Последниот концерт на Smut во МКЦ ја фиксира нивната позиција на македонската сцена и им порача дека местото им е некаде погоре и некаде пошироко. Неколку месеци потоа, сталожено и со слегнати впечатоци, разговараме со Ѓорѓи Иловски или поедноставно, Џоле, фронтменот на Smut.
По успешниот концерт на Smut во МКЦ во април годинава, на кој уште еднаш се потврди вашата веќе препознатлива девиза „срце на бина“, сте се запрашале ли како бенд – до кога квалитетот ќе мора да се докажува одново и од почеток, до кога интернационално афирмирани бендови ќе ви признаваат дека тие треба да свират пред вас на концертите во странство, а не се случува тоа? Заситуваат ли тие признанија? Или можеби тоа е драјвот што го вози SMUT, тајната на опстанокот – со секое ново издание да се препородува од нула и да достигнува нов врв?
Мислам дека го започна прашањето и на крајот самиот го одговори. Ми се допадна тоа што одеднаш по толку години се појавија новинари што знаат да си ја завршат домашната задача на ниво.
Секој нов албум е нов циклус. Изолираност од светот неколку години. Идеите тежат и сакаат да излезат. Како артисти пробуваме да го направиме тоа на најблизок начин како што вистински го чувствуваме, без да ја загуби формата. Тоа е целата борба. Борбата не е дали ќе добиеме тапкање по рамо од колегите, нечии празни зборови или ласкање. Циклусот е завршен кога ќе дојде некој и ќе ти каже „се наежив од таа и таа песна“, кога ќе ти каже своја интерпретација и што почувствувал кога ја чул мелодијата и го прочитал текстот. Тоа е драјвот што нѐ тера да седнеме и да правиме нова музика. Кога конечно ќе ја споделиме таа емоција на концертите со публиката, доаѓа како совршен епилог и целиот циклус добива смисла. Сите оние прашања до кога ќе треба квалитетот да се става на тест одново и одново имаат конкретен одговор. Тоа е целта! Оној што ме познава како човек и ги познава дечките од бендот знае дека, кога се работи за SMUT, не постои зборот компромис.
Насловот на петтиот албум, „Тие се насекаде“, ме потсетува на предупредувачка реплика од трејлер на американски хорор за лигави, агресивни суштества што го напаѓаат големиот град, државата, континентот. They’re everywhere! Doomsday! Реферирајќи на „суштествата“ што три децении го напаѓаат нашето општество, има ли надеж да бидат истребени или можеби сите ние ги храниме?
Па, како што се вели во истоимената песна од албумот: „Тие се насекаде околу нас, се ранат од нашата болка, се ранат од нашиот страв!“ Тоа е, мислам, нивната улога и секогаш била. Како и секоја друга фирма што работи за профит така и политичките партии работат токму за профит, но, за разлика од која било друга фирма, тие ги делат луѓето на секоја можна основа, ја развиваат омразата кај луѓето и токму поради тоа сме каде што сме. На крајот на денот, тие меѓусебно не се мразат толку колку што ние мислиме. Левата и десната рака имаат иста функција. Делумно се различни, но пробај со левата да ја скршиш десната рака, не можеш. На крајот на денот, едната треба да ја измие другата. Мислам дека ти е позната споредбава, така?
О, да. Многу позната.
Колку се поклопува Ѓорѓи на сцена со Ѓорѓи дома? Што би рекол Ѓорѓи од сцена за оној Ѓорѓи дома?
Оууу, би му кажал многу работи! Повеќе би сакал да го сретнам Ѓорѓи од минатото, ветувам дека нема да му кажам наместени утакмици. Шала на страна, тоа е истиот човек. Музички фанатик што секој слободен момент го поминува слушајќи музика, гледајќи концерти, купувајќи музика и уживајќи во друштвото на Елена и Илина. Малку е мизантроп, не ги сака многу луѓето, кога те сака ќе ти каже, а исто и кога те мрази. Во глобала, нема некоја голема разлика од едниот до другиот. На крајот на денот, не сум актер, го правам и го мислам истото. На сцена не влегувам во нечија улога и не глумам некој замислен лик.
Отсекогаш сум сакал да те прашам за првиот контакт со жанрот на музика во кој сега си на врвот. Се сеќаваш ли на тој момент на електризирање со звукот, кога реши дека ќе го правиш тоа што го правиш сега?
