Овој прочуен град во подножјето на Сиера Невада, меѓу реките Даро и Хенил, е познат како последното упориште на шпанските Маври. Гранада е опсипана со нивното културно присуство, тоа едноставно се чувствува на секое ќоше, во секоја уличка. Симболот на градот е калинката, а живите и бучни квартови на градот се секогаш подготвени широкоградо да ве пречекаат со тапас, весел разговор и по некое пиво. За ова запознавање со магијата на Гранада, нудиме неколку одредници што се must see и must do ако некогаш одлучите да се запознаете со срцето на Андалузија 🙂
Алхамбра
Се разбира, главната асоцијација за Гранада е светски познатото здание што е симбол на архитектурата на Маврите – Алхамбра. Алхамбра (арапски назив за црвена боја) го добила своето име по црвената боја на тулите од кои е изградена во периодот меѓу 1238 и 1358 година. Алхамбра е прекрасен комплекс составен од згради и градини. Патеките покрај кои има многу дрвја обезбедуваат пријатна сенка и свежина, а уживањето е уште поизразено поради изобилството на вода од околните извори. Алхамбра всушност била најголемиот политички и аристократски центар на муслиманскиот запад. Просториите на палатата се состојат од прекрасни правоаголни дворови и многубројни фонтани, како и згради што служеле како станбени простории за монарсите и нивниот персонал. Најстарата градба е тврдината Алказаба. Една од најважните структури е кулата Ла Вела, која ќе ви го понуди еден од најубавите погледи на Алхамбра. Задолжително мора да се види Дворот на лавовите, кој со своите фонтани е еден од најубавите во комплексот.
Катедралата на Гранада
Ова ремек-дело на шпанската ренесанса што се провлекува во делата на многу писатели и историчари било изградено во времето на кралицата Изабела, и тоа на местото на некогашната главна џамија. Катедралата ќе ве маѓепса со својата готска надворешност. Иако биле потребни повеќе од 180 години за да се изгради, величествената катедрала во Гранада сè уште не е завршена: нејзините првични планови вклучувале две кули од 80 метри, но била започната само една, па дури и таа останува полузавршена. Сепак, нејзиниот хармоничен спој од архитектонски стилови ја прави да биде еден од најграндиозните споменици во јужна Шпанија.
Арапскиот кварт Албајцин
Тука ќе го доживеете вистинскиот арапски печат на градот, во однос на архитектурата, но и во однос на самата култура. За Македонците ова можеби не е некое спектакуларно откритие, бидејќи ние ги имаме нашите чаршии како пресек на ориентот и европското, но за другите странци – квартот е нешто воодушевувачко. Дозволете да ве понесе духот на тесните улички, кои ги раскажуваат наталожените приказни од многувековната историја на Гранада. Некои велат дека Албајцин ги нуди најубавите зајдисонца со поглед кон Алхамбра, па ентузијастите со фотоапарат можат да го искористат овој кварт за да направат убави фотографии.
Фламенко во Сакромонте
Не смеете да ја напуштите Гранада без звуците на фламенко, најпознатиот шпански музички стил, кој е занимлив спој на арапската, еврејската и христијанската култура. Најавтентичното фламенко чувство ќе го добиете во познатата ромска населба Сакромонте, која буквално пулсира во жарот на оваа страсна музика, воедно раскажувајќи ја нејзината бурна историја низ годините.
Mанастирот Картуха
Манастирот Картуха (официјално познат како „Monasterio de Nuestra Señora de la Asunción“) се наоѓа во северниот дел на Гранада. Манастирот со посебен ентериер во барокен стил датира од 1506 година, но во сегашната состојба бил завршен дури три века подоцна. Како резултат на тоа, манастирот има и готски и ренесансен стил во деталите и доработката. Манастирот Картуха бил населен од Картузијанците до 1835 година; овие монаси живееле како пустиници во манастирот следејќи многу строги учења. Поголемиот дел од времето го поминувале во молитва и дале строги завети за молчење и пост.
Драган А.