Таков пример е и Bloom. Bloom е македонски бренд основан од две девојки, Андријана Васиќ и Бисера Крстевска. Tие рачно произведуваат веганска и природна козметика и ја пакуваат во еколошки амбалажи. Нивните производи не содржат вештачки адитиви и се 100% природни, органски и одржливи. Погодни се за користење за сите возрасни групи.
Тие велат: „Како што се грижиме за она што го ставаме на кожата, така се грижиме и за отпадот што го оставаме во природата, па затоа нашите стаклени амбалажи се повратни и може да ни ги вратите при наредна нарачка, со што добивате и симболичен попуст.“
Bloom постои повеќе од три години на пазарот и засега изработуваат сапуни, шампони, крем-дезодоранси, кремови за лице, путери за тело, пилинзи за тело, лице и усни, балсами за усни, шумливи купки, мелеми од наши локални билки и крем за сончање, но палетата на производи им и е во постојан раст и наскоро ќе можете да видите и нови изработки, а производите можете да ги погледнете на нивните Фејсбук (bloom.natural) и Инстаграм (bloom.mk) страници.
Како произлезе идејата за брендот во кој е застапена првата македонска природна, веганска и рачно изработена козметика?
Создавањето на Блум се случи сосем спонтано. Како љубители на сѐ што е природно, уште одамна почнавме сами да си ја изработуваме козметиката што ја користиме, најмногу поради тоа што така можевме навистина да бидеме сигурни што ставаме на нашата кожа, да бидат тоа природни производи што би можеле да си ги дозволиме финансиски. Потоа почнавме да ги подаруваме на роднини и на пријатели и набрзо веќе имаше луѓе што нѐ прашуваа дали може да ги купат нашите производи, па така и почнавме да размислуваме во таа насока. Сфативме дека имаме нешто што навистина може да донесе промена и да ја направиме природната козметика достапна за сите.
Како тече процесот на изработка на производите, како ги избирате состојките и дали е тешко да се најде тоа што ви е потребно за работа?
Производите се рачна изработка. Секој производ е поединечно изработен со многу љубов и внимание. Сметаме дека енергијата со која ги изработуваме е многу важна, па затоа целиот процес се одвива во мирна средина и медитативна состојба. А, што се однесува на техничкиот дел од изработката, производите ги добиваме исклучиво по пат на ладен процес, со цел да ги задржиме сите хранливи вредности од состојките. Состојките ги избираме врз основа на нивниот квалитет и начинот на кој се растени/создавани. Сѐ она што можеме да го најдеме локално, го купуваме од наши производители, некои од билките ги растеме и ги береме самите ние, а потоа си произведуваме и масла од нив. Кога почнувавме со работа, беше потешко да се снајдеме за сите билки што ни беа потребни, меѓутоа сега соработуваме со повеќе локални производители што нѐ снабдуваат со потребните билки и масла.
Постои ли свест и интерес кај македонските консументи за овој вид козметика?
Од нашето досегашно искуство, можеме да кажеме дека бројот на луѓе што се отворени за промена и враќање кон природата е доста голем и постојано расте. Не само што се грижат што ставаат на својата кожа, туку се грижат и за природата, рециклираат и го сведуваат отпадот од домаќинствата на минимум. Полека, но сигурно, учиме дека на околината можеме да влијаеме само ако самите го живееме и го правиме она што сакаме да го видиме во светот, поставувајќи пример што може да ги инспирира и луѓето околу нас да посакаат да направат промена.
Колку е важно да се насочиме кон потрошувачка на производи од локални производители?
Купувањето локални производи е од големо значење за сите нас. Купувајќи од локални производители, директно им помагаме на семејства да се одржуваат финансиски и да продолжат да создаваат, помагаме за градење постабилно општество и економски посилна заедница. Знаеме дека парите што ги трошиме не завршуваат некаде каде што не се ни потребни, туку дека помагаат некому да донесе храна на маса, да плати сметки или да ги школува децата.
Со зајакнување на локалното производство, вложуваме во креативната енергија и ги охрабруваме и ги инспирираме и другите да почнат да создаваат, да ја изразат својата креативност и да ги споделат своите идеи, да видат дека е возможно финансиски да се одржуваат работејќи го она што навистина го сакаат. Така почнуваме да градиме силно општество, со исполнети луѓе што не се плашат да ги следат своите соништа.
Кој производ би го издвоиле како ваш мастерпис?
Хм, невозможно е да се одбере еден производ кога сите ги создаваме со голема љубов и ентузијазам. Можеби би можеле да кажеме дека ни е посебно драго што сме ги создале крем-дезодорансите, затоа што ги користат многу жени и девојки со рак на дојка, кои не смеат да користат хемикалии или производи што ги затвораат порите.
Каде може да ги најдеме вашите производи?
Нашите производи засега може да ги најдете и да ги нарачате на нашата страница, работиме со достава низ целата држава. Често присуствуваме и на базари за рачна изработка каде што можете да нѐ посетите и да ги видите и пробате нашите производи, за сите детали околу базарите редовно известуваме на нашите социјални мрежи. Можете и да ни пишете доколку имате некакви прашања, отворени сме за комуникација и се трудиме секому да му помогнеме да го најде соодветниот производ за својата кожа.