Нејзините скулптури, перформанси и фотографии уште од втората половина на минатиот век го предизвикуваат светот доминиран од мажите на отворен уметнички двобој и ја изразуваат состојбата на нејзиниот ум. Нејзината работа ја постави Кусама во центарот на њујоршката авангарда, каде што и живеела од 1958 до 1975 година и била една од пионерките на поп, перформанс и на инсталациската уметност. Во својата автобиографија таа вели: „Дајте ми го Пикасо, дајте ми го Матис, кого било. На сите ќе им се спротивставам само со една полка точка.“
Интересот на Кусама за повторувачки форми го достигнал врвот со нејзините „Акумулации“ од 60-тите години на минатиот век, кои честопати содржат платна и предмети преполни со повторувачки визуелни мотиви.
Многу куратори и критичари се согласуваат дека во овие фалуси има феминистички поттонови. Други велат дека феминистичкиот коментар не бил целосно намерен и наместо тоа предложиле психолошки контекст, потпирајќи се на изјавите на Кусама за тоа како овие делови произлегуваат од нејзиниот страв од секс и особено од машки гениталии. Сепак, други куратори сугерираат дека делата може да имаат нешто заедничко со современиот развој на настаните во светот на поп-уметноста.
Едно од нејзините први тродимензионални дела, Акумулацијата број 1., произлезе од нејзините слики „Infinity Net“. Таа подоцна ја опиша Акумулацијата број 1. како олицетворение не само на нејзиното опсесивно-компулсивно растројство, туку и на други психолошки сили, како сексуалните нервози. „Како опсесивен уметник, се плашам од сè што гледам“, објасни таа.
Делото „Соба со бесконечни огледала“ ги спојува нејзиниот интерес за повторувачки форми, сексуалното истражување, психологијата и перцепцијата преку исполнување просторија од околу 25 квадратни метри со дебел тепих од фалуси камуфлирани со полка точките, кои се нејзин заштитен знак. Посетителите биле охрабрени да влезат во собата и да комуницираат со целокупната околина, при што нивниот одраз се повторувал бесконечно наспроти полето со чудни сензуални форми. Искуството, како што напишала кустосот Кетрин Тафт, создало еден вид „психосексуална средба со сопственото тело и слика“.
Кусама смета дека просторијата е манифестација на „долго негуваниот сон“ што треба да биде сублимиран од нејзината сопствена уметност. Таму, таа влегла во просторот што постоел надвор од секојдневниот живот и од психолошката траума: „Како Алиса, која помина низ стаклото, јас, Кусама (која живеам со години во мојата позната, специјално изградена просторија целосно покриена со огледала), отворив свет на фантазија и слобода“, напишала подоцна.
Од 1965 година, Кусама создала повеќе од 20 вакви соби, вклучително и една за јапонскиот павилјон на Биеналето во Венеција во 1993 година.
Полка точките се најпознатите мотиви на Кусама, но тука некаде се и тиквите. Тие се многукратно исечени во цртежи, слики, скулптури и инсталации во текот на нејзината кариера. Во 70-тите години на минатиот век, тиквите се појавиле во нејзината работа како средство за спојување на апстракцијата и репрезентацијата. „Обожавам тикви поради нивната смешна форма, топлото чувство и речиси човечките својства што ги имаат“, објасни таа во едно интервју во 2015 година. Оттогаш, тие станаа синоним за Кусама и за нејзината уметност. За време на нејзината инсталација на Биеналето во Венеција во 1993 година, таа им подели на посетителите мали скулпторски тикви. Во поново време, таа ги репродуцираше тиквите во форма на сјајни, масивни скулптури, покриени со нејзините полка точки. Една од најголемите и највпечатливите верзии се наоѓа во нејзината родна Јапонија, во Наошима.
„Со уништување на своето индивидуално јас, можеш да се вратиш во бесконечниот универзум“, објасни Кусама во 1999 година. Со други зборови, уништувањето му нуди на уметникот пристап во фантастичен, неограничен свет. Таа ја истражила оваа идеја во филмот од 1967 година направен со Џуд Јалкут. Во него, таа ја трансформира својата околина и сопственото тело со точки, сите поставени на психоделичен саундтрак.
Во краткиот филм, Кусама е нешто како водач на здружението, со што ги зближува луѓето, животните и околината помазувајќи ги со мали кругови. Јава коњ со точки додека носи наметка со точки; влегува во езеро, каде што покрива платно со кругови; се приклучува на племе на луѓе преполни со точки. „Јас сликам полка точки на телата на луѓето и со тие точки, луѓето ќе се самоуништат и ќе се вратат во природата на универзумот“, напишала подоцна во својата автобиографија.
Драган А.