Се проценува дека загадувањето на воздухот предизвикува околу 800.000 предвремени смртни случаи секоја година само во ЕУ, а мнозинството од нас, особено оние што живеат во градовите, сме редовно изложени на воздух што содржи високи нивоа на загадувачи. Сепак, постојат и луѓе што постојано работат на нови иновации поради зголемениот глобален притисок во областа на науката и технологијата да се изнајдат нови средства за обновување на квалитетот на воздухот. Еве некои од нив.
Текстилни фасади
Градот Сантијаго де Чиле со своите седум милиони жители страда од огромно загадување на воздухот во зима. Архитектот Јан Сероде магистрирал таму кога го развил концептот за текстилна фасада за прочистување на воздухот. Проектот сега се подготвува на пазарот како дел од неговиот докторат на Институтот за текстилна технологија на Техничкиот универзитет во Рајна-Вестфалија. Прототипот е на пилот-испитувања во германскиот град Хамбург од февруари годинава.
Текстилните фасади на Сероде ги филтрираат азотните оксиди, најзначајниот загадувач што се наоѓа во воздухот. Тие се ослободуваат во атмосферата преку согорување на фосилните горива како јаглен или нафта. За главен извор се смета патниот сообраќај. Повеќе од половина од емисиите на азотни оксиди во Европа во 2000 година беа предизвикани од емисии во сообраќајот. Досега фасадите од текстил се користеа за да се обезбеди заштита од сонцето, но и од естетски причини. Во овој случај, станува збор за текстилни фасадни системи што ќе бидат поставени пред вистинска зграда. Тоа создава воздушна перница помеѓу зградата и текстилот и ефект на ладење што ја намалува енергетската потреба за ладење во лето. Во една студија, во канцелариска зграда во Берлин е потврден потенцијал за заштеда до 78 отсто.
Текстилната фасада е изработена од полиестер обложен со ПВЦ, има фина структура и е пропустлива и транспарентна. Ефектот на прочистување на воздухот се заснова на облога што има фотокаталитички ефект. Ова предизвикува азотните оксиди од градскиот воздух да се врзат за површината на фасадата под УВ-светлина. Таму загадувачките честички се претвораат во мали количини на безопасни соли преку процес на оксидација. Кога врне, остатоците од солта се плакнат од фасадната површина и се враќаат во природниот циклус на природата. Дождовната вода може да се користи и како ѓубриво за растенијата.
CityTree
Green City Solutions најде начин да ги искористи комбинираните сили на биологијата и на технологијата при создавањето на CityTree. Овој блок на зеленило може да биде убав одговор на проблемот со загадувањето во урбаниот простор. Содржи густо спакувана култура на мов, што може да филтрира 240 метрички тони ситна прашина, азотни оксиди и јаглерод диоксид од воздухот за само една година. CityTree зафаќа површина од само 3,5 квадратни метри.
Самиот мов има зачудувачки биолошки својства, бидејќи површината на листот е многу поголема од онаа на другите растенија, што му овозможува да собере поголем број загадувачки честички.
CityTree e висок 4 метри, широк 3 метри и длабок приближно 2 метри, а го подобрува квалитетот на воздухот во радиус од 50 метри. Оваа извонредна урбана опрема исто така може да функционира и како аналоген билборд што прикажува текст, слики или дигитални податоци преку QR-код, iBeacon или NFC. Самата структура добива енергија преку вградени соларни панели и нејзиниот систем за наводнување е дизајниран за вешто собирање на дождовница, која се дистрибуира автоматски низ уредот. Сензорите ги следат податоците за функционирањето, овозможувајќи да се соберат повратни информации за перформансите на CityTree.
Хонг Конг, Осло, Брисел и Париз во моментов се домаќини на околу 20 вакви уреди. Иако ја нема природната естетика на вистинско дрво, елегантниот CityTree е привлечен спој на природата и науката. Овој уред ни докажува како најдобро да се комбинира природата со нови технологии за да се отстрани ужасот од нашите задушени градови.
Smog Free Tower
Уметникот и пронаоѓач Даан Рузгард ја создаде најголемата правосмукалка за смог во светот. Загадениот Пекинг го мотивирал Рузгард да создаде градба што би можела да воспостави одредена рамнотежа меѓу луѓето, природниот свет и денешната технологија.
Оваа структура висока 7 метри користи патентирана јонска технологија за да произведе незагадени воздушни џебови во парковите и во урбаните простори. Работејќи целосно на зелена енергија, Smog Free Tower може да го исчисти смогот од воздухот со брзина од 30.000 м3 на час. Истражувачите откриле дека на 20 метри од кулата, луѓето вдишуваат 45 отсто помалку PM10 и 25 отсто помалку PM2,5 честички. Првата кула што официјално ја отвори овој иновативен тим може да се најде во Ротердам. Кога не е зафатен со размислување на паметни начини да го редуцира нечистиот воздух што ги задушува нашите градови, Даан Рузгард го истражува начинот на кој биолуминисцентните алги може да се користат за осветлување на градските патеки и речните корита и кејовите.
Драган А.