„Налепница“ на Георги М. Унковски е во редот на 74 кратки филмови кои влегоа во официјалната селекција од вкупно 10397 пријавени филмови, меѓу кои 4992 биле од САД, а 5405 биле од други земји. PopUp правеше интервју со Георги по повод премиерата на „Налепница“ што можете да го прочитате овде.
Во генералната оценка за селектираните кратки филмови за новото издание на фестивалот, програмската директорка Ким Јутани забележува: „Дефинирани од карактеристичните гласови и гледиштата што просветлуваат, (овие филмови) се возбудливи проекти што пронаоѓаат инспирација во итноста на приказните и неверојатните индивидуи на денешницата во која живееме”.
Премиерата на „Налепница“ беше на 25 септември во киното Фросина во Скопје. Филмот е во продукција на „Cinema Futura“, и е црна комедија во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми.
„Налепница“ се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а покрај него се појавуваат и: Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.
Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.
По „Види ја ти неа“ на Горан Столески во 2018 и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов во 2019, „Налепница“ на Унковски ја продолжува успешната серија на македонски филмови што влегле во официјалната селекција на престижниот фестивал.