PopUp Rating: 4.5/5
Таа крадејќи ги погледите и вниманието, прераснува во незаменлива миленичка на народот и на јавноста, но истовремено станува непосакувана во очите на кралското семејство… Долгоочекуваното продолжение на играната серија нуди кристално јасен одговор на клучното прашање – „Благослов или казна?“ и креаторот Питер Морган врши немилосрдна распределба на херои и на негативци меѓу ликовите. Во претходните три сезони режијата ѝ препушта слобода на публиката да оформи мислење, но сега таа е конкретна, директна, напаѓа и ги води гледачите во ќор-сокак со веќе донесени заклучоци. Исто така, во новата сезона се забележува зголемено присуство на автентични фотографии и докази за потврда на вистинските настани по крајот на дел од епизодите, а уредната и внимателна селекција на музика продолжува да испраќа моќни сублиминални пораки.
Евидентно е дека режијата е во одбрана на народот и го критикува водството на бесчувствителната Тачер, под која Велика Британија тоне во сиромаштија. Една од највпечатливите епизоди е таа кога очајниот граѓанин Мајкл Феган успева да го надмудри дотогаш непробојното обезбедување на Бакингемската палата и да оствари приватна средба со кралицата за да го искаже незадоволството. Безопасниот Феган е на работ на егзистенција и исфрустриран од односот и одлуките на премиерката, сака да биде чуен гласот на народот, за кого челичната дама нема слух. Црната ера на Тачер е соодветно прикажана, а актерката Џилијан Андерсон, попозната од главната улога во криминалистичката серија „Досиеја икс“, квалитетно ја игра себичната и арогантна политичарка, која си го полни егото за сметка на ниската класа.
Иако долговечната Елизабета Втора влегува во зрели години и во екот на своето владеење, фокусното светло полека го огрева надежниот Чарлс. Негова примарна цел е да ја пронајде мајката на идните престолонаследници и ја сретнува неодоливата Дијана. За жал, веднаш по стапување во брак, избиваат фрустрациите на принцот од Велс, кој мечтае по неговата пријателка и забранета љубов, Камила. Одмаздливиот Чарлс неправедно го насочува бесот кон осамената Дијана, која се обидува да се приспособи на новата средина. Заедничкиот живот прераснува во бурно неверство, но кралицата постојано ги потсетува незадоволните сопружници дека угледот на круната е поважен од среќата. Минатата сезона актерот Џош Оконор впечатливо го најави тврдоглавиот карактер на Чарлс, но сега тој е во центарот на случувањата и талентираниот Англичанец максимално ја користи укажаната шанса. Тој го има проучено ликот до најситен детаљ и дури неговите гестикулации, згрбавен чекор и став се идентични со тие на принцот. Срдечната Дијана е добредојдена, свежа крв во серијалот и ѕвезда што силно сјае. Сепак, нејзината заразна енергија, привлечност и забавен карактер се косат со традиционалните начела на величествената титула и таа станува лесна мета за чуварите на светиот ореол.
Турбулентниот брак меѓу принцот и принцезата е во фокусот на четвртата сезона, во рамнотежа помеѓу љубовта и омразата, соодветно претставен со сите подеми и падови. Прекрасната актерка Ема Корин има тешка задача да ја долови блескавата принцеза, но таа е фантастична и демонстрира широк репертоар на емоции. Дебитантката дели физички сличности со русокосата Дијана, но за нејзиниот изглед комплименти заслужуваат костимографките и до израз доаѓа маркантната работа на одделот за шминка.
„Круната“ продолжува да сјае и заслужено го задржува епитетот најдоброто од Нетфликс. Актерската игра останува најдобра страна на серијата, овој пат предводена од Андерсон, Оконор и Корин, а единствените забелешки се дел од сценариото. Нелогична и воочлива мана е епизодата за омиленото дете на владетелката, кое на сечие изненадување е средниот син Ендрју. Незабележителен лик од претходните сезони, на кој едвај ќе се сетите, а сега е претставен како важна личност. За разлика, запрепастува извонредната епизода за невидливите членови на кралското семејство, кои се отпишани и затворени во установа за лица со посебни потреби, далеку од јавноста, додека другите уживаат во раскош.
Храброста на Морган да критикува без влакна на јазикот и да исфрла на површина контроверзни настани се покажува како ризичен потег. По почетните сезони, кралското семејство не го крена гласот во јавноста, но како се зголемува популарноста и се наближува најчувствителниот дел за смртта на принцезата Дијана, расте жестокиот притисок кон продукцијата. Во последните неколку недели, откако почна да се емитува новата сезона, сè погласни се острите забелешки серијата да биде означена како фикција, што, мошне интересно, не беше случај претходно. Морган е искусен филмски работник со богато резиме, но неизбежно се наметнува страв за продолжението, а следната сезона се истакнува како клучна за иднината на одличната серија.
Филип Мишов