Сукита ја почнал својата кариера како фриленс фотограф во Јапонија. По воочувањето на неговиот талент и уникатен фотографски стил, тој почнал да чувствува зголемена привлечност кон супкултурната сцена на доцните 60-ти и во раните 70-ти години од минатиот век.
Во раните седумдесетти години, тој заминал во Лондон да го фотографира Марк Болан од Т. Рекс. Додека уживал во zeitgeist-от на хипи сцената во Лондон, по фотосесијата со Т. Рекс, Сукита го здогледал постерот на Дејвид Боуви од каверот за неговиот трет албум. Сукита веднаш купил билети за концертот тој викенд со Боуви како хедлајнер.
Сукита бил обземен од појавата на Боуви, па покрај своето слабо познавање на англискиот јазик, успеал да договори фотосесија со меѓугалактичката рок-ѕвезда и од тој момент се родила соработка што ќе трае повеќе од 40 години. Со текот на годините, Сукита го фотографирал Боуви во секакви изданија, a тука особено значајни се екскурзиите во берлинскиот У-Бан и роденденската забава на Иги Поп.
„Една од причините зошто бев толку инспириран кога го видов Дејвид за првпат“, објаснува Сукита, „беше затоа што тој не е само музичар. Тој е исто така уметник и изведувач. Начинот на кој тој се претставуваше на сцената, неговото движење и телесниот израз беа многу различни од оние на другите уметници“.
Ова уметничко пријателство и желбата секогаш да се бараат нови културни врвови, довеле до доживотна креативна соработка, но и до пријателство. И покрај тоа што насловната фотографија на албумот „Heroes“ е значаен дел од културната иконографија што може да го дефинира творештвото на секој фотограф, зад успехот на ваквите слики стои длабокото чувство на субјектот и на фотографот, кои работат со иста инспирација и се на иста вибрација.
Можеби највисоката пофалба од сите за ова дело доаѓа од колегата фотограф Гвидо Харари, кој вели: „Сукита го фати Боуви како модулира и мутира, реконструира и деконструира. На неговите фотографии можете дури и да го забележите вистинскиот Дејвид Џонс, под тешката шминка, црвената коса, сценската облека на Кансаи [Јамамото] и сè“.
Неговиот уникатен стил и способност истовремено да ја откопува длабочината додека ја зачувува драмата на површината, се темелат на неговата очигледна перцептивност.
Кога размислува за неговата забележителна работа со Боуви и Иги Поп во Берлин, тој се присетува: „Мислам дека најдоа нешто еден во друг што самите го немаа кај себеси“, се сеќава Сукита. „Дејвид најде дивост кај Иги; Иги пронајде интелигенција кај Дејвид. Секогаш ми се чинеше дека тоа е причината што тие функционираа толку добро“.
Во најновите луксузни изданија од неговото животно дело, „Сукита: Вечноста“, објавени од „ACC Art Books“, може да се најдат најзначајните фотографии на Сукита, вклучително и првичното експериментирање во неговата родна Јапонија, модна фотографија, портрети на музичари и славни и неговите помалку познати слики од улица, како и слики од патувања. Засекогаш поставено на самиот врв на културата, неговото дело ја опфаќа рок-сцената во САД и во Велика Британија, анархичната лондонска панк-рок ера, па се протега сè до современиот подем на јапонските рок-изведувачи. Сликите се богат потсетник на културната историја, формирајќи приказна преку некои од најсаканите музички sвезди и сцената на која тие владееле.
Драган А.
photo credits: Masayoshi Sukita