Поради околностите, работел и објавувал анонимно под псевдонимот П. П. (P. P. – Prague Photographer). Неговото творештво за време на инвазијата е толку плодно што многу уредници мислеле дека зад фотографиите стои колектив од фотографи, а не една личност.
Во 1970 година Куделка побарал политички азил во Англија и така станал номадски фотограф што патувал низ Европа барајќи ја слободата. Една од темите на неговите дела е силата на човечкиот дух што блеска наспроти мрачната и тешка егзистенција. Првото големо дело на Куделка по војната е проектот за Ромите од Источна Европа. Додека го работел, се здружил со групата, спиел надвор, притоа убедувајќи ги Ромите дека е уште посиромашен од нив. Неговата работа често се фокусира на социјалните и културните ритуали, вклучувајќи ја и смртта. Куделка ги прикажува Ромите со разбирање и ги фотографирал со почит. Низ фотографиите може да се види меѓусебното разбирање и да се почувствува присуството на Куделка зад апаратот. Кога Куделка ќе го впери апаратот кон субјектот, јасно е дека на некој начин се фотографира и сам себеси.
Следниот проект на кој работел Куделка е славната книга „Прогонства“, објавена во 1988 година. Фотографиите се длабоко лични и направени на неговите патувања низ Европа и низ САД по напуштањето на својата држава. Иако фотографиите се темни, осамени и отуѓувачки, тие исто така ги прикажуваат и издржливоста и силата на луѓето.
Последните 25 години Куделка работи на проект со пејзажи. Тој е заинтересиран за начинот на кој современиот човек влијае врз пејзажот. Неговите пејзажи се мрачни и застрашувачки и го прикажуваат застрашувачкиот замав на индустријата. Иако на нив нема присутни луѓе, ја прикажуваат тежината на луѓето врз околината. Истовремено се грди и убави. Тој го фотографираше и ѕидот помеѓу Израел и Палестина. Тука неговата работа се заокружува бидејќи фотографира нешто што му е и туѓо и познато во исто време. Ѕидот е бариера помеѓу Израелците и Палестинците, и помеѓу човештвото и природата.