Излегувањето на третиот албум со наслов „Си нацртав живот“ во текот на 2021 година веќе јасно го исцртува патот по кој тргнале момците од „21 век“. Бендот што функционира во најелементарниот рок-формат, односно вокал, гитара, бас и програмирање (место тапани) низ своите три досегашни албуми докажува дека длабоко навлегле во суштината на музицирањето, и воопшто на потребата за музичко изразување. Едноставни и природни во својот однос кон музиката, Васко Атанасоски, Дени Крстев и Раде Јордановски пренесуваат длабоки и силни пораки за љубовта, но и за животот.
Пандемиската магла што ја покриваше секоја можност за нормален културен настан полека се крева и на виделина излегуваат музички бисери што веќе ги открива целиот регион. Како повод за разговор со Васко Атанасоски ни послужи мини-турнејата на „21 век“ и Дина Јашари во Хрватска и во БиХ, а целта ни е да опфатиме што повеќе моменти од тоа што се случило во изминатиот период, но и од тоа што следува.
Неодамна се вративте од мини-турнеја во регионот, а убав одзив имаше од настапот во клубот „Два осум“ во Загреб, Хрватска. Бевте и во Босна и Херцеговина. Практично, каде сѐ настапивте во рамките на турнејата и какви чувства донесовте по враќањето?
Убаво беше чувството да се настапува на неколку концерти по ред после подолго време на присилна хибернација. Покрај настапот во Загреб, кој беше во склоп на прославата на годишнината на порталот „Равно до дна“, свиревме во Приједор, Босанска Градишка и во Мостар. Повеќе од две години трае агонијата на ограничено и регулирано движење и однесување, така што овие настапи ме потсетија колку убаво ми беше некогаш, кога свирев и по 100 концерти годишно. Вака останува чувството на недореченост во однос на иднината затоа што секогаш е тука реалноста да нѐ потсети дека пандемијата сѐ уште постои. Згора на сѐ, тука се и војната и економската криза, кои добиваат сѐ поголеми и поостри заби.
Заедно со вас настапуваше и младата Дина Јашари. Кога и како се случи спојот со неа?
За многумина нашата љубов кон Дина е несфатлива. Според мене, Дина е човек и авторка која недостасуваше во Македонија и во регионот, а сето тоа е поради нејзиниот неисцрпен талент и лична добрина. Ме воодушевува леснотијата со која ги прави и изведува песните. Инаку, спојот со неа се случи спонтано откако дознавме дека и од наша и од нејзина страна постои почит за музиката што ја правиме. Откако бевме заедно повикани во Загреб, ние ја поканивме да ни се придружи и во Босна и Херцеговина. Беше задоволство да се патува со неа и Лука Тошев. Нѐ подмладија малку, ни делуваа како еликсир на младоста, а ние ним како ладна пица заборавена наутро после бурна ноќ. Ладна, но секако нема да се фрли и можеби ќе биде убав појадок.
Настап на „21 век“ и Дина Јашари во клубот „Два осум“ во Загреб / Фотографија: Томислав Спориш
Албумот „Си нацртав живот“ излезе во 2021 година, но колку време функционирате како бенд „21 век“ и колку албуми веќе објавивте?
Тоа е нашиот трет албум. Снимен е во „Студио 1060“ на Дени Крстев во Ѓорче. Издаден е за „Пасворд продукција“. Ние сме група што е дизајнирана да биде кршлива и силна во исто време. И, ете, веќе четири години рамноправно и заеднички со Дени Крстев и Раде Јордановски делиме и добро и лошо. Убаво ми е во „21 век“.
Хитот „Ужасно ми фалиш“ високо се искачи на регионалните листи освојувајќи второ место за песна на годината за 2021 година на Балканот. Што тоа лично (како бенд) ви значи?
Штета што не бевме на прво место! Секако дека ни значи кога нашата музика ја сакаат луѓе ширум Балканот. Пееме на македонски, но емоциите изгледа имаат јазик разбирлив за сите.
Според музичките асоцијации „Импала“ и „Рунда“, бендот е вброен во 100 најнадежни независни музичари во Европа. Како во себе го чувствувате потенцијалот за музичка креација?
Ме радува кога луѓето преку нас гледаат надеж. Ние сме машина за правење песни, така што често потенцијалот го материјализираме и го правиме видлив. Ете, некој тоа го забележува, а тоа е доволен поттик за нас да не се откажуваме од мисијата да ги свириме и пееме нашите песни за луѓе што сакаат да ги слушнат. Така заедно со нашата публика правиме музиката да биде само уште едно име на љубовта.
Мислам дека на прсти можат да се избројат концертните настапи на „21 век“ во текот на минатата година („Д-Фест“, „Кокино“, МКЦ – Музички блок). Зошто е тоа така? Чувствувате ли потреба почесто да ве гледаме во живо?
Токму така, нашите настапи (но и настапите на колегите) минатата година можат да се избројат на прсти, и тоа на едната рака. Причините се делумно добро познати на сите, а тоа се ковид-рестрикциите, нашата неангажираност на тоа поле, како и многу лични фактори. Работиме на случајот, така што оваа година можете да очекувате повеќе песни од „21 век“ изведени во живо наоколу.
Во биографијата на групата стои дека е составена од членови на поранешните групи „Bernays Propaganda“, „ХАХАХА“, „FxPxO“ и „My Tear“. Колку за овие групи дефинитивно можеме да зборуваме само во минато време?
„Бернејс пропаганда“ не свират повеќе од година и пол, „ХАХАХА“ осум, а „FxPxO“ четиринаесет години. Дефинитивно тоа се групи што веќе активно не постојат. Прекрасно беше чувството да се биде дел од нив, но сега единствената група во која членувам е „21 век“. За „My Tear“ треба да го прашате Дени, но колку што знам имаат еден куп нови убави песни.
Какви се плановите на „21 век“ за оваа 2022 година?
– Неблагодарно е да се планира во последно време, но секако, сакаме да ги објавиме нашите албуми на винил, да напишеме нови песни и да свириме наоколу колку што е можно повеќе. И, секако, да ни биде убаво.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Томислав Спориш