Фотографиите што се дел од оваа прекрасна серија се направени во убаво осветлен простор, во кој има само пијано, грамофон, маса, столови и една неокласична биста. Огромниот салон има доволно празен простор што Пичи го пополнува со светлорозoви топки. Визуелните манифестации на звукот излегуваат во форма на балони од пијаното и од хорната на грамофонот и нежно се движат низ светлиот салон. На крајот се собираат во рој по подот, по мебелот и околу статуата.
Инспирација за оваа чудесна фотографска серија е искуството на Пичи како уметник и музичар.
„Овој концепт започна како лична студија за поврзаноста помеѓу светлината и просторот. Се обидов да покажам како нешто нематеријално како музиката може да го исполни просторот со својата убавина.“
Додека свирел пијано, Федерико Пичи често се прашувал како одредени тонови и музички реченици би изгледале кога би можеле да бидат визуелно перципирани.
„Секогаш се обидував да замислам каква форма би имала мојата музика, каква боја, маса или мирис би имала. Како човечки суштества ние не можеме да ја видиме, но сепак можеме да ја почувствуваме преку бесконечноста на нашата имагинација.“
Оваа серија фотографии има и продолжение наречено ‘Balloon Concerto – The Drums’, со монохроматска палета, па така нежното розово преоѓа во метално. Топките излегуваат од тапаните и речиси можеме да го слушнеме звукот што го произведуваат судирајќи се меѓусебно и извивајќи се во спирала кон покривот. Хармонијата се постигнува преку балансираното присуство на елементите во просторијата за да се долови ритамот што инстинктивно го слушаме во музиката.