и беа повеќе од одлични, без разлика на тоа што се запознаа за време на фотосесијата. Со таа порака би сакала да искажам дека на овој свет сите сме создадени на ист начин, небитно од јазикот на кој говориме, ниту бојата на кожата што ја имаме, без разлика на религијата, сите сме исти кога ќе се изгаснат светлата.



На Инстаграм-профилот забележав впечатлива фотографија со caption „Everything happens for a reason“. Мислиш ли дека животот сите нè спојува со добра причина?
Тоа е една од моите омилени фотографии со Маја. Мекост и топлина во срцето. Описот на оваа фотографија беше поради чувство што длабоко во себе секогаш го имам. Да веруваш во тоа што случајно ќе дојде, никогаш не знаеме кој нѐ чека. Да, се согласувам, сум била жртва на лоша ситуација што на крајот ми донела позитива и вистински пријатели или, пак ќе речам, во секое лошо има и нешто добро.

Кој (што) е главниот фактор за фотографската естетика што ја негуваш денес? Како ја развиваше?
Себеси се гледам како креативна личност, па затоа сакав на некој начин да го извадам од себе тоа што го чувам како идеја. Да искажам емоција преку фотографија. Секој пат кога ќе си посветувам време себеси, во глава ми се вртат многу интересни и невообичаени мисли. Понекогаш идеите ги реализирам преку сонови, ги запишувам и пробувам да најдам соодветна личност што ќе е приближно на тоа што планирам да го изведам. Секоја обична фотографија сакам да ја исполнам со вид предмет, миленичиња, цвеќиња, со што би изгледала богато и впечатливо.

Што, освен уникатен надворешен изглед, треба да поседува еден модел за портретот да остане запаметен и да зрачи во свеста на гледачот? (Прашањето е поттикнато од фотографиите со твојот чест модел Ивана).
Со Ивана имавме одлична соработка. Штотуку направивме уште една нова фотосесија, која може да ја погледнете на @feel_the_ljiljart_heart. Првично ми е битно моделот да се соживува со емоцијата што ја чувствувам длабоко во себе, да се опушти бидејќи има целосна слобода од моја страна, правам сѐ што можам да вметнам самодоверба таму каде што е потребно. Сум успеала на тоа поле, па затоа како фотограф треба да му се даде на моделот слобода и енергија, да нема згрчени пози, да биде сѐ опуштено, со песна. Енергијата на човекот прави фотографијата да зрачи.

Кои ти се следните предизвици на фотографски и, воопшто, на уметнички план?
Тука би се надоврзала со претходното прашање. Следно нешто би сакала да биде сосема авантуристички видеоклип, во кој би учествувала Ана Марија. Досега веќе имавме направено кратко видео што беше сосема случајно. Таа го има тој жив дух во себе, се соживува со моите емоции, едноставно дива! А кога сме веќе кај другите уметнички планови, би сакала да спремам фотографии со приказна за анксиозноста. Мислам дека 80 отсто од луѓето страдаат од некој страв, па се надевам дека тоа ќе ги допре и ќе ги охрабри да се силни, да пробаат да го надминат стравот и да се изборат со себе.


