Нејзината уметност опфаќа и политички прашања, социјални теми и испраќа секаков вид коментари околу тековните ситуации до јавноста. Својата кариера ја насочила кон зајакнување на жените, користејќи графити и мурали како акт на бунт и самоизразување. Наречена е „прва дама на графитите“, затоа што била една од првите активни жени во графити супкултурата во њујоршкото метро на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век.
Леди Пинк била запишана во средното училиште за уметност и дизајн во Менхетн, каде што го запознава уметникот Seen TC5. Иако биле на иста возраст, таа го смета за свој прв ментор. Ѝ биле потребни месеци да ги убеди своите машки пријатели да ја однесат „кај возовите“ бидејќи ја сметале за премногу женствена. Имено, според нејзините зборови, како и секоја латино девојка, таа почнала да се шминка од 12-годишна возраст, одела на училиште во свилени фустани и на високи потпетици. Кога ја запознале подобро, сфатиле колку е бестрашна, дури и безумно храбра и луда. Никому не се покорувала и не дозволувала да ја контролираат.
На 17-годишна возраст таа одела на забави со Енди Ворхол, Кит Харинг и Жан-Мишел Баскија. Немала време ниту да заврши гимназија бидејќи постојано правела изложби и патувала низ светот. Таа е ретка уметница што се изборила за свој простор во „машкиот клуб“ на уличната уметност, а првите возови почнала да ги слика уште додека била средношколка, во 1979 година. Во 1980 година, Леди Пинк го создава женскиот графити тим „Дами на уметноста“ (ЛОТА). Од 1979 до 1985 година, Леди Пинк цртала на возови во подземната железница во Њујорк. Од 1993 до 1997 им се посветила на товарните возови заедно со сопругот Смит. Во 1980 година била вклучена во историското шоу GAS: Graffiti Art Success. Во 1983 година глумела во филмот „Wild Style“ на Charlie Ahearn. Денеска спаѓа во редот на најпознатите светски графити-артисти.
Нејзината прва љубов бил исто така познатиот уличен артист Lee Quiñones, со кого поминала заедно четири години. За него таа ќе каже дека се трудел да ја обликува и да ја скрши на начин на кој мажите сметаат дека треба да се постапува со девојките. Затоа и го оставила, сметајќи дека не треба да биде под власта на маж. За себе вели дека била феминистка уште пред да знае што точно означува овој збор.
„Имам малку контрола врз тоа како ме означуваат луѓето. Јас навистина не сум феминистка, но луѓето ме означуваат како феминистка и тоа го гледаат во мојата работа. Само сакам да ја сликам женската форма затоа што изгледа подобро. Едноставно е. Многу е полесно да се црта. Момците не се толку интересни. Така, можете да направите облик на жена и да правите најразлични работи.
Јас навистина не сум активист, затоа не гледам зошто луѓето ме ставаат во таква улога. Јас само го работам тоа што го работам и се занимавам со мојот бизнис, бидејќи сум силна жена, па луѓето мислат дека сум пример на тој начин. Сакам да зборувам за проблемите на жените, бидејќи тие се релевантни за мене и за мојот живот. Јас само зборувам за неправдите што ги трпат жените и децата и малцинствата.“ – вели таа.
Драган А.