Иако повеќето од нив се занимаваат со теми блиски до неговата родна Ирска односно историјата, културата, политиката и конфликтите, сепак кај повеќето преовладуваат ликови што триумфираат во однос на околностите во кои се нашле – лични и политички. Тој е еден од гостите на овогодишното издание на
Филмскиот фестивал „Манаки“ како претставник на Европската филмска академија (ЕФА) и одржа
и мастер предавање во рамките на фестивалот каде што и го реализиравме ова интервју.
Првично Вие долго работевте во доменот на театарот пред да почнете да работите на
филмовите. Што беше тоа кај филмот што Ве привлече за да почнете да се занимавате со него?
Претходно имав работено со театарот околу 20-25 години и отсекогаш сум сакал да работам
филмови и тоа стана потреба бидејќи не можев да се издржувам себеси само од работата во
театарот. Тоа беа мали театри. Тогаш добив можност да напишам филмско сценарио и тука
започна сè.
Театарот беше важен за Вас бидејќи за време на тој период Вие запознавте и соработувавте со
луѓе со кои ќе соработувате понатаму на разни проекти: режисерот Нил Џордан и Боно од „U2“.
Ирска е, знаете, мала земја и се запознавате бргу со сите што се дел од уметничката заедница. Со
Нил се запознав уште во времето кога беше на колеџ и тогаш ме праша да глумам во една
претстава. Така се запознавме. Ние и соработувавме заедно во театарот и во далечната 1971
година напишавме текст за претстава „Journey of the Hole“.
Боно го запознав за првпат кога имаше 17 години во театарот со кој управував во тоа време.
Неговиот бенд го остававме да настапува за време на викендите. Ние бевме група лудаци и Боно
се вклопи совршено, и веќе многу долго време сме пријатели. Таму имаше еден глумец што го
учеше за техники на мимиката и мислам дека тоа му помогна многу за сценските настапи
подоцна. Тој ја напиша музиката за филмот „Во името на таткото“, а подоцна бендот ја напиша
песната „Winter“ за филмот „Браќа“.
Како ги избирате темите во Вашите филмови? Како се одлучивте да го снимите „Моето лево
стапало“? Успехот на овој филм му го претстави талентот на Даниел Деј Луис на светот.
Тоа беше брат ми Питер кој ме запозна со приказната и напиша текст за претстава базирана на
книгата на главниот лик Кристи. Дури и самиот Кристи еднаш дојде на една од претставите.
Тоа се случи 10 години пред самиот филм и отсекогаш ме интересирала приказната за тој човек.
Не ме привлече неговата физичка попреченост колку што беше неговата духовна состојба. Тој
беше емотивно повеќе попречен отколку физички. И трагав по неговата вистинска личност.
Како почнавте да ја вметнувате политиката како тема како во филмовите што дојдоа потоа како „Во името на таткото“ и „Боксерот“?
Нас, кои сме од Ирска, политиката отсекогаш нѐ интересирала. Не може а да не сте
заинтересирани за политика. Политиката остава последици. Кога сте голема земја, вие си ја
задржувате вашата моќ, но помалите земји се политички свесни после сите процеси. Ирците се
повеќе политички свесни бидејќи толку многу процеси се случуваат и сѐ уште влијаат врз
секојдневието.
Дали може да зборувате за односот со Даниел Деј Луис? Тој глумеше во три филма што се
важни за Вас и за Вашето реноме како автор.
Тој е одличен глумец. Нему му се судени тие водечки улоги во филмовите. Неговата моќ е
огромна и интензитетот што избива од него го одзема здивот. Технички, тој е најдобриот актер во
светот денес. Даниел комбинира многу работи што делуваат како камења по кои чекориме и ги
градиме филмовите врз тоа. Има магија во сѐ што и да прави. Уште од самиот почеток се
спријателивме и сме многу добри пријатели. Тој добар пријателски однос со Даниел сѐ уште трае.
Веќе подолго време работите на следниот филм, кој се однесува на уривањето на британскиот
авион кај Локерби од крајот на 80-тите, што е уште еден инцидент од конфликтот помеѓу
западниот и источниот свет.
Сега од оваа тема ќе биде серијал од 16 епизоди. Станува збор за татко чија ќерка ќе загине во
авионот кај Локерби и ќе патува во Либија во потрага по човекот што наводно го сторил овој
терористички чин во обид да ја открие вистината. Во меѓувреме се случува „Арапската пролет“ и
многу работи во тој свет.
Колку е денес полесно или потешко да се реализираат овој тип филмови што Вие ги правите?
Иако често темите се поврзани за Ирска или за земјите каде што Ирците мигрирале, сепак
станува збор за работи што можат да се препознаат и во други поднебја.
Мислам дека денес е тешко да се најдат средства за финансирање филмови со теми како „Моето
лево стапало“. На инвеститорите им е проблем да финансираат вакви филмови бидејќи тие се во
конкуренција со сѐ поголем број блокбастери што носат огромен профит.
Ненад Георгиевски
фотографии: 40. ICFF Manaki Brothers / 40. ИФФК Браќа Манаки