Уште од првиот сингл „I know“, Андреа трпеливо и искрено ја гради својата stage persona, а тоа може да се почувствува од нејзината музика и од текстовите на песните. Вели дека е музички гладна за нешто поголемо, па затоа и конкурирала на националниот избор за Евровизија 2022 со песната „Circles“.
Од манифестација со мошне раскошен приказ на кич на почетокот на 2000-тите, Евровизија полека почнува да се реетаблира и да си го враќа изгубениот имиџ во светот на поп-музиката со победниците како Данкан Лоренс и „Манескин“, кои станаа планетарно познати. Дали одовде произлезе поттикот да учествуваш на националниот избор за претставник на Евросонг 2022?
Искрено, потсвесно можеби отсекогаш сум сакала да застанам на таа сцена. Секоја година гледам Евровизија и се прашувам како е да се застане на таа бина и да се презентираш пред светот, што воопшто не е наивно. Но, како човек што прави музика, сакам моите песни да стигнат до поголема публика и мислам дека ако ја добијам шансата да ја претставувам Македонија на Евровизија годинава, ќе докажам дека и во Македонија имаме таленти со потенцијал за интернационален успех.
Албум што ми е на replay во моментов:
After Laughter – Paramore
Музички артист на чиј концерт мора да одам:
Paramore hahah
Што мислиш дека е суштинско за успешен евровизиски настап во 2022? Колкава улога во тоа игра музиката и вокалниот перформанс, а колкава сценското претставување?
Суштинско за секој настап да биде успешен е да го изнесеш на публиката вистинското чувство што доаѓа од тебе, за и тие да го почувствуваат. Музиката е уметност што треба да допре до луѓето. Јас моите чувства ги напишав во песна, а при изведба и заедно со моќната мелодија, тоа уште повеќе излегува на виделина. Сценскиот перформанс секако придонесува и дава една целина за да се комплетира настапот и визуелно. Искреноста и самодовербата заедно со вокалниот перформанс е она што е „х фактор“ што ги тера луѓето да ти веруваат. Доколку ме одберат мене како претставник на Македонија на Евровизија, јас ќе дадам максимално сѐ од себе како и вокално така и сценски да прикажам комплетен перформанс.
За песната „Circles“ велиш дека е производ на една токсична врска. Како една млада личност да се издигне над таквиот емотивен однос, да направи исчекор од него и да стигне до ситуација дури и да го опее? Дали тоа беше исцелувачко искуство за тебе?
Да, суштината на „Circles“ е токму таа. Во процесот на креирање на оваа песна, ги преточив моите чувства во текст бидејќи само на тој начин, преку создавање музика, можам да бидам сто проценти искрена. Освен што беше исцелувачко искуство за мене, она што ми е особено драго е што секојдневно добивам пораки дека и други луѓе се поистоветуваат со текстот и со емоцијата што ја пренесувам, а тоа, според мене, е доволен доказ дека сум успеала.
Кога би можела да отпатувам со времеплов на која било точка од музичката историја, би се вратила во времето на:
Whitney Houston (90-ти генерално, тука доминира Soul/RnB)
Македонски музичар кому му се восхитувам:
Дина Јашари
Музички влијанија додека растев:
Whitney Houston, Jessie J, Hayley Williams, Amy Winehouse, James Arthur…
Пред точно една година направи и оркестарска изведба на твоите песни што укажува на тоа колку е сериозен твојот приод кон музиката и сето она што го правиш на музички план. Раскажи ни нешто повеќе околу тоа.
Убавината на оркестарски настап и општо акустични изведби на оригинално неакустични песни е она што може од корен да ја смени намерата и емоцијата на песната и начинот на кој слушателот ја доживува. Сакам да истражувам и да експериментирам со различни приоди кон музиката. Верувам дека тоа ја прави музиката побогата и попристапна. Без разлика какви стилови и интерпретации изведувам, сакам да го извадам најдоброто од себе. Во прилог на тоа ќе кажам дека сум многу сериозна во тоа што го работам, затоа што мене музиката ми е начин на живеење.
Светски музички артист што ветува многу во иднина:
Olivia Rodrigo
Песна што ме опишува во моментов (освен Circles):
Pool – Paramore
Која е и каква е сцената за која сонува Андреа?
Сцената за која сонувам е која било сцена каде што ќе имам можности да го правам најдобро токму она што го правам. Музичар не си само на сцена, музичар си секаде каде што твоите креации допираат до некого. Она што го научивме ние од пандемијата е дека не е потребно присуство за да го пренесеш она што сакаш да го пренесеш. Моето оружје се микрофонот и нотите, а пасијата, приказната и емоциите секогаш излегуваат на виделина. Секако дека би сакала еден ден да стапнам на најголемите сцени во светот, но сакам и да пеам „undercover“ во метро во Англија и да ја видам реакцијата на луѓето. Тоа се моментите во кои препознаваш дали она што го работиш е навистина добро или како луѓето искрено го доживуваат.
фото: Кристина Нановиќ