Специјалниот повод за овој наш разговор е добивањето на престижната награда „Excellent Product Design“ на Саемот ISH во Франкфурт, за колекцијата „Drop” во соработка со „Завар Дизајн“.
Како се случи преминот од графички дизајн во дизајн на накит? Каде најмногу се преклопуваат двете полиња на креација?
Себеси би се опишала како дизајнер со незапирлив креативен дух. Сакам да творам убави работи. Дел од мојата страст е и создавање „нослива уметност“. Графичкиот дизајн е дел од мојот професионален живот нешто повеќе од четврт век. По долги години поминати во рекламниот свет, почувствував дека имам потреба од друг медиум, за слободно изразување на својата креативност. Проработе желбата, но и генетиката, па мојот обид за бегство од корпоративниот свет беше во 2004 година, заминувајќи за Фиренца, Италија, на една од најпрестижните школи за современ накит „Alchimia“. Целта беше да си го остварам својот сон, да станам дизајнер на накит. Ги споменав гените. Мојот прадедо Иван Глигоров е еден од најистакнатите кујунџии во Скопје, чијшто портрет со години е изложен во Музејот на Македонија.
Така, во 2005 година ја почнав приказната наречена „Капка“. И покрај тоа што почнав да работам исклучиво со две раце и метал, беше невозможно да побегнам од мојата примарна професија, графичкиот дизајн. Тој е јасно видливо во моите парчиња накит преку чистата линија, композицијата, валерот, графиката.
Кажи ни нешто повеќе за особеностите на колекцијата „Drop“ и за соработката со Zavar Design?
Приказната за колекцијата „Drop“ (Капка), започнa во 2010 година во Скадар, Албанија. Бев повикана како дизајнер да изработам концепт за колекција накит со интегрирање неколку занаети и занаетчии. Соработував со мајстор што работи предмети од маслиново дрво и една мала работилница за филигран и сребро. Иако на почетокот звучеше нереално, овој предизвик понатаму ја создаде колекцијата „Hubble Bubble“, изложена на првото издание на Skopje Design Week во 2011 година. Марта Грнарова Наумовска, сопственичката на „Завар дизајн“ од Скопје, која исто така изложуваше на SDW, ме побара непосредно по тој настан со идеја да пробаме оваа колекција да ја пренесеме/преработиме во грејни тела, т.е. линија на дизајнерски радијатори. Така почна соработката со „Завар“ и во 2013 година се роди колекцијата „Drop“ или „Капка“, насловена по мојот бренд. Соработката трае до денес, не само во колекцијата „Drop“, туку и како графички дизајнер на сите материјали за „Завар“.
Како произлезе учеството на German Design Award?
„Завар дизајн“ со колекцијата „Drop“ во изминативе години активно учествува на сите престижни саеми во Европа и во Америка. Одзивот на сите досегашни саеми е одличен.
Во март 2019 колекцијата „Drop“ беше изложена на саемот ISH во Франкфурт. Организаторите на Германската награда за дизајн го забележале потенцијалот на „Drop“ и нè номинираа за овогодишното издание на German Design Award. За нас е огромна чест што бевме номинирани во категоријата Energy и ја добивме оваа престижна награда, „Excellent Product Design“.
Жирито што ви ја додели наградата вели: „Радијаторите висат како уметнички дела на ѕидот и исклучително многу го привлекуваат вниманието. Интересен дизајнерски пристап што ја интерпретира темата на загревањето на еден нов и необичен начин.“ Како ти иницијално го прифати овој пристап и предизвик на вакво трансформирање на твоите дизајни?
Колекцијата „Drop“ е парче уметност, кое за разлика од мојот накит, кој е „нослива уметност“, во случајов има дополнителна вредност, функционира и како грејно тело. Производот е прилично иновативен во однос на конкуренцијата. Станува збор за модуларна колекција радијатори каде што секој клиент има несекојдневна можност сам да искреира уникатна композиција на грејни тела од вкупно 11 форми од кои се состои „Drop“. Во 2017 година на саемот „Architectural Digest Design Show“ во Њујорк, „Завар дизајн“ ja доби наградата „Best Innovative design“, а минатата година колекцијата „Drop“ ја доби наградата „Best Product Design“ на месецот на дизајн во Љубљана, Словенија.
Кои се следните планови за претставување и на што работиш во моментов?
Следно е свеченото врачување на наградата на German design award, на церемонијата закажана во февруари во Франкфурт. Во меѓувреме работам на неколку тековни проекти од областа на графичкиот дизајн и ја привршувам новата колекција накит што произлезе од мојот тримесечен престој годинава во Халапа, Мексико, и соработката со мојот колега керамичар Pablo Muñoz.