PopUp Rating: 4/5
„Нема зло“ е долгометражен игран филм на Мохамед Расулоф за авторитарниот режим што го деморализира населението на Иран.
Сценариото го претставува макотрпниот живот на граѓаните низ четири приказни што отвораат клучни прашања за многубројните законски обврски наметнати од државата. Воздржаниот почеток на филмот е подмолно масло на режисерот да ги затече гледачите неподготвени за шокантниот расплет. Иако фокусот е на чинот смртна казна, Расулоф мудро ги имплементира во заднина и другите проблеми што се дел од секојдневието на жителите. Лесно раздразливите возачи во хаотичниот сообраќај се директна последица на фрустрациите од немоќ за промени, а потиснатата улога на жената во општеството е отсликана при недовербата од администрацијата таа да изврши основна дејност. Но, правопропорционално на задолженијата за жените, како носење покривка на главата во јавност, за мажите е облигаторно служењето воен рок од две години. Главните ликови се олицетворение на негативното влијание врз менталното здравје предизвикано од психолошката опресија. Квалитетната актерска игра е вредно одличје на филмот, а глумците Дарја Могбели и Мохамед Вализедиган оставаат силен впечаток во улогите на кревките службеници Тамине и Џавад. Нивна водилка е љубовта и тие демонстрираат широк спектар емоции при изведба на ролјата.
Директорот на фотографија внимателно ја следи визијата на режисерот и успешно го задржува вниманието на публиката со долги сцени во најчесто еден, статичен кадар, кои ја зголемуваат неизвесноста и ја воспеваат тензијата. Меѓународниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ го препозна моќниот удел на кинематограферот Ашкан Ашкани и филмот беше номиниран за главната награда „Камера 300“ на овогодишното 42. издание во Битола.
„Нема зло“ е лично и брутално сведоштво на режисерот Расулоф за тешките предизвици што ги носи животот во неговата родна земја. Филмот е збир на четири испреплетени судбини, кои разгоруваат морални дилеми и водат до ќор-сокак со идентични заклучоци. Иако четирите т.н. кратки филмови може да функционираат засебно, долгото времетраење од 151 минута има ударен ефект и ја постигнува целта. Умереното дозирање музика е вешт потег за сурова емоција односно страв, а револуционерната „Бела чао“ е јасна порака за мотивот. „Нема зло“ е храбар и придушен глас на Расулоф, кој е неопходно да биде чуен во светот, но Иранецот одлежa затворска казна за неговиот филм што е означен како пропаганда наспроти државата и тој има активна забрана за снимање нови филмови. Цензурата е уште еден во низата притисоци и речиси сигурно „Нема зло“ никогаш нема да дочека премиера во Иран. Исто така, оригиналниот наслов на филмот е „Ѓаволот не постои“, а за широка употреба се користи „Нема зло“. Но, режисерот ниже светски признанија за неговите дела и „Нема зло“ ја освои главната награда „Златна мечка“ на минатогодишното издание на престижниот фестивал „Берлинале“.
Филип Мишов