Поминаа шест години од првиот соло-албум на LD Pistolero (Владимир Пешков) – „После мостот“. Како што вели самиот, во меѓувреме многу нешта се промениле, изгубил, а и добил многу повеќе. Сите тие промени и неговиот раст како хип-хоп артист многу скоро ќе можеме да ги слушнеме на второто студиско издание под наслов „Далеку“. По тој повод поразговаравме со LD Pistolero непосредно пред самата промоција на новиот материјал, која ќе се случи в сабота (23 март), во Badu Bar.
Што се промени кај тебе и во твојот музички развој во шесте години што поминаа од првиот соло-албум „После мостот“?
Па би рекол многу, а и ништо. Што се однесува до музиката, според мене, има промена во пристапот спрема она што го пишувам и рецитирам, а преку кое пробувам да се развијам во посериозен, пред сè, човек и артист.
По соработката „Прошетка/Каша“ со Гоце С.А.Ф., која фановите ја оценија како мастерпис, со нетрпение се очекува новиот албум. Како настана „Далеку“?
Со Гоце соработуваме многу пред „Прошетка“ и „Каша“ и некако ни оди сè од рака така што нормално и природно дојде да го снимиме албумот. Многу работи се променија од „После мостот“ и сега се „Далеку“. Албумот е продукциски мастерпис, лирички прецизен, интересен, доста искрен и многу носталгичен.
Во песната „Деца на транзицијата“ од првиот албум слушаме „боље пристоен пекол отколку лажен рај во светов“, „би го смениле името ама никогаш светот“… Нудат ли лириките на новите песни барем малку поинаков поглед на светот или едноставно децата само станаа возрасни во истиот општествен сетинг и ништо не се промени?
Како што проаѓа времето, сè повеќе сфаќам и гледам што се случува, пред сè во светот па и кај нас, и едноставно за некои болки нема лек. Да смениш име е лесно, а од друга страна, да наметнеш позитивен менталитет претешко. Децата стануваат возрасни преку ноќ, а исто толку брзо и забораваат, па затоа можеби некогаш е најубаво само да ги потсетиш за да одлучат самите што е за нив пристоен пекол, а што лажен рај во сето.
Што уште треба да се направи за развојот на македонската хип-хоп сцена и хип-хоп култура генерално?
По сите параметри хип-хоп музиката е најпопуларна во последниве десет години и мислам дека продуцентските куќи и организациите што се занимаваат со музика и организирање настани треба да имаат верба и да им дадат повеќе шанса на изведувачите затоа што тие го заслужуваат тоа.
Кои хип-хоп артисти би ги навел како директно влијание за твојата музика? На кого му симнуваш капа?
Еднаш ме прашаа на кој композитор би му симнал капа. Одговорив дека познавам добри композитори а лоши луѓе, и обратно, и сега-засега ќе си ја задржам капата на глава. Истото го мислам и за хип-хоп артистите. Секако дека имам влијание и сум го изградил стилот од тоа што сум го слушал, но не би издвоил, премногу се и на сите сум им еднакво благодарен.
Comments 1