Нема друга зграда во Финска во која биле сместени толку познати уметници: до денес, повеќе од 130 визуелни уметници и мноштво музичари и сценски уметници престојувале во Домот на уметниците. Првите уметници што се преселиле во Домот на уметниците, завршен во 1933 година, биле Маркус Колин, Естер Хелениус, Еро Нелимарка, Вени Солдан-Брофелд и Елен Теслеф.
Домот на уметниците обезбедува амбиент за создавање уметност не само како физички простор, туку и како состојба на умот. И покрај тоа што одлични уметници живеат едни покрај други, секој го почитува личниот простор на другите и им дозволува да работат во мир. Атмосферата во Домот нуди прифаќање и почит. Скулпторот Еси Ренвал вели дека жителите уметници од различни области се запознаваат едни со други и формираат семејство, но сепак таков тип семејство „чии членови не знаат многу едни за други“.
Животот во Лалука само што започнал кога Финска влегла во војна, есента 1939 година. Уметниците заминувале на воените фронтови, а некои од нив никогаш не се вратиле. Сепак, уметничкиот живот никогаш не запрел бидејќи имало голема побарувачка за уметност. Во децениите по војната, се појавиле жестоки дискусии за уметноста и за новите трендови што требало да го одбранат своето место во уметничкиот свет. Апстрактната уметност брзо ќе ја зафати финската уметност, а нејзиното значење ќе остане доста силно и во децениите што следувале потоа. Едни од пионерите на апстрактната уметност, Ларс-Гунар Нордстром и Горан Аугустсон, пристигнале во Лалука во седумдесеттите години на минатиот век. Полека атмосферата станала порелаксирана, доведувајќи до разгранување на уметничките правци и поголема шареноликост. На крајот на минатиот век била постигната вистинска разноликост во финскиот уметнички свет, нешто што сè уште ја карактеризира уметноста во оваа земја.
Жителите на уметничкиот дом Лалука исто така имале и значајни улоги како учители и влијателни луѓе во светот на уметноста. Лалука отсекогаш се карактеризирала со многугласие во уметничките погледи и се смета за витален дел на финската уметност. Уметничкиот дом е минијатурен свет што живее и дише во сопствен ритам. Историските слоеви се секогаш таму, а идејата што треба да ги води идните генерации уметници, исто така е составен дел од духот на Лалука. Веќе девет децении, оваа исклучителна зграда ги живее промените на општеството и на уметноста.
Лалука ја дизајнирал архитектот Госта Јуслен и денеска претставува едно од главните обележја на финскиот функционализам. Во периодот меѓу 2012 и 2017 година, овој објект бил реновиран. Обновени биле техничките системи на зградата, поправени биле покривот, прозорците, фасадите, а кујните и бањите биле целосно модернизирани во духот на нејзината оригинална, моќна архитектура.
фото: Jusi Tiainen