Но, кога веќе сме кај наградите, ајде да не ги заобиколуваме 🙂 Кристина е носителка на наградата „Жан Моне“ за најдобра аматерска фотографија, а пред некој ден доби уште едно убаво признание за својата работа – нејзината фотографија „Early morning“ ја доби првата награда на конкурсот за најдобра фотографија на Скопје, што беше распишан во рамките на Скопската фото недела (Skopje photo week). Кристина е една од омилените соработнички на нашиот онлајн магазин, па затоа задоволството да се разговара со неа, овој пат во сосема поинакво својство, беше големо.
Ја доби наградата за фотографија со мотив од главниот град. Колку Скопје е податливо место за автентична фотографска инспирација? Кои негови катчиња ти се особен предизвик?
Фактот дека тоа е градот во кој сум родена и порасната, прави да го гледам со особена почит и да ја негувам конекцијата со него. Омилено катче немам, но сметам дека фотографија може да се направи во секој сокак или парк од него. Всушност, повеќето коментари во однос на конкретната фотографија беа „како да не е нашиот парк“. Сметам дека сѐ е последица на перцепцијата и како авторот ќе го интерпретира она што го гледа. Светот има видено милиони фотографии од Ајфеловата кула во Париз или од Сан Марко во Венеција, а бројот на местата што не се воопшто посетени или фотографирани е веројатно многу мал. Но, она што ни е најблиско, би требало најдобро и да го познаваме. Доколку некој навистина умее, ќе создаде парче уметност и во својата дневна соба, двор, гратче. Секогаш се тргнува од домот, без разлика каде ќе одведе патот понатаму.
Како го објаснуваш специфичниот белег што им го оставаш на фотографиите во постпродукцијата? Дали тој final touch e печатот и душата на фотографот?
Постпродукцијата е еднакво важна фаза како и самото фотографирање, и секако дека конкретен начин на постпродукција претставува и своевиден печат. Одзема време, внимание и трпение и дури и во два дена разлика се случува поинаку да погледнам на стореното, па да коригирам дури не сум сосема задоволна. Но, не би рекла дека обработката е душата, туку идејата. Доколку отсуствува идеја и првичната слика во главата, ниту еден кадар не би бил комплетен, без разлика колку обработка е вложено во него. За мене секогаш ќе има приоритет умот кој ја создава фотографијата и неговата визија или порака, наспроти камерата или начинот на кој потоа ќе ја дотера.
Што мислиш, дали фотографијата стана предостапна со развојот на социјалните мрежи? Немаш ли впечаток дека ја сквернавиме со неталентираност, силни филтри, изнасилено местење, разместување, преместување и вештачки додатоци?
Апсолутно да. Историјата на фотографијата познава неколку моменти во кои таа одново се демократизира, секогаш наоѓајќи начин да стане уште подостапна, во зависност од последниот збор на технологијата. Не би можела да замислам што е следно, но кога зборуваме сериозно за фотографија, дистинкција помеѓу тековнитe трендови и нешто навистина вредно е неопходна. Камера има секој во својот џеб, секој од нас фотографира зајдисонца, миленичиња, шарени чинии храна или домашни декорации (и да не ја заборавиме никогаш поевидентната опсесија со себеси 🙂 ). Тривијални моменти фотографираме постојано, но сметам дека дневните „snapshots“ не чинат фотограф. Фотографот е нешто повеќе од некој што посегнува по телефонот само затоа што нешто му се видело „убаво“.
Во идеален сетинг, во услови на НЕпандемија, каде би сакала да биде Кристина и што би сакала да фотографира во овој момент, денеска, сега?
Мало село во италијанските Алпи, на кое ветив дека ќе му се вратам. 🙂
Дали можеме да очекуваме изложба со твои фотографии во иднина?
Искрено се надевам дека да. Учество во поголем број групни изложби сум имала, но неостварена желба ми е и самостојна.