Во најтесниот избор од десет филма се најдоа: „The Power of the Dog“, „CODA“, „Don’t Look Up“, „West Side Story“, „Dune“, „Drive My Car“, „King Richard“, „Licorice Pizza“, „Belfast“ и „Nightmare Alley“. Како и секоја година, така и оваа неколку филмови се издвојуваат како потенцијални фаворити на Академијата во трката за оваа престижна филмска награда.
1. „Тhe Power оf The Dog“
Овој вестерн што ја истражува темата на токсичниот маскулинитет заработи вкупно 12 номинации. Бендикт Камбербач е номиниран за најдобра машка улога, Кирстен Данст за најдобра споредна женска улога, а Коди Смит Мекфи за најдобра машка споредна улога. Освен тоа, режисерката Џејн Кемпион по вторпат во својата кариера е номинирана во категоријата за најдобра режија, по номинацијата за филмот „Пијано“ во 1993 година. Уште еден куриозитет е и тоа што кинематограферката на филмот Ари Вегнер е втората жена номинирана за најдобра кинематографија во историјата на Оскарите. И во овој филм, талентираната новозеландска режисерка ги истражува длабочините на човечката психа, пренесувајќи ги најсуптилните нијанси на емоциите на нејзините ликови. Токму затоа и актерските номинации не се никаква случајност. За оние што не се љубители на вестерн – без страв, овој филм е вестерн само по својот сетинг. Слободно пуштете си го на Нетфликс и очекувајте силна, опсежна психолошка студија на екранот. Ако филмот „Тhe Power оf The Dog“ успее да триумфира, тогаш ова ќе биде втора година по ред како статуетката за најдобар филм ќе оди во рацете на жена режисер, по минатогодишниот успех на Клое Жао и филмот „Nomadland“.
2. „Belfast“
Полуавтобиографската приказна на Кенет Брана „Belfast“ доби седум номинации. Режисерот го опиша овој филм како негов „најличен филм“ досега. „Белфаст“ е приказна за детството на деветгодишниот Бади во Белфаст, Северна Ирска, среде немирите што се појавуваат меѓу протестантите и католиците, како резултат на што неговото семејство ќе биде принудено да го побара својот спокој во Англија. „Белфаст“ се одликува со фантастични актерски изведби, меѓу кои и онаа на доајенката Џуди Денч (номинирана за Оскар за најдобра споредна женска улога), но и комплексно сценарио кое е поставено во неколку слоеви, што ѝ дава дополнителна тежина на целокупната приказна. Интересно е тоа што Кенет Брана стана првата личност што има номинации за Оскар во седум различни категории, откако претходно беше номиниран за најдобар краткометражен филм, најдобро адаптирано сценарио, најдобар актер во споредна машка улога и најдобра главна машка улога.
3. „King Richard“
Биографска драма што ја следи приказната за Ричард Вилијамс, татко и тренер на прославените тенисерки Венус и Серена Вилијамс. Режијата е на Реиналдо Маркус Грин, а интересно е тоа што како извршни продуценти се јавуваат токму Венус и Серена. Главната улога ја толкува Вил Смит. Оваа драма е искрено преиспитување на семејството како јадро во кое се формираат сите амбиции во релацијата меѓу родителот и детето, но и терен на кој мора да се „соџвакаат“ разочарувањата и неуспесите. Американскиот филмски институт го прогласи филмот „King Richard“ за најдобар филм за 2021 година, а Вил Смит го доби Златниот глобус за најдобар актер.
4. „West Side Story“
Дилемата беше дали на четвртата позиција да се постави „West Side Story“ или „Dune“. Победи преработката на мјузиклот „West Side Story“, иако мора да се каже дека „Dune“ има 10 значајни номинации годинава. Режисер на овој филм е прочуениот Стивен Спилберг, кој се јавува и како продуцент. Многу критичари се изјаснија дека оваа преработка е многу подобра од истоимениот филм снимен во 1957 година. Исто така, тие забележаа дека ова е можеби најдобриот филм во режисерската кариера на Спилберг, како и дека тој не го крие театарското потекло на приказната во самиот филм. Класичната приказна за Тони и Марија е оценета како нов поглед на овој мјузикл, кој ги спојува старата школа во режисерството и модерниот сензибилитет. За крај, со номинацијата за најдобар режисер за овој филм, легендарниот Стивен Спилберг постави нов рекорд што тешко кој ќе може да го собори во догледно време – номинација за Оскар за најдобар режисер во шест различни децении.
Драган А.