Песна или саундтрак што ме опишуваат…
Во музичкиот свет, секогаш сум се пронаоѓал себеси во текстовите на Леонард Коен. Начинот на кој го гледа секојдневниот живот и како ги опишува поединечните ситуации, неговиот уметнички стил отсекогаш ме воодушевувал. Едноставно, со леснотија го сфаќав и восприемав. Ако би морал да одберам, тогаш “In My Secret Life” е песната на Леонард Кохен која ме опишува најдобро.
Кога создавам музика, во мене се буди…
Среќа. Чувствувам голема среќа и задоволство. Творењето музика е главната причина зошто сум во оваа професија. Чувството кога создаваш нешто што е 100 насто твое е неописливо, а потоа да добиваш поддршка и да слушаш дека на други луѓе тоа им се допаѓа, го прави чувството уште толку поубаво.
фото: Владислав Гавриловски
Албум што го слушам секогаш кога ми е тешко…
The Lumineers – Cleopatra
Еден од моите најомилени албуми. Целиот албум, како звукот, така и текстовите, е меланхоличен и носталгичен, но смирен. Многу убав и силен, артистички гледано, но многу лесен за слушање. Мислам дека токму тој баланс ме тера да го слушам, особено кога сакам да ги тргнам мислите од нешто или ми треба одмор.
Артист(и) што ме прават среќен…
The Beatles
Можеби поради тоа што ги слушам од мал и имам убави сеќавања со нивната музика во секој дел од мојот живот. Ме враќа на едноставните денови на моето детство, многу патувања со семејството и друштвото и многу други убави случки. Секогаш кога ќе ги пуштам или слушнам некаде, се возбудувам и морам да застанам и да им обрнам поголемо внимание.
фото: Фатон Ислами
Серија за binge watching во моментов ми е…
Better Call Saul
Better Call Saul е една од моите омилени серии. Овој месец ќе се објави и последната сезона и едвај чекам да видам што ќе се случи. Серијата има една од најубавите сценографии и нарации. Им препорачувам на сите што се фанови на драма да ја гледаат.
Би сакал да одам на концерт на…
Bon Iver
Bon Iver е еден од моите најомилени бендови. Досега сум гледал концерти нивни само преку интернет и едвај чекам да добијам шанса за да ги видам во живо. Нивната музика и начинот на кој што изведуваат и нивниот сценски настап претставуваат едно комплетно искуство. Сѐ што значи нивната музика, тие го претставуваат на сцена на најдобар начин. Интимна и мирна, колку што може да биде, тажна но надежна, истовремно среќна и позитивна.
фото: Дорина Ајдини
Концерт што ќе го паметам…
Paul McCartney
Во 2017 имав среќа да исполнам еден од моите соништа и да одам на концерт на Paul McCartney во Њујорк. Како што кажав и претходно, Битлси се голем дел од мојот живот, така што бев премногу воодушевен да ги слушнам некои од нивните песни во живо. Една од најубавите ноќи во мојот живот.
Музиката за мене е…
Сѐ. Среќен сум што можам да кажам дека ми е професија. За музика и нејзино создавање мислам цело време. Што ново би можел да направам, дали треба да сменам нешто во песната што ја работам тој ден, кои зборови би оделе добро во таа песна и така натаму. И да не беше моја професија, мислам дека исто ќе беше.
фото: Виган Деми
Македонски артист со кој би направил дует/соработка:
Веќе имам соработувано, но морам да го спомнам Бобан Апостолов, поради тоа што е премногу талентиран и искусен автор и продуцент, со кого имавме многу добро искуство во студио. Со него заедно ја напишавме мојата песна “Back Around”, а работевме заедно и на песната “Knocked Me Down” на Галоски. Создавањето со него беше многу лесно, а тоа е еден од најдобрите показатели за меѓусебно уметничко разбирање и добра соработка.
Мој неостварен музички сон…
Да свирам пред поголема публика во живо. Имав среќа да свирам на Таксират 2019, но за жал тоа беше онлајн. Се надевам што побрзо да добијам прилика да можам да ги свирам моите песни на поголема сцена.