Луна Китановска е родена во Бостон, порасната во Македонија. Во Ница е трета година, каде што дошла на магистерски студии за време на ковид-пандемијата. Вели дека ја запознала француската ривиера на еден необичен начин – без туристи.
Иако нејзина специјалност е еколошко инженерство и менаџирање ризици, дружењето со апаратот годинава ја води на Канскиот фестивал како официјален фотограф.
Како стана фотограф на Канскиот фестивал?
Идејата дојде како продолжение на успешната соработка со интернет-весникот МКД.МК. Јас живеам во Ница и имам пристап до многубројни културни настани во регионот на Азурниот Брег. Самиот процес за добивање акредитација како фотограф на Канскиот фестивал е релативно обемен потфат. Апликациите ригорозно се прегледуваат. Се пријавуваат фотографи од целиот свет, но малкумина успеваат да добијат пристап до црвениот тепих. Јас едноставно имав многу среќа и решија да ми доделат една од најдобрите позиции за фотограф, со отворен пристап до сите официјални фестивалски активности.
Има ли правила штои треба да ги почитуваш, некој кодекс на однесување, треба ли богато портфолио?
Богато портфолио и доказ за квалитетот на професионалната работа се потребни. Предност имаат фотографи од реномирани светски весници, кои долги години го посетуваат фестивалот. Ова го заклучив откога ги запознав своите колеги фотографи на црвениот тепих. Јас сум исклучокот од правилото, најмлада и една од малиот број жени фотографи на црвениот тепих. Секако дека има правила и кодекс на однесување за да може сѐ да функционира беспрекорно. Нема викање, никаква агресивност, а за да нема никакви нерегуларности, се грижат неброено многу припадници на обезбедувањето и протоколот. За нас фотографите е задолжително протоколарно облекување во црно и во црни обувки.
Како изгледа работата за еден ред карпет?
Возбудлива, фантастична и динамична!
Секој ден започнува со таканаречениот “Photocall” каде што се фотографираат познатите глумци и режисери чии филмски остварувања се во официјалната конкуренција за некоја од златните палми. А потоа следува главниот настан – црвениот тепих! Секој ден добивавме распоред за денот што следува и се случуваше во еден ден да имаме и по четири пати обврска да се навраќаме на црвениот тепих и да фотографираме. Дефилето на ѕвездите на црвениот тепих траеше обично околу два-три часа, само отворањето и затворањето траеја по четири часа бидејќи беа главни церемонии на фестивалот.
Ние фотографите ги заземаме своите означени места и ја подготвуваме опремата половина час пред почетокот на парадата на црвениот тепих. Добивавме делумна информација кој сè ќе учествува, но секојдневно имаше изненадувања. Најавувани беа ѕвездите од филмовите што се прикажуваа таа вечер, но не и нивните многубројни пријатели. Овие мигови беа посебно возбудливи. На пример, ненајавено се појавија Наоми Кемпбел, Енди Мекдовел, Тоби Мекгваер (Спајдермен), Адријана Лима, Ума Турман…
Каков е Кан за време на фестивалот? Се среќаваат ли глумци, режисери на улица или се недопирливи?
Кан за време на фестивалот е најдоброто место на планетава! Насекаде во градот се чувствува прекрасен „вајб“ и навистина се има чувство дека во деновите кога трае фестивалот, не постои подобро место каде да се биде на планетава. Кан е жив преку цел ден и цела ноќ. Многу лесно може да се видаат глумци, режисери и други познати личности бидејќи Кан не е многу голем. Единствен начин да избегаат од јавното око е ако се на јахти во море или на забавите од затворен тип на плажите!
Дали се изненади од изгледот на некој/а глумец/а, обично на филм се високи и згодни, но во природа, велат, некои не се исти како на филмското платно.
Искрено, не се изненадив многу, сите глумци што ги видов беа речиси исти како што сум ги гледала на филмското платно. Само бев изненадена од манекенките на „Викторија сикрет“, тие беа повисоки дури повеќе од тоа што ги замислував!
Што сакаш да забележиш со фотографијата? Кога мислиш дека една фотографија е добра?
За мене фотографијата е добра ако е направена во ретките делови на секунда, кога глумците се природни, кога нивниот гламур излегува од нив самите како личности а не е одглумен и не зависи од гламурозните модни креации во кои се облечени. Секако дека ова е многу тешко да се направи на ред карпет бидејќи познатите личности имаат пред и зад нив голем број фотографи, но секогаш се трудам да ги фатам во некој момент каде што се чувствуваат смирено и се повеќе обични луѓе отколку светски ѕвезди и идоли.
Како се снаоѓаш во борбата за подобро место за фотографирање? Колегијални ли се другите фотографи или секој сака да се избори за најдобра позиција (има ли некаков ред)?
Секако дека има ред. Сѐ беше многу добро организирано. Сите фотографи на црвениот тепих имаме бројче што ни го даваат уште на самиот почеток од фестивалот, поради ова ние не се бориме за место. А фотографите се многу колегијални и си дозволувавме на одредени моменти, за слики што сакаме да ги забележиме, да си ги замениме местата. Моите колеги главно беа ветерани на фестивалот и ова им беше осми-деветти пат да работат на Канскиот фестивал, беа ангажирани од или вработени во најголемите светски агенции, елитната модна индустрија, или познати магазини како Elle, Vogue, Variety, Marie Claire…
Разменувавме информации, искуства и одлично се забавуваме. Особено се спријателив со малкутемина жени фотографи и веќе договараме дружба на некој од следните големи фестивали како оној во Венеција и слично.
Живееш во Ница. Со што се занимаваш, дали мислиш/очекуваш дека ова искуство може да ти го промени животот?
Во Ница сум постојано со својот апарат или барем со камерата на мојот ајфон. Соработувам со колеги од областа на животната средина, кои живеат на разни краишта на планетава. Да бидам фотограф на црвениот тепих на Канскиот фестивал е секако една од најголемите авантури во мојот живот досега. По дванаесетте фестивалски денови пред мојот објектив поминаа речиси сите најголеми филмски ѕвезди и врвни актери. А потоа животот оди понатаму и можеби мојата наредна серија фотографии ќе бидат документи за глобалното затоплување, загадување и деградација на околината или нешто од сферата на мојата специјалност – еколошко инженерство и менаџирање ризици.
По што ќе го паметиш ова искуство, највозбудлив момент?
По првиот ден поминат на црвениот тепих, си реков УАУ! – ова е премногу возбудливо. Ова чувство не стивнуваше цели дванаесет дена колку што траеше фестивалот. Понекогаш додека пиев кафе и ги полнев батериите на својот апарат, ненадејно ќе поминеше Харисон Форд… Си размислував како целата филмска елита допатувала од најдалечни краишта на планетава, врвните модни креатори создале облека за нив специјално за црвениот тепих во Кан, и сите тие поминуваат покрај мене да ги фотографирам. Самите организатори на фестивалот велат дека без фотографите, Канскиот фестивал не може да постои.
Интересни беа реакциите на публиката. Вечерта кога Ди Каприо, Де Ниро и Скорсезе беа на црвениот тепих, промовирајќи го новиот заеднички проект, сите беа убедени дека повеќеилјадната публика, особено младите, беа тука за Леонардо Ди Каприо, чекајќи го со часови да се појави. И навистина сите воодушевено врескаа и викаа кога конечно се појавија Де Ниро и Ди Каприо, но далеку најбучни овации и љубов доби стариот мајстор Мартин Скорсезе.
Илинка Делчева