Припадниците на оваа генерација се родени меѓу 1996 и 2011 година и ги карактеризира висока технолошка ориентираност и зависност. Од моментот на нивното раѓање, тие се изложени на влијанието на интернетот и на мобилните телефони. Друга нивна генерална карактеристика е тоа што веќе не ја ни забележуваат различноста во општеството. Расата, сексуалната ориентација и религијата се идентитетски прашања за кои веќе дискутирале претходните генерации и тоа прашање за Ген З е затворено. Како клучна разлика меѓу оваа генерација и нивните претходници – милениумците, се наведува тоа што Ген З сакаат да бидат независни, додека кај вториве сè се врти околу соработката со други луѓе. Разликата е во тоа што припадниците на Генерација З се компетитивни, па со тоа нивната желба да ја имаат в раце сопствената судбина и да одлучуваат сами е многу поголема. Уште една нивна карактеристика е фокусот на финансиската добивка. За разлика од милениумците што мора да го сакаат она што го работат, Ген З има постигнато компромис дека работата служи само за стекнување пари. Тие со задоволство прифаќаат вработување што ќе им понуди стабилен приход, иако тоа не е нивната работа од соништата.
Ако се земат предвид сите овие карактеристики, не е чудно што така независни луѓе си создаваат свој специфичен јазик за комуникација, кој под глобалното влијание на англискиот јазик во технологијата го прифаќаат нивните врсници во целиот свет. Овој неформален тинејџерски сленг не е нешто ново (такви сленгови постоеле меѓу тинејџерите децении наназад), тој постојано е подложен на рециклирање стари зборови, нови кратенки и давање ново значење на веќе постојни зборови. Ако скролнете низ коментарите на тинејџерите на Инстаграм, веројатно ќе ви треба превод за да разберете за што зборуваат 🙂 Подолу следува листа од интересни зборови, кратенки и фрази што ги употребуваат „новите деца“ во онлајн комуникацијата и објаснувања на нивното значење.
Basic – има негативна конотација и се користи кога се опишува личност што му припаѓа на мејнстримот, копира или следи неоригинални трендови
Beat Your Face – става шминка
Bet – може да се користи наместо ОК или ДА, но исто и како одговор кога некој те предизвикува за нешто
Bop – многу добра или многу популарна песна
Bruh – термин што означува пријател, без родова одредница
Clapback – досетливо враќање на нечија навреда или негативна критика
Dope – многу добро, јако, кул
Fire – нешто што е многу кул или добро направено
Finsta – fake Instagram, се однесува на некој што изгледа многу поразлично во реалноста споредено со имиџот што го презентира на социјалните мрежи
Flex – се покажува, се фали
Facts – „се согласувам со она што го кажа“
Fam – кратенка од „family“ се користи за да се означат пријателите
Glow Up – се користи кога некој го сменил животниот стил или физичкиот изглед на подобро. Позитивна трансформација
Gucci – нешто што изгледа многу убаво, многу добро
High Key – очигледно, гордо, отворено
Leaving Someone On Read – кога ја отвораш пораката, но не одговараш (слично на „seen zone“)
Low Key – обратно од High Key, суптилно или скромно
Lit – нешто прекрасно, возбудливо и полно со енергија (во некои случаи се употребува и за пијанство)
LMR – Like my recent (се користи на Инстаграм и на Тик-Ток како повик за лајк на најновиот пост)
Lewk – варијација на „look“, исклучителна физичка појава или одлично облекување и изглед
No Cap – искрено, оттука Cap – да излажеш за нешто
OG – original gangsta, некој што е многу популарен во друштвото
Periodt – збор што се користи на крајот на реченицата за да се нагласи кажаното. Се смета за поекстремна и поинтензивна верзија на period
Salty – вознемирен, огорчен, иритиран
SMH – кратенка за „shaking my head“ со што се искажува неверување или несогласност
Snack / Snacc – некој што е многу привлечен
Stan – голем обожавател што се граничи со прогонувач (stalker)
Теа – oзборување
TFW – „that feeling when…“ или по наше „она кога…“
Vibe – кога имаш добро чувство за некој или добро се согласувате со некого
Wig – се користи кога ќе видиш нешто прекрасно. Се однесува на идејата дека си видел нешто толку прекрасно што навистина те шокирало и ти ја одлетало периката од глава. 🙂
Драган А.