Извонредно талентираниот скопски гитарист, композитор и импровизатор, Филип Букршлиев е актуелен носител на наградата Најдобар млад џез-гитарист во Македонија, која Скопскиот џез-фестивал му ја додели во 2021 година. Како музичар соработува со повеќе домашни формации, а неговото име се наоѓа на повеќе од 20 албумски изданија. Неговото творештво се одликува со несекојдневна духовитост, раскошна фантазија и исклучителна елоквентност. Духовит и луциден е и во одговорите со кои ја опишува сопствената музичка димензија.
Актуелен носител си на наградата Најдобар млад џез-музичар во Македонија. Како се носиш со наградата?
– Мајка ми уредно си го зеде трофејот од наградата и си го постави на видно место покрај телевизорот, за секојпат кога ќе дојде на гости некоја нејзина пријателка што исто така има син кој, барем досега, бил во очигледна предност пред мене во областа на животот, дал со добро платено и перспективно работно место, дал со обезбедени сопруга, пар внучиња, долгорочно станбено решение и нов автомобил – да може прво да погледне во трофејот, па потоа, брзо пресекувајќи ја собата, да ја прободе со поглед гостинката и да ѝ го постави смртоносното прашање: Каде е сега оној твојот, а?!
Филип Букршлиев со наградата Најдобар млад џез-гитарист во Македонија (фото: Татјана Ранташа)
За тебе музичарите велат дека си „гитарист со необичен хват“. Што тоа би требало да значи?
– Тоа би требало да значи дека се во заблуда. Јас имам болно школски, правилен и безгрешно православен „хват“. Вратот од гитарата го држам како јаболко, секој прст си е на своето место, ја има само својата функција и ништо друго, никакви отстапки и недоследности, целосно ориентиран кон идеалот за економична ефикасност: постигнување максимален ефект со минимален стисок по жиците. Ако почнеш да ме споредуваш со гитаристи од Скопје и околните села, ќе се зачудиш од мојата конзервативност на тој план. „Необичноста“ доаѓа од тоа што никогаш не сум научил нешто на инструментот за да звучам како некој друг, туку го изучувам инструментот за да ми биде мене алатка со која што ќе произведувам звук.
Си настапувал во трио, квартет, квинтет… каков состав најмногу ти одговара?
– Сам. Сам ми е најубаво. Проблемот е што само инцидентно сум доволно добар за така да забавувам одредена публика. Шегата настрана, уживам во сите формации. Секоја си има посебен шарм. Посебно кога е со вистинските луѓе. Кога сме на иста бранова должина. Кога функционираме како еден организам. За жал, не ми текнува уште некое теткесто клише, ама несомнено, апсолутно уживам во сите формации.
Заедно со своето трио Филип Букршлиев настапи на матине на кое беше промовиран новиот календар на Скопскиот џез-фестивал (фото: Татјана Ранташа)
Според тебе, која би била дефиницијата на современиот џез?
– Мошне едноставно: Слободна Музика. Разбирање на Звукот како Целост и потполна отвореност кон можностите за маневрирање со него.
Се запознавме пред неколку години кога беше дел од „Фајтинг виндмилс“, потоа беше дел од ансамблот на Јордан Костов, минатата година се појави со проектот „Такси конзилиум“, соработуваш и со „Кантон 6“. Практично со колку групи и музичари си соработувал?
– Не знам точно, но бројката секако е поголема од сите барем приближно реални можности за настап на еден џез-музичар во Македонија и многу помала од бонусот што авторите на овогодишната евровизиска нумера-кандидат ќе го добијат за „продукциско усовршување“ на звукот пред главниот настан.
Настап на „Такси конзилиум“ во киното „Фросина“ во МКЦ (фото: Татјана Ранташа)
Почетокот на годината го одбележа ваш настап во Софија, Бугарија, кога заедно со „Кантон 6“ и „Такси конзилиум“ имавте целовечерни концерти во „Лајв клуб“. Како си поминавте таму?
– Исклучително добро. Викендот пред да пристигнеме, на бугарското национално радио се емитуваше 24-часовен маратон од македонска џез-музика. Кога пристигнавме во клубот, ни ја придржија вратата и ни посакаа добредојде како да сме Големи Господа. Убаво нè најадоа, убаво нè напоија. Молчеа додека изведувавме музика за тивка контемплација, танцуваа кога изведувавме музика за танцување. Алкохолната напивка што нè чекаше во просториите за релаксација: совршено разладена. Организаторот на концертот, великиот Цветан Цветанов, на нашето барање за да ни биде обезбедено квалитетно литературно дело за моментите пред да почнеме и откако ќе завршиме со настапот, ни ги обезбеди и подари сите дела од Томас Пинчон што досега се преведени на бугарски јазик. Кога стигнавме назад, на нашата граница нè прашаа дали знаеме да свириме хармоника. Им рековме дека не знаеме, ама дека познаваме едно момче што мошне добро умее да го прави тоа.
Групата „Такси конзилиум“ во 2021 година го објави албумот „The Essential Sunday Gloom“ во издание на „ПМГ Џез“
Соработката со „ПМГ Џез“ е на високо ниво. Има ли некакви планови за оваа 2022 година?
– Секако дека има планови, бидејќи „ПМГ Џез“ врши дејност на ниво на секоја друга голема светска џез издавачка куќа. Тоа што тука има ужасно селективна перцепција за тој податок, па и не е нешто особено битно. Како и да е, првенствено е дека е снимен и во блиска иднина ќе излезе нов албум на „Такси конзилиум“. Потоа, има планови за концертен серијал со многу учесници, слободна импровизација што ќе воспева еден објект во Скопје, планови за реализација на мултидисциплинарното дуо со поетесата Марија Грубор и планови да напишам најмалку десет срцепарателни балади за триото со Андреа Мирческа и Славчо Коцев. Ама има време за тоа. Прво да победиме на Евровизија, да не се поарчат парите од бонусот за џабе.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Татјана Ранташа