Кој знаеше што е „исправување на кривата“ пред една година? Кој се занимаваше со антитела? Бидејќи светот денеска е глобално село, голем број од зборовите и од изразите што се користеа во англиското говорно подрачје, поради технологијата и социјалните мрежи стекнаа одомаќинет статус и во нашиот говор. Па, така светот создаде еден цел пандемиски сленг што се надеваме дека брзо ќе ни исчезне од употреба. Да се потсетиме колку бевме креативни во смислувањето и употребата на нови изрази и зборови во пандемискиот период преку конкретни примери од ковид-речникот.
Ковидиот
Не сакате да бидете ковидиот. Овој термин со пејоративно значење се користи за луѓето што не ја сфаќаат пандемијата сериозно, па често се однесуваат невнимателно и го загрозуваат здравјето на луѓето. Очигледно станува збор за кованица од зборовите „ковид-19“ и „идиот“. Зборот стигна и до некои официјални лица, кои го употребуваа за ги означат патниците што не ги почитуваат протоколите за патување во време на пандемија.
Рона
Овој назив е обид за персонификација на коронавирусот. Во сленгот, овој назив се одомаќини со скратување на зборот, па дури и со забавни додатоци како госпоѓица Рона. Но, ни тогаш не беше забавно, нели?
Coronacation (корона-одмор)
Овaa англискa кованица буквално ја освои целата планета заедно со сличната на неа – staycation. Во деновите на социјално дистанцирање, особено во летниот период, на луѓето им беше потребно да го канализираат незадоволството од престојот во изолација, па веројатно им олеснуваше кога ќе кажеа дека го користат својот coronacation по дома. Се надеваме дека ова лето ќе го отфрлиме првиот дел од зборот.
Doomscrolling
Уште еден англиски збор. Сите го правевме тоа – скролавме на социјалните мрежи до бесвест за да читаме сè поужасни и поужасни вести за дистопијата низ која поминувавме, сè до моментот кога многумина од нас решија да ги деактивираат своите профили за да се одморат од црните мисли. Всушност, тоа е добар тераписки метод и за постпандемискиот период 🙂
Карантини
Кованица од карантин и мартини. Да, тоа е она мартини (или кој било друг алкохолен пијалак) што го пиевте дома во карантин, во четири ѕида, со ментална проекција дека сте во некој beach bar, на некој покрив или ресторан. Некои луѓе си правеа и виртуелен happy hour, па пиеја карантини со друштво на Zoom.
Зумбомбардирање
Ова се случува кога интернет тролови или хакери ќе упаднат на состанок на Zoom и ќе уфрлат содржини што се непријатни за гледање. Властите во некои земји дури мораа да поведат истраги за одредени зумбомбардери.
Коронабебе
Тоа се бебињата што ќе се родат во 2021 година. Некои земји низ светот веќе бележат пораст на новороденчињата како резултат на пандемискиот период и времето што паровите го поминаа дома.
Zumping
Ова е dumping (откачување, раскинување) преку Zoom. Терминов не се однесува само на прекин на романтична врска, туку може да се користи и за прекин на работен однос преку оваа платформа.
Koвид-забава (COVID Party)
За жал, не беа урбани легенди туку реалност. И кај нас и во странство беа регистрирани вакви забави, а дел од нив успешно разбиени.
Новото нормално
Уште еден израз што доби вирална употреба во пандемискиот период, а ги означува новите стандарди и норми во секојдневието наметнати од потребата да си го заштитиме своето и здравјето на другите.