Фала ти за убавите зборови, но Македонецот не реагира убаво кога ќе кажеш за некого „сега си на врвот“. Автоматски си негов непријател и те мрази, а ни самиот не знае зашто. Во секој случај, ти благодарам.
Мислам дека тоа може да биде само еден момент. Guns N ‘Roses, You could be mine, бев второ за трето одделение, беше лето, излезе новиот „Терминатор 2“, а со него и спотот за песната. Светот од тој момент наваму за мене никогаш веќе не беше ист. Минатото лето првпат имав можност да ги гледам во живо со оригиналната постава на тричасовен концерт и се сетив на детето што трчаше у соба во карирана кошула. Убаво време. Звукот на SMUT e далеку поразличен, ама тоа беше искрата.
Спотот за песната „Во мојот град“ беше одбиен за емитување од сите медиуми, вклучително и од јавниот сервис, со образложение дека „темата е спротивна од политиката на телевизијата“. Навистина верувавте дека ќе го пуштат или само го проверувавте пулсот сосема свесни дека политиката на мејнстрим медиумите е громогласно премолчување?
Искрено, по цело трубење и бука за слободни медиуми, мислевме дека ќе го пуштат и се надевавме дека нема да го добиеме одговорот што на крајот на денот и го очекувавме. Верувавме дека нема да го свртат погледот на тоа како едно убиство беше скриено, а потоа употребено во политички кампањи и ловење вештерки. Пуштаат и ќоро и сакато што, кога би одржало концерт пеејќи дури и туѓи песни, нема ни родителите да му дојдат. Албумот го работеше човек номиниран за „Греми“. Нешто слично како на нашиве поп-пејачи да им продуцира албум продуцентот на Бијонсе. Вложивме многу труд во спотот и во албумот за на крајот да ни одговорат „Ова е спротивно од политиката на телевизијата“.
Ако ја погледнеш музичката генеза на SMUT, кои три бендови/изведувачи од македонската сцена пред SMUT би ги ставил на листата на директни влијанија во неговото создавање? И, гледајќи напред, во кои три бендови ја гледаш надежта за македонската андерграунд сцена?
Ова ми е најтешко. Не дека се двоумам околу одговорот, туку три ми се малку.
Дефинитивно број еден и директни виновници – Санаториум. Едноставно недопирливо влијание за мене. Албумот „Тие се насекаде“ е директно инспириран од нивната песна „Град“ од албумот „На работ на разумот“. Верувам дека една земја без квалитетна музика и култура, без никаков белег, е само нива за земјоделство. Таа музика и култура даваат тежина. Сите ќе се сетат на Санаториум, Архангел, Леб и сол, Суперхикс. По десет години никому нема да му текне кој бил Миле Јанакиевски и како зборел кинески. Или кој бил министер за култура во 2019 година. Ама ќе зборат за „Д фест“ и колку бил добар „Таксират“ таа година, кои биле Шпирт, Пеце, Ристо Вртев, Влатко Стефановски.
Втор бенд – Brigade O.D, преку нив дознав за поимот хардкор и правецот. Бумбикс, партали бенд во вистинско време на вистинско место. Орион од Битола, првпат слушнав дет метал на МТВ 1. Архангел секогаш и во која било форма (реиздадете ги албумите на плоча, луѓе!). The Most Wanted (Темната страна) – прв хардкор рап во Македонија. Саф и Сафизам итн., да не продолжувам зашто нема да застанам. Сите овие албуми и изведувачи придонесоа да се изградиме не само ние како бенд туку и стотина други бендови. Воедно ја изградија културата на една држава и ѝ го дадоа саундтракот.
Не се толку млади, врсници ни се горе-долу. Струја издаде страшен трет албум, Hardfaced спремаат нов албум, треба да излезе оваа година, Shock Troopers издадоа нов албум. Зад аголот ќе спремаат нов материјал, а во меѓувреме беа инволвирани во претставата „Црнила“, кој не ја гледал обавезно да ја погледне, многу е добра, луѓе. Сите овие што ги набројав се горе-долу активни во моментов.
Млади што издадоа албум се Conspiracy. Demency спремаат светски дет метал албум. Short Fuse Hero и Trendkill спремаат албуми, а албум што ќе излезе сега во август е албумот „Не сме како вас“ од Последен удар и ќе биде оган. Едноставно е: НЕМА КОМПРОМИС!
Текстот не е лекториран со цел да се задржи неговата автентичност