Таа е дипломиран моден дизајнер на Accademia Italiana (Фиренца) и магистер по дизајн на аксесоари – чанти, чевли и накит на Domus Academy. За одбележување е фактот дека со уникатниот накит се има претставено и на Миланската модна недела и Revolver Fashion Trade Show во Копенхаген, а зад себе има веќе неколку успешни колекции: „Hidden stories“, „Cradle of desires“, „Rebirth“, „Colors of life“…
Колку креаторот на накит треба да биде „накитен“ однатре за да ја изнесе естетиката на она што го замислил во надворешниот свет?
Кога станува збор за естетиката на КК, таа го одразува автентичниот и современиот дизајн со артистички потпис. Инспирацијата е секогаш суреална и лична. Тргнувајќи од мисли, емоции, до форми, бои, патувања. Се разбира, тука е и структурата на моето школување во Италија.
Еден многу интересен момент од целиот Ваш творечки опус е фактот дека сте првиот дизајнер на накит што употребува стоматолошки материјали. Веднаш се поставува прашањето како се пронајдовте во овој уникатен правец на дизајнирање накит? Обично си мислиме дека тие материјали се прегруби и претешки за обработка, па како се справувате со нивната деликатност?
Додека студирав во Милано, ја имавме таа креативна слобода да истражуваме нови материјали за нашите дизајни. Секогаш бев фасцинирана од деликатноста и прецизноста на изработката на забите, тоа доаѓа од мојот татко, кој е стоматолог.
Конкретно работев со алгинат како материјал, кој за многу брзо време станува во цврста состојба. Од тој процес направив колекција накит што беше мошне динамична во самиот дизајн.
Среброто е signature на Вашиот дизајнерски опус. Што претставува тоа за Вас како материјал за работа, а што како нематеријален медиум преку кој дизајнерот може да ја реализира својата креативна замисла?
Среброто е најдобар проводник на топлина, во превод за мене значи дека најтопло можам да ги изразам своите емоции преку дизајните. Играта со среброто нуди ексклузивност и автентичност во дизајните. Филигранот како техника се надополнува да ги исплете приказните на КК.
Неодамна бевте дел од изложбата на еколошка мода и дизајн „SLOWSCAPES“ 4. Какво е искуството и целокупниот впечаток – во кој правец треба да се насочат брендовите во иднина за да одговорат на гласните повици за одржлива и почиста животна средина?
Одржлива мода, користење природни материјали, рециклирање на материјалите. Заборавете ја брзата мода. „Slowscapes“ е насока што сите треба да ја поддржат.
Во период кога навистина сакаме да ги вратиме ведрината и изгубените бои на жовијалноста во нашите животи, Вие ја претставивте импресивната колекција „Colors of life“. Каква е нејзината приказна?
Почнува од минатата година со колекцијата „Rebirth“. Претстоеше долг период на самоистражување и патување низ сè што претходно било за да разберам кои се боите што во моментов го бојат мојот живот. Медитации на седумте чакри ми помогнаа низ целото патување. Чувството на радост и инспирација може да се роди во секоја мисла, емоција и глас на интуицијата што ги отсликува боите на животот.
Ја зголемуваме свесноста на нашето вистинско, љубовно и духовно јас со прифаќањето на спиритуалниот живот што почнува кога ќе се „родиш повторно“.