„Идејата за ваков вид студио за цветен дизајн се роди во екот на пандемијата, преку креациите што започна да ги изработува Исидора, инспирирани од нејзината цветна градина. Тие беа поздравени со позитивни коментари и поддршка да прераснат во секојдневна приказна, во која ќе можат да уживаат сите. Па така, успеавме да ги споиме знаењето, темпераментот и креативноста за да пренесеме една свежа и ненаметлива приказна.
Нашата мала работилница нуди секогаш необични цвеќиња, различен пристап кон цветниот дизајн и секому шанса за поинакво секојдневие. Принципот на работа е навистина едноставен. Тековните клиенти веќе знаат дека вторник е почеток на работната недела во нашето студио. Секоја недела е со различна и внимателно одбрана палета на цветови, кои можат да бидат аранжирани како букет или преку услугата ‘претплати се’ на поинакво секојдневие во Цветна фабрика.“
Цветна фабрика беше и повеќе од доволна инспирација да помуабетиме и да направиме мала оддишка во шарениот мирислив свет на Сандра и на Исидора.
Цвеќињата за нас претставуваат…
Оаза во овој бетон.
Да се започне и води бизнис во време на пандемија е…
Голем предизвик, особено кога оваа работа не ти е примарна дејност и не влегуваш во неа со големо искуство. Понекогаш знаеме да се погледнеме меѓу себе и да заклучиме дека било резултат на импулсивност, но воедно и најдобрата одлука што сме можеле да ја донесеме. Голема улога во водење бизнис има обостраната поддршка и разбирање, но пред сè секојдневните пофалби и позитивната енергија од луѓето што се дел од нашата приказна.
Работата со цвеќиња е…
Неисцрпен извор на инспирација, константно учење за природата на секој цвет и заљубеност во несовршеното.
Најсреќни сме кога…
Нарачката за букет гласи „направи ми нешто по твое, ти верувам“. 🙂
Задоволство е да знаеш дека твојата креација пренела емоција и украла нечија насмевка.
Најдобриот цветен дизајн што сме го изработиле досега е…
Хммм… дали е клише ако кажеме дека секоја наредна креација ни претставува поместување на сопствените граници? Навистина, секој аранжман за нас е многу повеќе од само збир на цветови.
Незгодната страна на работата со цвеќиња е…
Неизвесноста што ја носи секој понеделник кога треба да ни стигнат цвеќиња кои сме ги нарачале првпат. Тука е и моментот на одржување и грижа за секој цвет да ја задржи свежината и што подолго да трае. Дополнително може да се напомене дека погрешна е перцепцијата на многумина дека свежото цвеќе трае ден или два. Напротив, правилната едукација за вашите букети го продолжува векот на нивното траење. За таа цел воведовме и картичка за грижа, која оди со секој наш букет.
Во иднина, би сакале Цветна фабрика да…
Прерасне во голема работилница, да го задржи имиџот за препознатливост и да продолжи да ја менува перцепцијата на луѓето дека за подарување цвеќе, не треба посебен повод.