Бидејќи глобалното население продолжува да расте и да станува поурбанизирано, градските власти и креаторите на политики од целиот свет ќе треба да решат многу нови предизвици поврзани со овој раст. Едни од најургентните се еколошките предзивици и потребата да се живее во почиста средина. Во вториот дел од еко-иновациите продолжуваме со уште неколку интересни изуми кои светот ги користи за таа цел.
Вертикална градина
Најголемата вертикална градина во светот е дом на над 115 000 растенија и може да се најде во Богота, Колумбија. Овој проект кој го одзема здивот е дел од станбена зграда и зафаќа импресивна површина од 3 117 квадратни метри. Со нејзините 9 ката, Санталаја е трансформирана во прекрасна зграда која го зголемува нивото на кислородот. Тоа е идеја на биологот и ботаничар Игнасио Солано.
Блокот кули е домаќин на 10 различни видови растенија кои биле внимателно одгледувани пред да бидат вметнати во вертикалната структура. Вертикалната градина произведува доволно кислород за 3.000 луѓе, а во меѓувреме ги филтрира емисиите на честички на околу 745 автомобили.
Секој сегмент зеленило се потпира на неколку столбови и се наводнува со патентиран хидропоничен систем. Искористената вода за туширање од внатрешните станови вешто се користи за одгледување на надворешното зеленило, додека сензорите за влажност и зрачење работат на оптимизирање на потрошувачката на вода.
Оваа „жива зграда“ е сјаен пример за тоа како преполните градови еден ден можат во себе да вклучат погони за неутрализација на ефектите од штетните емисии. Дополнителен бонус е изолацијата што ја обезбедува целата оваа зелена иновацијаа. Растенијата ѝ прават сенка на зградата во топлите денови, а кога е студено делуваат како ефективни изолатори. Среќните станари дишат чист воздух и уживаат во уникатното задоволство да бидат опкружени со растителен свет во густо населената градска средина.
Живи зелени ѕидови
Зелените sидови се вертикални структури на кои се прикачени различни видови растенија или друго зеленило. Зеленилото често се засадува на медиум за раст од почва, камен или вода. Бидејќи во sидовите има живи растенија, тие обично имаат вградени системи за наводнување.
Паметните и активни зелени sидови честопати изгледаат слично на конвенционалните зелени sидови, но може да се употребуваат на повеќе начини поради тоа што користат вештачка интелигенција. Карактеристиките на паметниот жив ѕид може да се автоматизираат и следат со цел да се подобри неговата ефикасност.
Покрај визуелните и биофилните придобивки на зелените ѕидови, паметните и активни зелени sидови можат да имаат природно прочистување и навлажнување на воздухот благодарение на комбинацијата на подобрена циркулација на воздухот, специјализираниот медиум за раст и технологијата.
Зелените ѕидови имаат многу предности. Како прво, визуелните придобивки од живиот ѕид не можат да се игнорираат. Впечатливите парчиња можат да внесат голема визуелна промена во урбаната средина во која преовладуваат бетон и тули, нудејќи на тој начин алтернативи за урбаното земјоделство, градинарството и внатрешната декорација.
Живите ѕидови можат да нè направат посреќни и попродуктивни, бидејќи тие нудат конкретен одговор за нашата вродена потреба да бидеме блиску до природата. Внесувањето природни елементи на места каде тие генерално не можат да се видат, го поткрева нашето расположение, правејќи нè поконцентирани и порадосни. Овој концепт е познат и како биофилија.
Студиите исто така покажаа дека природата може да го намали негативното однесување, како што се агресијата и вознемиреноста. Покрај тоа, познато е дека врската со природата го намалува стресот и го олеснува менталниот замор.
Ефектот на прочистување на воздухот кај растенијата се постигнува преку микробите на корените на растенијата, кои можат да користат хемикалии како хранливи материи. Покрај директните здравствени влијанија, докажано е дека подобрениот квалитет на воздухот ја подобрува концентрацијата и когнитивните способности на луѓето.
Пренамена на напуштени објекти
Недостатокот на зелени површини во Банкок и другите преполни градови се најде под лупа бидејќи пандемијата на коронавирус доведе до блокирање на целиот свет, па луѓето се свртеа кон парковите за вежбање и прошетки.
Новиот парк во главниот град на Тајланд – изграден на напуштена железничка пруга – може да биде модел за претворање на другите неискористени простори во градот во зелени површини.
Скај паркот Фра Пок Клао во Бангкок, кој беше отворен летово, ги поврзува населбите од двете страни на реката Чао Праја и е изграден на подигнатата железничка линија која лежеше неискористена повеќе од три децении.
Овој парк претставува пример за тоа како може да се пренамени еден напуштен објект и да се зголемат зелените површини преку ефективно дизајнирање, бидејќи парковите и градините на покривите можат да го намалат загадувањето на воздухот и штетните емисии, а исто така да ги ограничат и поплавите.
Драган А.