Во моментов се препорачува социјална изолација, но, секако, во нормални околности луѓето реагираат позитивно на физичкиот контакт. Кога прегрнуваме некого, телото го ослободува хормонот наречен окситоцин, кој ефективно го намалува нивото на стрес. Освен тоа, се намалува и крвниот притисок, па затоа за време на прегратката чувствуваме помал стрес. Ние сме социјални суштества, кои на долг рок се среќни само доколку се опкружени со други луѓе.
Еден експеримент поврзан со социјалните врски и здравјето, спроведен од научниците Луис Хокли и Џон Качопо, децидно доаѓа до резултати според кои ризикот од рана појава на кардиоваскуларни заболувања е повисок кај луѓето што биле осамени во детството и во младоста. Сè уште не е докажана врската помеѓу осаменоста и депресијата, но сè повеќе се смета дека депресијата е последица на чувството на осаменост.
Можеби во овие времиња ќе звучи иронично, но науката вели дека допирот го зајакнува имунитетот, го подобрува спиењето, го намалува стресот. А сепак, и пред пандемијата, луѓето се допирале многу помалку за разлика од подалечното минато, главно поради влијанието на социјалните медиуми, можноста да се слуша музика на слушалки што ги намалува шансите за интеракција со непознати луѓе, па и со пријатели. Напредокот на технологијата придонесе да избегнуваме комуникација и основни човечки контакти, па иако сето тоа е позитивно од аспект на достапноста и флексибилноста, сепак кога станува збор за човечката поврзаност, технологијата е едноставно немоќна и не може да го надомести.
Директниот контакт со блиските луѓе има моќен ефект, па според психолозите, треба почесто да бидеме физички близу до нив. Само еден или два физички контакти дневно значително влијаат врз нашата благосостојба.
Сега сме исправени пред прашањето: Ќе се менуваат ли обрасците на нашето секојдневно однесување, сега кога сме пред најголемиот здравствен предизвик во поновата историја?
Имено, пред извесно време видовме како германската канцеларка Ангела Меркел му пружи рака на министерот за внатрешни работи Хорст Зихофер, а тој одби да се поздрави. Пред коронавирусот, ова ќе беше неприфатливо социјално однесување, но насмеаната канцеларка веднаш потврди дека министерот постапил правилно.
Факт е дека коронавирусот ќе ги менува социјалните интеракции, и тоа ќе биде прифатено различно во различни земји. На пример, луѓето од континенталните европски земји (особено западните, централните и јужните) имаат поблизок начин на поздравување и социјални интеракции во форма на гушкање и бакнување секогаш кога ќе се видат. За разлика од нив, северните европски земји и Обединетото Кралство не ги практикуваат ваквите форми на социјално однесување во толкава мера, градејќи код на поголем личен простор.
Експертите од Светската здравствена организација охрабруваат побезбедни алтернативи на ракувањето како што е удирањето со лактови, потчукнувањето со стапалата и мавтањето наречено „wai“ според тајландскиот поздрав, кој вклучува благ наклон и склопување на дланките како за молитва. Некој ќе рече дека тоа е just too much, но експертите велат дека ракувањето треба да го ставиме „на чекање“ и наместо тоа да промовираме мавтање со отворен и позитивен говор на телото.
Кога се соочуваме со непријатност поврзана со одбегнување на ваквите форми на поздравување, треба да одговориме со пријателски тон, позитивност и зошто да не, со хумор. Понатаму, доколку некој во наша близина слободно кашла или кива, треба да се сетиме дека соочувањето со пандемијата е двостран процес. Сите имаме поголема одговорност да го спречиме ширењето на заразата, но истовремено имаме и одговорност кон себе. Затоа, попаметно е да не се конфронтираме со „слободниот кашлач“, туку да го напуштиме просторот и да излеземе од ситуацијата. Доколку сме во простор што не можеме веднаш да го напуштиме, тогаш треба да се свртиме со грбот на другата страна. Во секој случај, конфронтацијата со други луѓе во вакви ситуации е зголемување на засрамувачкиот момент и грубоста, што и без тоа веќе постојат.
Како и да е, сосема е извесно дека кодот на вообичаеното социјално однесување ќе претрпи промени, и тоа ќе биде долг процес што треба да биде поддржан и промовиран од медиумите и од властите на глобално ниво. Она што се чини дека ќе мораме да го зачуваме на пиедесталот е човечкиот допир, кој ни е потребен како на социјални битија. Барем оној безбедниот и дезинфициран човечки допир 🙂
Драган А.